Свет
ФБИ го обелодени досието на ќерката на Сталин
Американското федерално истражно биро FBI седмицава го обелодени досието на Светлана Алилуиева, кое покажува дека американските разузнавачки агенции ја следеле ќерката на комунистичкиот диктатор Јосиф Висарионович Сталин, откако во 1967 таа го напуштила Советскиот сојуз и откако се преселила во САД
Според американските медиуми, документите кои биле декласифицирани по речиси една година од смртта на Светлана Алилуева во сојузната американска држава Висконсин, покажуваат дека американските власти следеле и како доаѓањето на ќерката на советскиот лидер, којашто подоцна беше позната како Лана Питерс, можело да влијае врз меѓународните односите на земјата во периодот на Студената војна.
Како што е наведено во објавеното досие на Алилуева на 233 страници од кои околу половината се написи во тогашните медиуми, поранешниот американски амбасадор во СССР Џорџ Кенан и самата Алилуева му соопштиле на FBI дека не исклучуваат дека агентите на тајната советска служба КГБ може да ја стават под свој надзор. Сепак, најверојатно, според документите, советската тајна служба не ја следела, забележува Associated Press. Според агенцијата, FBI се одлучило да го обелодени досието на ќерката на Сталин, бидејќи тоа не содржело информации кои можат да влијаат на надворешната политика, како и информации чие објавување би било, според безбедносните служби, „навлегување во приватноста“.
Во 1967 година Светлана Алилуева заминала за Индија поради погребот на Браџеш Сингх, когошто во неколку интервјуа таа го нарекува свој сопруг, одбивајќи да се врати во СССР. Преселбата на Западот и подоцнежното објавување на книгата „Дваесет писма до другарот“ во 1967 година, во којашто Алилуева се сеќава на својот татко и животот во Кремљ, претставувало огромна сензација на Западот. По извесно време таа се преселила во Швајцарија, а потоа живееше во САД./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: САД ги користат вештачко поттикнатите немири во Иран како изговор за повторување на нападите врз земјата
Руското Министерство за надворешни работи остро ги критикуваше САД за „заканите за нови воени напади“ врз Иран, а заканата на американскиот претседател Трамп за воведување трговски царини ја нарече „уцена“.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, изјави дека заканите на САД за напади врз Иран се „категорично неприфатливи“. Таа ги предупреди САД да не ги користат немирите во Иран како „изговор“ за повторување на нападите врз земјата, откако американските воздухопловни сили нападнаа три нуклеарни објекти во јуни минатата година.
Според неа, таквата акција би имала „катастрофални последици“ на Блискиот Исток, „како и за глобалната меѓународна безбедност“.
„Исто така, цврсто ги отфрламе бесрамните обиди за уценување на странските партнери на Иран со зголемување на трговските царини“, рече таа, осврнувајќи се на најавата на Трамп за царина од 25 проценти на американскиот увоз за трговските партнери на Иран.
Коментирајќи ги антивладините демонстрации во Иран, таа рече дека „вештачки предизвиканите протести“ се смируваат, што дава надеж за „постепена стабилизација на ситуацијата“.
Европа
Зеленски се обиде да го назначи поранешниот премиер за министер за енергетика, парламентот го одби
Украинските пратеници го отфрлија назначувањето на министерот за одбрана во заминување Денис Шмихал за министер за енергетика, што е ретка критика кон претседателот Володимир Зеленски додека се обидува да ги реорганизира клучните сектори во критичен момент од војната со Русија.
Шмихал, кој беше премиер пет години пред да биде преместен во Министерството за одбрана минатата година, беше назначен од Зеленски да го води енергетскиот сектор потресен од обвинувања за корупција и руски напади врз инфраструктурата.
Последната постојана министерка за енергетика беше отпуштена минатата година поради корупциски скандал во кој беше вклучен нејзиниот претходник.
За номинацијата на Шмихал беа потребни 226 гласови за да биде одобрена. 210 гласаа „за“, а три опозициски партии беа воздржани.
Шмихал беше номиниран како дел од големата реконструкција на кабинетот, додека Киев се соочува со растечки руски притисок во војната што влегува во својата петта година следниот месец.
Свет
Поранешниот јужнокорејски претседател се соочува со смртна казна
Јужнокорејски обвинител денес побара смртна казна за поранешниот претседател Јун Сук-Јол по обвинение за бунт откако земјата накратко прогласи вонредна состојба во декември 2024 година.
Јун е обвинет за заговор за бунт, кривично дело кое носи строга казна според јужнокорејскиот закон, вклучително и смртна казна доколку биде осуден, иако Јужна Кореја не ја извршува смртната казна со децении.
Во своите завршни зборови пред Окружниот суд во Сеул, обвинителот рече дека истражителите потврдиле дека постоел план, наводно предводен од Јун и неговиот поранешен министер за одбрана Ким Јонг-хјун, кој датира од октомври 2023 година и е дизајниран да му овозможи на Јун да остане на власт.
Јун, 65, ги негира обвиненијата. Тој рече дека имал овластување да прогласи вонредна состојба како претседател во тоа време и дека потегот имал за цел да предупреди дека опозициските партии се обидуваат да ја опструираат владата. Се очекува судот во Сеул да донесе одлука во февруари.

