Свет
Нов биланс:Најмалку 48 мртви во земјотресот во Гватемала
Бројот на жртвите во земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала, што во среда беше регистриран во Тихиот океан во близина на брегот на Гватемала, се искачи на најмалку 48 луѓе.
Повеќето загинати се пронајдени под урнатините во околината на градот Сан Маркос, на западот на Гватемала, во планинскиот регион долж границата со Мексико.
Заради лизгање на земјиштето предизвикано од земјотресот блокирани се патиштата, а работата на спасувачките екипи е отежната.
Епицентарот на потресот бил на околу 45 километри југозападно од Чамперик во Гватемала, на длабочина од 42 километра, наведе Американскиот геолошки завод.
Ова е најсилниот земјотрес што ја погоди оваа централноамериканска држава од 1976 година, кога во земјотресот со јачина од 7,5 степени по Рихтер загинаа повеќе од 20.000 луѓе.
Претседателот Ото Перес, по обиколката на Сан Маркос, потврди дека загинале 48 лица, додавајќи дека судбината на уште 23 лица е непозната, додека 153 луѓе се сместени во прифатилишта. Во земјата е прогласена тридневна жалост.
„Многу е тажно да видите луѓе кои чекаат да бидат пронајдени членовите на нивните семејства кои се сè уште под урнатините. Тоа е голема трагедија и ние ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на семејствата кои страдаат“, рече Перес.
Локалниот директор на Црвениот крст Карлос Енрике Алварадо рече дека само во градот Сан Маркос се уништени 75 куќи, а властите соопштија дека заради штетата на зградата на затворот морале да преместат 101 затвореник во друг затвор.
Земјотресот силно се почувствувал и во Гватемала Сити, кој од епицентарот е оддалечен 161 километар. Тресењето се почувствувало и во Ел Салвадор, па дури и во Мексико Сити, кој од епицентарот е оддалечен 1.223 километри.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека помало цунами е регистрирано на брегот на Гватемала, иако нема информации за штета. /крај/бл/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Америка го распарчува светот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека САД го „распарчуваат“ светот со своите постапки кон Венецуела и Иран.
Лавров рече дека САД го фрагментираат меѓународниот систем со преземање на она што тој го нарече нелегална операција за соборување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и со закана кон Иран со напад.
„Зборуваме за грубо кршење на меѓународното право“, рече Лавров за операцијата на САД за апсење на Мадуро. Тој додаде дека Русија останува посветена на своите договори со Венецуела, руски сојузник.
Лавров посочи дека САД го оштетуваат сопствениот имиџ со напуштање на принципите што ги промовираа толку долго. „Нашите американски колеги изгледаат несигурно кога дејствуваат на овој начин“, предупреди Лавров на прес-конференција со својот намибиски колега во Москва.
Запрашан за извештајот на Блумберг дека претставникот на Белата куќа Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, сакаат да ја посетат Москва за да се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин, Лавров истакна дека Путин постојано повторува дека е отворен за сериозни мировни разговори во Украина.
„Би било корисно ако Вашингтон ја информираше Москва за најновите мировни предлози за Украина“, истакна Лавров.
Свет
„Последиците би биле невидени кога би се загрозил суверенитетот на сојузниците“, предупреди Макрон
Доколку суверенитетот на една европска земја и нејзините сојузници биде загрозен, последиците би биле невидени, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на денешната седница на кабинетот, алудирајќи на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичката територија.
„Не ги потценуваме изјавите за Гренланд“, рече Макрон, според портпаролката на владата Мод Брежон.
„Доколку суверенитетот на една европска земја и нејзините сојузници биде загрозен, последиците би биле невидени. Франција ја следи ситуацијата многу внимателно и ќе дејствува во целосна солидарност со Данска и нејзиниот суверенитет“, додаде тој.
Претходно во текот на денот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека постои силна врска меѓу ЕУ и Гренланд и дека народот на Гренланд може да смета на поддршката на ЕУ.
Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд ќе се сретнат подоцна денес во Белата куќа со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, по неколкунеделните закани од претседателот Доналд Трамп против Гренланд, автономна територија во рамките на Данска.
Свет
Јапонската премиерка ќе го распушти парламентот и ќе свика предвремени избори
Јапонската премиерка Санае Такаичи планира да го распушти парламентот следната недела и да свика предвремени општи избори, изјави во среда генералниот секретар на нејзината владејачка партија.
Според информиран извор и домашни медиуми, Такаичи размислува за одржување на изборите на 8 февруари. „Мораме да побараме нов мандат“, изјави Шуничи Сузуки, генерален секретар на Либерално-демократската партија, за новинарите по состанокот со премиерот во среда.
Како прва жена премиер во Јапонија, Такаичи сака да го искористи порастот на јавната поддршка за нејзината влада откако ја презеде функцијата во октомври за дополнително да го зајакне своето парламентарно мнозинство.
Сузуки рече дека изборите ќе им овозможат на гласачите да одлучат за новата коалиција на Либерално-демократската партија со десничарската Јапонска партија за иновации (ЈИП), позната како Ишин. Минатата година, Такаичи ја прекина соработката со долгогодишниот коалициски партнер Комеита.
„Една од причините за распуштањето на парламентот е тоа што претходните избори беа одржани под владите на Либерално-демократската партија и Комеита; јавноста сè уште не го дала својот став за промената на нашиот коалициски партнер“, рече Сузуки.

