Свет
Светска акција за поддршка на групата Пуси рајот пред пресудата
Во рамките на светската кампања за ослободување на членовите на руската панк група Пуси рајот се планираат демонстрации во повеќе од 20 градови ширум светот во петок, 17 август, еден час пред објавувањето на пресудата во рускиот суд.
Ќе бидат организирани акции за поддршка на бендот, во Париз, Берлин, Лондон, како и во Москва и Санкт Петерсбург, изјави за Франс прес еден од нивните бранители.Слични акции предвидени се и во Њујорк, Торонто, Мадрид, Барселона, Прага, Единбург и Даблин.
Во повеќето руски и европски градови оваа акција за поддршка ќе биде организирана во 100 часот по централноевропско време, односно еден час пред пресудата.
Надежда Толоконјикова, Марија Алјохина и Јекатарина Самуцевиќ се обвинети за хулиганство, односно за распламтување на меѓуверската омраза и навредување на чувствата на верниците поради акцијата во храмот Христос Спасител, во февруари каде испеале песна против рускиот претседател Владимир Путин.
Тие се во затвор повеќе од пет месеци, а обвинителството побара казна затвор од по три години.
Акцијата ќе биде одржана пред црквата Свето семејство во Барселона и пред руската амбасада во Лондон.
Во Париз протест ќе биде одржан на плоштадот Стравински, а исто така ќе бидат организирани протести во другите француски градови како што се Марсеј, Ница, Лион и Монпеље.
Во Њујорк протестите во петок ќе бидат организирани пред рускиот конзулат, а подоцна демонстрантите ќе заминат на Тајмс сквер.
Рускиот претседател Владимир Путин во изјава на почетокот на август рече дека девојките не треба да се осудат премногу строго.
Спорниот упад на групата Пуси Рајот во црквата предизвика жестока реакција на православната црква и многу свештеници и верници го осудија сквернавењето на катедралата и оценија дека се работи за напад врз црквата.
Од друга страна повици за ослободување на девојките веќе упатија повеќе светски политичари и ѕвезди, руски јавни личности, како и организации за заштита на човековите права.
Јоко Оно, вдовицата на Џон Ленон, веќе го повика рускиот претседател да ги ослободи девојките и се очекува Оно да им даде поддршка на девојките во Њујорк.
Повик за ослободување испрати и Мадона на концертот кој го одржа во Москва, и пејачите, Стинг, Пит Таусенд, Бјорк и Пет шоп бојс, како и германската министерка за култура Аурелија Филипети.
Членовите на бендот и нивните бранители, како што пренесува АП, сметаат дека одлуката зависи во целост од волјата на Путин, додека активистите се надеваат дека нивниот притисок ќе придонесе за ублажување на казната или нивно целосно ослободување./крај/бета/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.
Свет
„Само Трамп може да ја запре војната“ – украинскиoт министер повика на лидерска средба со Русија
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека само американскиот претседател Доналд Трамп може да ја запре војната и повика на директна средба меѓу украинскиот и рускиот лидер за да се решат најтешките прашања во мировните преговори. Според него, од мировниот план од 20 точки останале нерешени само неколку, но тие се „најосетливите и најтешки“ и бараат лидерска интервенција.
Сибиха изрази надеж дека напредокот во разговорите посредувани од САД ќе се искористи пред американските конгресни избори на есен, кои би можеле да го променат фокусот на Вашингтон.
Претходно, претседателот Зеленски откри дека САД предложиле војната да се заврши пред летото. Сè уште не е постигнат договор за прашањето на териториите и нуклеарната централа Запорожје, а бил предложен и план за „енергетско примирје“.
Регион
„Александар стигна до Индија, но се врати – време е да ветувањето да се оствари“, порача грчкиот министер говорејќи за сојузништво со Њу Делхи
Министерот за одбрана на Грција, Никос Дендијас, изјави дека Индија станала незаменлив партнер за Европа, потенцирајќи го нејзиното растечко стратешко и економско значење за Европската Унија, а особено за Грција. Говорејќи на Форумот Индија–ЕУ 2026, Дендијас нагласи дека перцепцијата за Индија во Европа со текот на времето значително се променила.
„Во минатото Индија можеби беше сојузник кој беше убаво да се има, но не и неопходен. Денес Индија е неопходна“, оцени грчкиот министер.
Дендијас зборуваше и за Александар Велики. За Грците, како што рече, Индија на некој начин е дел од „грчката митологија“.
„Александар Велики стигнал до границите на Индија. Таму неговите трупи се побуниле и морал да се врати во Македонија. Затоа, на некој начин, односот со Индија претставува ветување што никогаш не било исполнето“, изјави Дендијас, додавајќи дека сегашниот момент го гледа како можност тоа ветување конечно да се оствари, пренесе хрватски „Индекс“.
Осврнувајќи се на демографската слика во Европа, каде што растот на населението е речиси негативен, тој рече дека „се потребни млади луѓе за да се пополни празнината“, и дека индискиот потконтинент, со оглед на неговата демографија, може да биде еден од најдобрите извори за легални миграции.
Грчкиот министер во својот говор остро ја критикуваше Европа за, како што рече, „разградување на сопствената одбрана“. „Ние, Грција, сме земја со средна, можеби дури и мала големина. Па сепак, имаме повеќе тенкови од Обединетото Кралство, Франција, Германија, Луксембург, Белгија и Холандија заедно“, истакна тој.
Дендијас предупреди и на проблемите со постоечките механизми на ЕУ, како програмата SAFE, која условува сите проекти да бидат завршени и испорачани до 2030 година. Според него, невозможно е за толку кратко време да се воспостават нови производствени линии и да се стартуваат погони.
Тој нагласи дека одбраната не е само прашање на производствени линии, вооружување или број на војници. „Постои нешто многу поважно, за што ќе треба време – а тоа е културата. Помладата генерација Европјани сè уште не ја сфаќа потребата од служење на татковината, служење на идеалот, служење за одбраната на она што Европската Унија го создала – простор на демократија, човекови права, владеење на правото и права на жените“, рече министерот.
На крајот, Дендијас изјави дека „во целост ја поддржува“ воспоставата на заеднички одбранбени структури, вклучително и таканаречената Европска војска.

