Свет
САД ги отвораат своите архиви за масакрот во Катинската шума
САД на 10-ти септември на инсистирање на полското лоби ќе ги објават архивските материјали за масакрот во Катинската шума, пишуваат во петокот полските медиуми потенцирајќи дека притоа најинтересни може да бидат сознанијата за ставот на тогашниот американски претседател Рузвелт.
Се претпоставува дека најмногу документи за Катинскиот масакр, освен Русија, чуваат токму САД, а полските медиуми тврдат дека тогашниот американски претседател Френклин Делано Рузвлет намерно го обвинувал Адолф Хитлер за масакрот, плашејќи се да не го предизвика советскиот водач Јосиф Висарионович Сталин.
Еден од настаните коишто најмногу ги обременуваат полско-руските односи е масакрот од Катинската шума кога околу 22 илјади полски офицери, но интелектуалци и свештени лица, биле егзекутирани од тајната полиција на советскиот диктатор Сталин со негова лична наредба од 5-ти март истата година за ликвидација „на националистичките и контрареволуционерни активисти“ од окупираните делови на Полска тогаш поделена меѓу нацистичка Германија и комунистичкиот Советски сојуз, во близината на градот Смоленск во западниот дел на Русија, како и на локации во денешна Русија, Украина и Белорусија, во периодот април – мај 1940 година.
Точната бројка на погубените Полјаци коишто ги интернирала Црвената армија сé уште не е позната. Во писмото коешто претседателот на наследникот на НКВД – КГБ, Александар Шелепин во март 1959 година му го испратил на претседателот на советското Политбиро Никита Хрушчов, се наведува бројка од 21.857 убиени, додека Полска тврди дека станува збор за околу 30 илјади егзекутирани.
За масакрот се дознало кога во 1943 година германската армија ги окупира западните руски територии и ги пронашла масовните гробници. Официјална Москва долго време за злосторството ја обвинуваше фашистичка Германија, за дури по падот на комунизмот во 1990 година да ја признае одговорноста на поранешниот СССР. Меѓутоа Русија не прифаќа дека ова злосторство треба да се карактеризира како геноцид и нејзина одговорност како современа држава.
Во американскиот Конгрес во 1951 и 1952 година работела истражна комисија за настаните во Катин, предводена од Рој Џон Мејден. Тој ги собрал речиси сите сведоштва за масакрот што можеле да се добијат на Западот во тој период, меѓу кои се и искази на полски сведоци и учесници во ексхумацијата којашто во 1943 година ја извеле Германците. Извештајот на комисијата на Мејден е објавен во декември 1952 година, со што првпат официјално е признато дека полските офицери во 1943 година ги погубиле припадници на злогласната комунистичка тајна полиција НКВД.
„Најинтересно ќе биде да се дознае што знаеле претседателот Рузвелт и другите претседатели, кој и како ги информирал за Катин“, пишува полскиот дневен весник Gazeta Wyborcza, цитирајќи го заменикот полски министер за надворешни работи Богуслав Винда.
Винда додава дека по 10-ти септември, документите добиени од САД ќе биде достапни за јавноста преку интернет.
Новите документи би можеле да потврдат она за што со години се зборува, а тоа е дека „Френклин Делано Рузвлет лажел во случајот на Катин“, изјави историчарот Војчех Матерски за весникот Rzeczpospolitа. Според него, за тоа сведочи и жарот со која Рузвелт се борел против оние коишто сакале да ја откријат тајната за масакрот. Матерски тврди дека неколку американски дипломати и офицери коишто се занимавале со таа тема биле сменети и обврзани на молчење.
Матерски верува дека предавањето на документите ќе ја потврди верзијата дека претседателот Френклин Рузвелт знаел дека Германците не биле инволвирани во убиството на Полјаците, иако јавно застанал во одбрана на спротивниот став.
