Свет
Два милиона мито за упис на Харвард

Брачна двојка од Хонгконг го тужи поранешниот харвардски професор дека им зел два милиона долари ветувајќи им оти нивните синови ќе ги запише на славниот универзитет Харвард.
Ова во четвртокот го пишува дневниот весник Boston Globe, истакнувајќи дека тоа претставува опомена за родителите вмешани во многу компетитивниот „рулет“ на уписите на универзитетите во САД.
„Кога станува збор за примањата на факултетите, гаранција нема и точка. Доколку некој ви каже дека може да ве уфрли на Хравард, тоа е измама“, изјави за весникот Марк Кантровиц, експерт за финансирање и планирање студии од Кренбери во сојузната американска држава Пенсилванија.
Џералд и Лили Чоу, и двајцата државјани на Кина, во својата тужба поднесена уште во 2010 година во окружниот суд во Бостон, наведуваат дека на професорот Марк Зимни му платиле два милиона американски долари бидејќи им било ветено дека нивните два сина ќе ги запише на елитен американски универзитет, по можност на Харвард. Сопружниците во тужбата, исто така, тврдат дека Зимни им рекол дека ќе им помогне околу уплатите на нивните донации на другите елитни факултети, заобиколувајќи го наводниот расизам против азиските донатори.
Сопружниците Чоу го обвинуваа професорот Зимни за измама, кршење на договорот и неоправдано богатење и бараат да им ги врати нивните пари. Зимни во судските поднесоци ги негирал обвинувањата, пишува Boston Globe. Тужбата сега треба да биде префрлена на сојузен суд, а во ноември се очекува првото рочиште, се додава во написот.
Случајот на семејството Чоу е екстремен, а Кантровиц вели дека родителите во САД трошат големи суми во настојувањата своите деца да ги запишат на водечките универзитети, плаќаат советници коишто им помагаат во подготовката за полагање на испитите и пишувањето есеи потребни за пријавување на факултетите.
Минатата година Харвард прифатил само 6,2 отсто од 34.950 пријавени за упис, наведува студентскиот весник The Harvard Crimson.
Харвард имал најниска стапка за упис од ткн Ivy League, групата од осум елитни приватни универзитети во североисточните држави во САД, под Колумбија со 6,9 отсто и Јел со 7,35 отсто запишани студенти, додава студентското гласило./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Велика Британија испраќа „Tајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „Еурофајтер Тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор, откако Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникot британскиот премиер Кир Стармер.
Во наредните денови, овие авиони ќе им се придружат на француските „Рафали“, германските „Еурофајтер“ и данските Ф-16, како дел од операцијата на НАТО „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер, обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на Алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, додека Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според Ројтерс, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник, Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат околу 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија, оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец, Полска ги започна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат околу 30.000 војници, вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер кој може да разговара со Русија, Украина и Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е „единствениот лидер во светот“ кој има капацитет да разговара со Украина и Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на различни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и спорни прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин
Свет
Израелскиот министер за одбрана: „Газа гори, нема да попуштиме додека мисијата не биде завршена“

Израелската војска ги засили нападите врз Газа во текот на ноќта, изјави министерот за одбрана Израел Кац, додавајќи дека целта на нападот била да се обезбеди ослободување на заложниците и пораз на палестинската милитантна група Хамас, пренесуваат светските медиуми.
Американскиот новински портал „Аксиос“ ги цитираше израелските претставници кои изјавија дека операцијата го означила почетокот на копнена офанзива во најголемиот град во Појасот Газа.
Израелските воени авиони извршија речиси континуирани напади врз Газа во текот на ноќта, придружени со артилериски оган, објави палестинската новинска агенција WAFA.
Палестинските медиуми објавија дека тенковите подоцна влегле во градот, каде што се верува дека се уште стотици илјади луѓе. Израелската војска не го потврди ова.
Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека Хамас има само неколку дена да се согласи на договор за прекин на огнот, бидејќи Израел започна особено тешки напади врз градот Газа.
„Израелците започнаа операции таму. Затоа веруваме дека имаме многу краток временски рок за да постигнеме договор со палестинската исламистичка група“, им рече тој на новинарите.
По посетата на Израел, по која следеше патување во Катар, Рубио рече дека веројатно му остануваат само „неколку дена, можеби неколку недели“.
Фото: принтскрин