Свет
Десет убиени во напад во Пакистан
Најмалку десет исламистички бунтовници се убиени во саботата наутро во напад на американско беспилотно летало во племенскиот паштунски регион на Пакистан во близината на авганистанската граница, соопштија пакистански безбедносни извори.
Како што пренесува AFP, беспилотното летало истрелало две ракети коишти уништиле комплекс на бунтовниците во местото Шавал, на 70 километри западно од Мираншах, главен град на провинцијата Северен Вазиристан, позната како упориште на талибаните и милитантите поврзани со Ал Каеда.
„Американското беспилотно летало истрела две ракети врз комплексот. Убиени се десет бунтовници“, изјавил претставник на безбедносните служби на Пакистан.
Уште двајца пакситански функционери на безбедносните служби во Мираншах го потврдиле нападот и бројот на загинатите. Според нив, бунтовниците комплексот го користеле за милитантна обука.
Press TV пишува дека во пакистанското министерство за надворешни работи бил повикан политичкиот советник во американската амбасада во Исламабад, Џонатан Прат, кому му бил поднесен формален протест поради нападот на американско беспилотнно летало на крајот од април, во кој загинале тројца цивили.
Според претставникот на пакистанска невладина организација за човекови права, адвокатот Шахзад Акбар, во текот на изминатите седум години убиени се меѓу 2.800 и 3.000 лица во напади на американските беспилотни летала.
„Над 2.800 цивили чиј идентите не е познат се убиени, а биле убиени само под соменние дека се милитанти“, вели Акбар.
Официјален Исламбад декларативно се спротиставува на овие напади протестирајќи дека тоа е кршење на пакистанскиот суверенитет, но аналитичарите сметаат дека станува збор за договор меѓу двете влади. Покрај тоа, пакистанската влада предупредува дека со ваквите напади во кои неретко страдаат и цивили, може да се предизвика и анти-американско расположение кај локалното население во паштунските племенски област што ќе ја зајакне позицијата на талибаните и радикалните исламисти. Вашингтон одбива јавно да зборува за употребата на беспилотните летала, но пакистански разузнавачки и владини претставници велат дека во овие напади досега се убиени неколку високи членови на Ал Каеда и талибански водачи.
Бројката напади што ги извршува САД со беспилотни летала во северозападниот дел од Пакистан е во постојан пораст. Така, според извештаите на медиумите, во 2010 година американските сили извршиле 115 напади во оваа област, при што загинале најмалку 670 луѓе. За споредба, во 2009 година имало 45 воздушни напади во кои загинале речиси 420 луѓе. Севкупно, според различни процени, од август 2008 година во северозападниот дел на Пакистан за време на бомбардирањето на беспилотните летала се убиени повеќе од 1.200 луѓе меѓу кои и неколку влијателни лидери на милитантите.
САД ги засили нападите со беспилотни летала, откако на 30-ти декември 2009 години бомбаш самоубиец уби седум агенти на CIA во нивната база во источната авганистанската провинција Хост. Американските власти сметаат дека овие напади се најефикасното оружје против Ал Каеда и талибаните кои се засолнуваат во тешко достапните паштунски племенски региони во високите планини меѓу Пакистан и Авганистан.
Пакистанското министерство за човекови права, во меѓувреме побара од владата за овие, како што беше наведено „вонсудски ликвидации“ да поднесе жалба до Обединетите нации и другите меѓународни тела./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