„Рузвелт, се разбира, се плашел дека Сталин би можеле да се налути и да ја напушти анти-германската коалиција. Но, не само тоа. Американците направиле анализа според којашто војната со Јапонија можела да потрае до 1950-те години и ќе ги чинеле САД 1,5 милиони животи. Така, учеството на советите во војната станал единствениот излез“, вели полскиот историчар.
Полската страна поднесе жалба до Судот за човекови права во Стразбур, изразувајќи незадоволство со истрагата спроведена од страна на Русија за настанот од пред 70 години. Во април годинава, судот изнесе мислење дека Русија го прекршила членот 3 (забрана за тортура) од Европската конвенција за човекови права, со оглед на тоа дека руските власти не им обезбедиле на некои од апликантите доволно информации за судбината на нивните роднини. Притоа судот не донесе одлука за тужбата за повреда на членот 2 (право на живот). Во јули, оваа одлука беше обжалена.
На крајот од април 2010 година, Државниот архив на Руската Федерација објави тајни документи за масакрот врз полски офицери извршен од страна на советската војска во Катинската шума во 1940 година. По наредба на тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев, електронски копии на автентичните документи за ‘Катинскиот проблем’, кои беа држени со децении во архивите на Комунистичката партија, беа објавени на интернет страницата на Рускиот државен архив. Документите беа обелоденети во 90-ите години на минатиот век, но досега можеле да ги користат само стручни истражни тимови и не биле достапни преку интернет. Полска подолго време бара од Русија да ги отвори сите документи за Катин и проблемот што ги оптоварува односите меѓу двете поранешни комунистички земји./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Ова се ужасни работи“ – Балканската естрада вознемирена од инцидентите со Здравко Чолиќ и Даниел Кајмакоски
Откако кон куќата на легендарниот пејач Здравко Чолиќ неодамна беше фрлена бомба, само неколку дена подоцна беше киднапиран македонскиот пејач кој живее во Србија, Даниел Кајмакоски. Овие настани предизвикаа загриженост кај фановите, но и естрадата во таа земја, пишуваат српските медиуми.
Додека полицијата и надлежните органи интензивно ги истражуваат околностите на двата инцидента, јавноста ги следи деталите, а некои од српските пејачи сега се соочуваат со страв, пришто во јавноста се отвори и темата за приватно обезбедување.
Mеѓу првите што реагираа беше пејачот Бане Мојиќевиќ, кој не го криеше својот шок.
„Ужасно е, искрено не се плашам за мојата безбедност, ниту за безбедноста на моето семејство, но ете, се случува, се надевам дека Даниел е добро“ рече Бане.
Пејачката Каја Остојиќ, пак, призна дека по нападот врз куќата на Чола, сериозно сфатила дека треба да се грижи за својата безбедност.
Таа рече и дека ја чува обезбедување.
Пејачката се осврна на неодамнешните настани на сцената и го коментираше бомбардирањето на куќата на Здравко Чолиќ, како и бомбардирањето на барот на нејзиниот поранешен сопруг.
Имено, Каја Остојиќ истакна дека има многу да каже, но дека ќе зборува за тоа кога ќе дојде време:
„Мојот прв импулс беше да помислам дека е грешка. Се зборува секакви работи и ми се гади. Сега пишуваат и дека го киднапирале мојот колега Даниел. Се случуваат работи што мора да ни пречат. Не знам зошто сме толку таргетирани. Порано, немав обезбедување цело време, но во последната година почнав да го практикувам тоа. Имам многу да кажам, но ќе зборувам за тоа кога ќе дојде време“, заклучи Каја во емисијата „Премиера – Викенд специјал“, пренесе „Телеграф“.
Во Премиера – викенд специјал, зборуваше и Елма Синановиќ, а на самиот почеток го коментираше киднапирањето на Даниел Кајмаковски:
„Ова се ужасни работи, не знам што се случува “, рече Елма, а потоа се сети што се случи пред дваесет години:
„Беше почеток на 1997 година, купивме стан во Белград, јас бев пред породување, купував работи, и едно утро мојот сопруг го напушти станот и не можеше да го најде автомобилот. Ни ги украдоа автомобилите. Имав и ситуација каде што моите семејни пријатели ми ја украдоа компанијата, измамнички ми ја зедоа компанијата, ме натераа да потпишам полномошно. Верував, но верувам во правдата, дека сè ќе биде во ред“, рече Елма.
