Свет
Дамаск сака национален дијалог без надворешно мешање
Сириските власти во саботата објавија дека националниот дијалог без вмешување однадвор е единствениот пат за излегување на земјата од кризата, по разговорите водени во престолнината Дамаск меѓу шефот на дипломатијата Валид Муалем и меѓународниот посредник Лакард Брахими.
Специјалниот пратеник на Обединетите нации и на Арапската лига за Сирија, алжирскиот дипломат Лакдар Брахими и сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем разговарале за „прекинување на насилството за да се подготви атмосфера за глобален сириски дијалог, кој според владата, е единствен пат за излегување од кризата, без странско мешање“, наведе министерството за надворешни работи на Сирија во соопштение што го пренесе државната новинска агенција SANA.
Соговорниците ги споменале во разговорот другите регионални партии и страни кои „ја спречуваат мисијата на Брахими, коишто ги примаат, вооружуваат и обучуваат вооружените терористички групи“, наведе министерството кое разговорите го оцени како „конструктивни и сериозни“.
Претседателот Башар ал-Асад кој опозицијата и бунтовниците ги нарекува терористи, треба да се состане со Брахими, но терминот сѐ уште не е утврден. Брахими на сириската влада ѝ предложи прекин на огнот додека трае муслиманскиот празник Курбан бајрам од 26-ти до 28-ми октомври, што Дамаск го поздрави.
Меѓународниот претставник доцна попладнето во саботата во Дамаск се сретна со членовите на опозицијата којашто не се вклучи во вооружените судири и е толерирана од властите, меѓу кои и со Хасан Абдел Азим, портпаролот на Комитетот за координација за национални и демократски промени (CCCND). Притоа Азим изјавил дека CCCND во кој се наоѓаат партиите на арапските националисти, Курдите и социјалистите, го поддржува предлогот на Брахими за примирје.
По пристигнувањето во Дамаск во петокот, Брахими изјави дека води разговори за неопходноста од намалување на насилствата и прекин во текот на муслиманските празници.
Пред доаѓањето на меѓународниот посредник, сириските власти изјавија дека сакаат да видат што Брахими има да каже, а опозицијата изјави дека е подготвена да го прифати примирјето под условот режимот прв да ги прекине борбените дејствија.
Брахими, кому ова е втора посета на Дамаск откако ја преземе функцијата на 1-ви септември, изјави дека прекинот на огнот може да претставува основа за придвижување на „политичкиот процес“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Калас: Ќе предложиме услови што Русија мора да ги исполни
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека ЕУ ќе предложи список на отстапки што Европа треба да ги побара од Русија како дел од решението за прекин на војната во Украина.
„Сите на масата, вклучувајќи ги Русите и Американците, мора да разберат дека Европејците се потребни за да се постигне мировен договор“, изјави Калас пред група новинари на новински агенции во Брисел, според Ројтерс.
Според неа, ЕУ има услови за тоа.
„И овие услови не треба да им се наметнуваат на Украинците, кои веќе се под голем притисок, туку на Русите“, истакна таа.
Свет
Шпанија во страв од возови: патниците се откажуваат од железницата по трагедиите
По двете железнички несреќи што се случија во Шпанија во јануари и во кои загинаа 47 лица, речиси половина од корисниците размислуваат да престанат да патуваат со воз или веќе го сториле тоа, според анкета објавена денес од Агенцијата 40dB.
Се покажа дека 58 проценти од испитаниците веруваат дека шпанскиот железнички систем влева „малку“ или „никаква“ доверба, додека 24,2 проценти велат дека размислуваат за тоа, а 20,5 проценти веќе се откажале од користењето на возот, објавува Паис.
Според анкета спроведена онлајн со 2.000 испитаници, помладите генерации се оние кои најверојатно размислуваат да се откажат од овој начин на транспорт.
Во Шпанија, речиси една третина од населението често користи приградски возови, а 19 проценти користат возови за средни и долги растојанија и брзи возови.
