Свет
ОН загрижени за хуманитарната криза во Северна Кореја
Обединетите нации се многу загрижени поради хуманитарната криза во Северна Кореја, по поплавите и големите одрони на земјата предизвикани од силните врнежи во јули, изјави во понеделникот генералниот секретар Бан Ки-Мун.
Во поплавите загинаа 169 луѓе, 400 се водат за исчезнати , 212 илјади се раселени, а 650 квадратни километри обработлива површина се опустошени во Северна Кореја која инаку се бори со недостиг на храна, според официјалните податоци што ги објавија властите Пјонгјаг.
„ОН е многу загрижен поради хуманитарната ситуација на северот“, изјави генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун при неговата посета на соседна Северна Кореја.
„Во крајна линија, нé загрижуваат здравствените проблеми на малите деца и штетите коишто ги предизвикуваат сушата и неодамнешните поплави“, вели Бан, поранешен јужнокорејски министер за надворешни работи. Агенциите на ОН понудија „нужна помош и планираат да ја зголемат“, додаде генералниот секретар на ОН.
Тимови на ОН и на Црвениот крст ги посетија настраданите во покраината Северен и Јужен Пјонгјанг, на запад од Северна Кореја, поради процени на штетите и јавуваат дека на населението итно му е потребна вода за пиење, храна и лекови.
ОН во ноември минатата година објави дека итната помош во храна им е неопходна на три од 24-те милиони жители на оваа сиромашна комунистичка земја, којашто трпи санкции поради нејзиното пробно лансирање ракети со долг дострел и развивањето на нуклеарната технологија.
Инаку, Северна Кореја се соочува со хроничен недостиг од храна, а почвата е подложна на чести поплави поради неконтролираната сеча на шумите.
Пјонгјанг во април изврши пробно лансирање на ракета за којашто меѓународната заедница се сомнева дека има воена намена, иако севернокорејските власти тврдат дека станува збор за телекомуникациски сателит. Ова ги затегна уште повеќе и онака затегнатите односи меѓу двата соседа што го делат Корејскиот полуостров. Бан Ји-Мун во понеделникот, исто така, изјави и дека ќе работи на „смирување на тензиите на полуостровот и на помирување“ на капиталистичкиот југ и комунистичкиот во север кој од 1948 година со железна тупаница владее семејството Ким./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.
Регион
„Александар стигна до Индија, но се врати – време е да ветувањето да се оствари“, порача грчкиот министер говорејќи за сојузништво со Њу Делхи
Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас, изјави дека Индија станала незаменлив партнер за Европа, потенцирајќи го нејзиното растечко стратешко и економско значење за Европската Унија, а особено за Грција. Говорејќи на Форумот Индија–ЕУ 2026, Дендијас нагласи дека перцепцијата за Индија во Европа со текот на времето значително се променила.
„Во минатото Индија можеби беше сојузник кој беше убаво да се има, но не и неопходен. Денес Индија е неопходна“, оцени грчкиот министер.
Дендијас зборуваше и за Александар Велики. За Грците, како што рече, Индија на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се оствари, пренесе хрватски „Индекс“.
Осврнувајќи се на демографската слика во Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, тој рече дека „се потребни млади луѓе за да се пополни празнината“, и дека индискиот потконтинент, со оглед на неговата демографија, може да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа за, како што рече, „разградување на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна, можеби дури и мала големина. Па сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постоечките механизми на ЕУ, како програмата SAFE, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е за толку кратко време да се воспостават нови производствени линии и да се стартуваат погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу поважно, за што ќе треба време – а тоа е културата. Помладата генерација Европјани сè уште не ја сфаќа потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење за одбраната на она што Европската Унија го создала – простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, рече министерот.
На крајот, Дендијас изјави дека „во целост ја поддржува“ воспоставата на заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.

