Свет
Египетската армија ликвидирала 40 екстремисти на Синај
Единици на египетската армија ликвидирале 40 припадници на екстремистичките организации во масивна операција чија цел е враќањето на безбедноста во северниот дел на Синајскиот полуостров, пренесоа во четвртокот локалните медиуми повикувајќи се претставник на воената команда.
„За време на вооружените судири во северниот дел на Синај, беа убиени 40 милитанти, додека десетици беа ранети, а повеќе од 30 членови на екстремистички групи се заробени“, соопштил претставник на армијата на Египет. Додал дека операцијата за уништување на главните бази на екстремистите и поддржувачите на криминалните групи на полуостровот продолжува.
Заедно со припадниците на египетската полиција, комбинираните безбедносни сили биле насочени на запленување оружје од локалното население, а биле откриени и магацини за оружје и муниција.
Во четвртокот наутро, инаку, во провинцијата Северен Синај, пристигнало засилување од неколку единици на Втората армија на Египет, постојано стационирани во континенталниот дел од земјата, во непосредна близина на Синај.
Во неделата, исламистичките екстремисти ја нападнаа караулата Карм Абу Салем на Синајскиот полуостров во близина на градот Рафах на границата со Израел. Во нападот на контролниот пункт загинаа 16 египетските војници, а уште седум беа ранети. Во средата новечер вооружени лица повторно нападнаа неколку контролни пункта на армијата во северниот дел на Синај, при што беа ранети неколку војници.
Според египетското министерството за внатрешни работи, нападот врз контролниот пункт во близината на Рафах е изведен од страна на членовите на екстремистичката група Ал-Џихад и организацијата Покајание и хиџра коешто има свои поддржувачи меѓу домородното население на полуостровот Синај. Групата којашто ја нападнала караулата броела 35 лица, меѓу кои и Палестинци кои на Синај преминуваат преку подземни тунели кои водат од палестинската енклава во појасот Газа.
По нападот, Врховниот совет на вооружените сили на Египет најави почеток на операција против екстремистите на Синајскиот полуостров, во која се вклучени единици на копнените и на воздухопловните сили, како и специјални сили, во координација со египетската полиција./крај/рн/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тимошенко ги негира обвиненијата и го обвини Зеленски: „Украина е под фашистички режим“
Поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко на рочиште пред Врховниот антикорупциски суд на Украина ги негираше сите обвиненија против неа и изјави дека земјата се наоѓа под „фашистички режим“.
Судот ѝ изрече мерки на Тимошенко, која неодамна беше уапсена во акција на Националното антикорупциско биро на Украина поради сомнежи за тешка корупција.
Судијата одлучи Тимошенко да биде пуштена на слобода со кауција во износ од околу 655.000 евра.
Според наводите на NABU и Специјалното антикорупциско обвинителство, Тимошенко се сомничи дека нудела мито на поголем број пратеници од Врховната рада од други политички фракции, со цел тие да гласаат за или против одредени законски предлози.
Во соопштението на NABU се наведува дека станува збор за лидерка на парламентарна фракција која се обидела да влијае врз законодавниот процес преку „недозволени користи“. Доколку ѝ биде докажана вината, ѝ се заканува затворска казна од пет до десет години, како и можна конфискација на имот.
Покрај кауцијата, судот ѝ изрече и дополнителни мерки: ѝ е забрането да ја напушта Киевската област без дозвола од истражителите, обврзана е да носи електронска алка, да го предаде пасошот, како и да не комуницира со повеќе десетици пратеници.
Рочиштето се одржа на 16 јануари пред судијата Виталиј Дубас. Поранешната премиерка се појави во придружба на адвокатите и претставниците на обвинителството. Пред почетокот на рочиштето, Тимошенко ги отфрли сите обвиненија, тврдејќи дека „не е сторено никакво кривично дело“ и дека не постојат законски основи за изрекување какви било мерки.
Во изјава за новинарите, таа отиде и чекор понатаму, наведувајќи дека Украина, според неа, се наоѓа под „фашистички режим“, повторувајќи наратив што Москва го користи во обидите да го делегитимира претседателот Володимир Зеленски и актуелната власт.
Тимошенко порача дека не планира да ја напушти Украина додека, како што рече, не се ослободи од „бандата што ја презела власта“. Таа додаде и дека истражителите претходно, во текот на ноќта и без судска наредба, упаднале во нејзиниот дом, по што бил извршен претрес и во седиштето на нејзината партија.
„Ова е 1937 година“, изјави Тимошенко, алудирајќи на сталинистичките политички прогони.
Свет
„Не го чепкајте Гренланд“: Масовни протести во Данска и Нуук против плановите на Трамп
Големи протести против најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, вклучувајќи го Копенхаген, како и во гренландската престолнина Нуук.
Илјадници луѓе најавиле учество на протестите во Данска и на Гренланд, на иницијатива на неколку гренландски организации. Организаторите наведуваат дека целта е да се испрати јасна порака за почитување на демократијата и основните човекови права на Гренланд.
Протестите се организираат и поради присуството на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген, со намера гласот на Гренланѓаните да биде слушнат. Трамп и натаму тврди дека САД мора да воспостават контрола врз стратешки важниот арктички остров, повикувајќи се на руски и кинески интереси во регионот.
Неговиот советник Стивен Милер изјави дека Данска не може сама да го брани Гренланд, додавајќи дека САД не сакаат да трошат милијарди долари за негова одбрана без контрола врз територијата.
Протестите следуваат по неодамнешна средба во Вашингтон, на која данските власти признале дека во моментов нема простор за договор со САД за иднината на автономниот регион. Во меѓувреме, повеќе европски земји најавија распоредување воен персонал на Гренланд во рамки на данска вежба, организирана од сојузниците на НАТО.
Свет
Рубио, Блер и Кушнер во Одборот на Трамп што ќе ја надгледува привремената управа во Газа
Белата куќа објави дека формирала таканаречен „Одбор за мир“, кој според планот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја надгледува привремената управа во Појасот Газа, и покрај кревкото примирје што е во сила од октомври.
Меѓу членовите се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Трамп ќе претседава со Одборот.
Во „основачкиот извршен одбор“ се и милијардерот Марк Рован од „Аполо Глобал Менаџмент“, претседателот на Светската банка Ајај Банга, како и поранешниот пратеник на ОН за Блискиот Исток Николај Младенов, кој ќе има улога на висок претставник за Газа.
Белата куќа соопшти дека секој член ќе надгледува посебен сектор за стабилизација и долгорочен развој на Газа – управување, регионални односи, обнова, инвестиции и финансирање. За командант на Меѓународните стабилизациски сили е именуван генерал-мајор Џаспер Џеферс.
Експерти за човекови права го критикуваат планот, оценувајќи дека ваквиот модел наликува на колонијална структура. Објавата се совпаѓа со почетокот на работата на палестински технократски одбор за привремена управа во Газа, под надзор на овој совет.
И покрај примирјето, Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за прекршувања, а насилството во Појасот Газа продолжува.
Фото: Depositphotos

