Свет
ОН: Светот се соочува со огромна катастрофа
Светот се соочува со огромна катастрофа и потребна е итна реакција, ова е пораката упатена од првиот ден на Конференцијата за климата што се одржува во Доха, а која би требало да вроди со прифаќање на клучниот документ, Протоколот од Кјото 2.
„Се соочуваме со катастрофа од огромни размери и потребно е итно да се делува“, порачаа претставниците од островските земји, кои се посебно изложени на климатските промени.
Протоколот од Кјото истекува кон крајот на декември и многу е важно да се донесе договор за следниот период, за да можат преговорите на конференцијата, на која има претставници од 190 земји, да имаат успех.
„Веќе седум години развиените индустриски земји зборуваат, зборуваат и само зборуваат за своите обврски за смалување на емисиите на штетни гасови. Но, доаѓа моментот кога треба нешто да се направи. Тој момент дојде“, изјави Марлен Мозес, претставничка на Сојузот на мали островски држави, вкупно 44, кои најмногу ги чувствуваат последиците од покачувањето на нивото на морињата.
Програмата на ОН за природната средина(УНЕП) во својот извештај во Доха предупредува и на топењето на пермафростот ширум Сибир и Аљаска. Пермафрост, трајно замрзнато тло, содржи големи количини јаглерод, а неговото топење би можело да резултира со дополнително глобално затоплување до 2100 година.
„Пермафростот почна да се топи“, рече Кевин Шафер од универзитетот Колорадо. До 2100 година стопениот пермафрост би можел да ослободи меѓу 43 и 135 милијарди тони јаглерод диоксид, главниот причинител на стакленичките гасови. Пермафростот содржи околу 1.700 милијарди тони јаглерод, или двојно повеќе од количината што сега се наоѓа во атмосферата. До 2100 година температурата би можела да се покачи за три до пет Целзиусови степени.
Протоколот потпишан во Кјото во 1997 година е единствено правно обврзувачки договор за намалување на стакленичките гасови во високо индустријализираните земји. Земјите во развој посебно се повикуваат на вториот член од Протоколот „во име на историската одговорност“ што ја имаат развиените земји од северот кон климата и зачувувањето на природната околина.
Неуспехот на Кјото 2 само би ја зголемил недовербата меѓу развиените и неразвиените земји во долгите и заморни преговори за борбата против климатските промени. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски лут за недостигот од „Патриот“ – претставник на НАТО вели: Не е доцнење, туку логистика“
Недостигот од пресретнувачки ракети од системот „Патриот“ со кој се соочија украинските вооружени сили во јануари – а кој ѝ овозможи на руската армија да нанесе штети на енергетската инфраструктура – не е поврзан со доцнења во плаќањата од европските донатори или со други финансиски проблеми, изјави претставник на НАТО во Брисел, во очи состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, пренесува „Европска правда“.
Анонимен функционер од НАТО, вклучен во набавката на американско оружје за Украина, нагласи дека не постоело никакво доцнење или застој во испораките поради финансирање. Според него, ракетите што се испраќаат преку програмата PURL пристигнуваат со најголема можна брзина според капацитетите на американскиот логистички систем.
„Од јули досега, нема дополнителни прекини. Програмата се одвива според планот“, изјави тој.
Нагласи и дека структурата на американските резерви за ПВО значи дека спомнатото „доцнење со плаќање“ во Киев не може да влијае на испораките. „САД не одложува поради финансии“, додаде.
Иако ги негираше финансиските проблеми како причина за доцнењата, НАТО-претставникот призна дека загриженоста на украинскиот претседател е разбирлива.
„Зеленски е сосема во право – Украина критично се соочува со недостиг од муниција, особено од ракети PAC-2 и PAC-3“, рече тој. Дури и механизмот PURL не може целосно да го задоволи бараниот обем кога Русија врши масовни напади и го преоптоварува украинскиот ПВО-систем.
„Логистиката е непредвидлива – не можеме точно да кажеме кој ден ракета ќе ја премине границата“, објасни официјалниот претставник, но повтори дека тоа не зависи од финансирањето, туку од логистичките синџири.
Зеленски, на Светскиот економски форум во Давос претходно годинава, го искажа незадоволството, посочувајќи дека „траншата од PURL не е платена – ракетите не дојдоа“. По таа изјава, НАТО соопшти дека неколку земји-партнери ќе ѝ помогнат на Украина со ракети од сопствени резерви.
Шест земји кои досега најмногу придонеле за набавка на американско оружје за Украина, според украинскиот амбасадор при НАТО, се: Норвешка, Холандија, Германија, Канада, Шведска и Данска.
Свет
ЕУ одобри 90 милијарди евра за Украина
Европскиот парламент денеска го одобри пакетот финансиска помош за Украина во висина од 90 милијарди евра, наменет за поддршка на јавните служби и одбранбените капацитети на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави брзото гласање и порача: „Храброста на Украина е непоколеблива. Како и решителноста на Европа да биде на нејзина страна. Денес и утре!“
Средствата ќе се распределуваат преку два главни механизми: 30 милијарди евра: како макроекономска поддршка (макрофинансиска помош или преку инструментот „За Украина“); 60 милијарди евра: за јакнење на украинската одбранбена индустрија и набавка на воена опрема, вклучително и од ЕУ-производители.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, го нарече гласањето „витален спас за Украина“, нагласувајќи дека средствата ќе обезбедат континуитет на јавните служби и ќе ја зајакнат одбраната.
Пакетот сè уште треба формално да го одобри Советот на ЕУ, по што Европската комисија ќе може да ја исплати првата транша, очекувано во вториот квартал од 2026.
Претходно, ЕУ-членките се согласија дека во 2026 и 2027 Украина ќе се финансира преку задолжување на пазарите на капитал, бидејќи не беше постигнат консензус за користење на замрзнатиот руски имот.
Свет
Студент на факултет во Русија уби обезбедувач и рани тројца
Едно лице е убиено, а три се повредени во пукање во технички колеџ во рускиот град Анапа, во Краснодарскиот крај, соопштија властите.
Гувернерот на Краснодарскиот крај, Венијамин Кондратјев, на Телеграм наведе дека обезбедувачот бил убиен додека се обидувал да го запре напаѓачот.
„Засега имаме една жртва, обезбедувачот кој прв го примил ударот. Реагирал брзо и ја повикал полицијата. Го спречил напаѓачот да продре понатаму во техничкиот колеџ“, изјави Кондратјев.
Регионалната канцеларија на руското Министерство за внатрешни работи за Краснодарскиот крај соопшти дека студент отворил оган во холот на образовната установа, при што три лица се повредени.
Напаѓачот бил уапсен од полицијата, се додава во соопштението.
Околностите на нападот засега не се познати, а истрагата е во тек.

