Свет
Ирска повеќе не е мнозински католичка земја
Бројот на Ирци што се декларираат како католици за само седум години падна од 69 на 47 отсто, така што државата повеќе не може да се нарече мнозински католичка земја.
Од Ирците побргу во светот ја напуштаат религијата единствено жителите на Виетнам.
Многумина говорат дека најновата анкета на Галуп го покажува расположението на Ирците откако се откриени безброј случаи на сексуални злоставувања од страна на свештениците во државата која отсекогаш се гордеела со својот католицизам.
„Католичката црква, или барем нејзин дел, не може едноставно да претпостави дека верата автоматски ќе се пренесе од една генерација на друга“, рече даблинскиот надбискуп Диармуид Мартин.
Минатата година ирскиот премиер Енда Кени во својот говор жестоко го нападна Ватикан обвинувајќи го дека силувањето и мачењето деца го „криел под тепих“ заради чување на институцијата, нејзината моќ и репутација.
Портпаролот на ирската канцеларија за односи со јавноста на Католичката црква, коментирајќи ги најновите резултати рече дека „религијата не е игра со бројки“.
Според истражувањето на Галуп, најмногу луѓе ја напуштаат религијата во Виетнам, додека второто место го зазема Ирска, додека трета е Швајцарија. На светско ниво, 59 отсто од луѓето се религиозни, 23 отсто тврдат дека не се религиозни, додека 13 отсто се убедени атеисти. /крај/ин/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.