Граѓаните ги оценуваат приградските услуги повеќе негативно отколку позитивно, додека спротивното мислење преовладува за средните и долгите растојанија и брзите возови (AVE).
Во однос на итната интервенција по железничката несреќа во Кордоба, најлошо оценети субјекти се шпанската влада, за која 51,8 проценти сметаат дека нејзините перформанси биле „лоши“ или „многу лоши“, компанијата Адиф која управува со железничката инфраструктура (46,4 проценти) и транспортната компанија Ренфе (42 проценти).
Приватните компании, како што е Ири, чиј воз бил вклучен во несреќата, го заземаат четвртото место, но процентот на граѓани кои веруваат дека нивните перформанси биле лоши или многу лоши е за 15,3 проценти помал од процентот на Ренфе.
Испитаниците беа прашани и за ефектот од железничкиот сообраќај, па мнозинството рекоа дека доживеале доцнења и откажувања на возови во последната година, имено 68,4 проценти од корисниците на приградските железнички возови и 61,5 проценти од корисниците на средни/долги железнички возови и брзи возови.
Исто така, 62,9 проценти од испитаниците изјавиле дека доживеале пренатрупаност или прекумерен проток на патници во шпицот на приградските железнички возови, а 58,3 проценти од корисниците на AVE (брзи) и средни и долги возови се жалат на високите цени во споредба со квалитетот на услугата.
Друг истакнат проблем е недостатокот на информации за инциденти, на кој се жалат 59,9 проценти од корисниците на приградски возови и 55,7 проценти од корисниците на долги возови.
Како што е наведено, од 2019 до 2024 година, бројот на патници во возовите на главните линии се зголемил за 40 проценти, па бројот на патници на линијата Мадрид-Барселона се зголемил од просек од 56 дневни возови на над 85.
На линијата Мадрид-Валенсија имало зголемување од 30 на 50 дневни возови, а на линијата Мадрид-Севиља од 33 на 40, со дополнителни 14 дневни возови додадени со вклучувањето на компанијата Ouigo на почетокот на минатата година.
Во железничка несреќа во Адамуз (Кордоба) во јануари оваа година загинаа 46 лица, а 48 часа подоцна, во несреќа во Гелида (Барселона), почина машиновозачот, а поради овие несреќи, железничките работници во понеделникот, 9 февруари, започнаа тридневен штрајк, барајќи „структурна промена во безбедноста“, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Авион се урна во океан во Африка, сите патници преживеале
Авион на сомалиската авиокомпанија StarSky се урна во Индискиот Океан кратко по полетувањето од меѓународниот аеродром Аден Аде во Могадишу. Во авионот имало 55 патници и членови на екипажот, и сите преживеале, според официјалните информации.
Авионот полетал од пистата 23, но кратко по полетувањето наводно доживеал технички тешкотии додека добивал висина. Сведоците во близина на плажата Јасира рекле дека авионот летал невообичаено ниско пред да се урне во плитка вода.
A StarSky Fokker 50 crashes shortly after departure from Mogadishu Aden Adde International Airport, Somalia.
According to local reports all passengers have safely evacuated. pic.twitter.com/pYULsbv2Rm
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) February 10, 2026
Фотографиите од местото на несреќата, кои брзо се проширија на социјалните медиуми, го покажуваат авионот во морето со целосно одвоено десно крило.
Аеродромот Могадишу соопшти дека екипажот се обидел да го сврти авионот и да се врати на аеродромот, но за време на обидот за слетување тој се лизнал од пистата, при што десното крило се одвоило од трупот.
Спасувачките екипи пристигнале на местото на настанот за неколку минути.
„Приоритет беше да се спречи пожар по ударот“, изјави претставник на аеродромот. „Можеме да потврдиме дека сите патници и членови на екипажот се безбедно евакуирани.“
Почната е официјална истрага за да се утврди точната причина за несреќата.
фото/принтскрин