Таа се осврна и на нападот врз вилата на Здравко Чолиќ:
„Видов сè, ужасно е, жал ми е што го слушам тоа, го обожавам Чола, му се восхитувам, тој е најголемата ѕвезда, но тоа им се случува на најдобрите. Морам да кажам дека немам обезбедување, ниту пак ми треба, ако треба, ќе има“, рече Елма.
Пејачката Теа Таировиќ се најде на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, каде новинарите ја прашаа дали слушнала дека нејзиниот колега Даниел Кајмакоски бил киднапиран синоќа во Белград, а Теа беше шокирана од оваа информација.
– Ве молам? Дали е ова шега? Телефонот ми беше исклучен и воопшто не видов што се случува. О, Боже – изјави пејачката, а кога новинарите ѝ објаснија како изгледало киднапирањето, како и како пејачот бил спасен, Теа останала целосно збунета.
Потоа ја прашале и дали стравува за својата безбедност.
„Далеку било, не дај боже“, повтори Таировиќ, а потоа следел коментарот на новинарката дека нема од што да се плаши бидејќи има сопруг покрај себе, па овој разговор завршил со насмевки, пишуваат српските медиуми.
Свет
Јапонската премиерка Такаичи освои историска победа на изборите
Ризичниот потег на премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, да распише предвремени избори ѝ донесе убедлива победа – нејзината владејачка Либерално-демократска партија освои повеќе од 310 од 465 пратенички места во долниот дом, јави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на анкетите на јапонската телевизија NHK.
Ова е првпат по Втората светска војна една партија да има двотретинско мнозинство во парламентот. Тие сега можат да предлагаат уставни измени и да ги надгласуваат блокадите во горниот дом.
Такаичи, првата жена на чело на јапонската влада, ја доби поддршката на гласачите само четири месеци откако стана премиерка. Во јавноста е популарна по нејзината работна етика, активноста на социјалните мрежи, како и заедничките настапи со светски лидери – меѓу кои и импровизирано свирење на тапани со јужнокорејскиот претседател.
Победата ѝ овозможува силен мандат за справување со економските предизвици, слабата валута и влошените односи со Кина. Тесно соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ѝ даде „целосна поддршка“.
И покрај позитивниот имиџ, Такаичи беше критикувана поради нејзини изјави за Тајван и интензивниот работен ритам – состаноци до 3 часот наутро. Нејзиниот коментар дека Јапонија би можела да реагира воено ако Кина нападне Тајван доведе до дипломатски тензии со Пекинг.
Свет
Бабиш ја повика Европа да почне преговори со Путин
Чешкиот премиер Андреј Бабиш повика Европа да започне преговори со рускиот претседател Владимир Путин за решавање на конфликтот во Украина, пренесоа денеска чешките медиуми.
„Европските лидери сега почнаа да зборуваат дека треба да се преговара со Путин. Порано, кога унгарскиот премиер Виктор Орбан беше кај Зеленски и кај Путин, сите го осудуваа тоа“, потсети Бабиш, пренесува порталот TN.
Тој ги повика европските земји да воспостават директен дијалог со Москва, оценувајќи дека тоа е неопходен предуслов за примирје.
Бабиш додаде дека Европа не е во состојба самостојно да го запре конфликтот, нагласувајќи дека „клучниот играч во преговорите е американскиот претседател Доналд Трамп“.
Тој потсети дека мир бил близу уште во април 2022 година, но дека тогашниот британски премиер Борис Џонсон го спречил договорот.
„Луѓе умираат во Украина. Мора да има дипломатско решение“, рече Бабиш, додавајќи дека излезот треба да се бара во тековните преговори.
Втората рунда на трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржа на 4 и 5 февруари во Абу Даби.

