Свет
Обама ја положи претседателската заклетва на јавната церемонија
Вториот претседателски мандата на Барак Обама, всушност започна на 20-ти јануари точни напладне, во согласност со уставот на САД, кога избраниот претседател мора да ја положи заклетвата, а во понеделникот само беше јавно повторена церемонијата.
Кога овој датум, 20-ти јануари се паѓа во недела, инаугуративната церемонија не се спроведува, бидејќи не работат судовите и другите официјални институции. Затоа, претходно американскиот претседател Барак Обама ја положи свечената заклетва на приватна церемонија, а во понеделникот само ја повтори.
Свечената церемонија во неделата се одржа во Сината одаја на Белата куќа во 11.55 часот по локално време (18.55 часот по македонско време) и заврши точно на пладне. Имено, во 12 часот на 20-ти јануари, според уставот САД, заврши првиот претседателски мандат на Барак Обама. На скромната церемонија присуствуваа само членови на семејство, неколку соработници од администрацијата и потпретседателот Џозеф Бајден, кој ја положи свечената заклетва порано утрото во својата резиденција.
„Јас, Барак Хусеин Обама, се колнам во честа дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на Соединетите американски држави и со сите свои сили, ќе го чувам, заштитувам и бранам Уставот на Соединетите држави. Господ да ми помогне!“, изјави 44-от претседател на САД, положувајќи ја раката на Библијата.
Свеченоста на инаугурирацијата на претседателот која се одржа во понеделникот на Капитол Хил, кога Обама ја положи свечената заклетва на големата платформа кон западниот влез во Конгресот од којашто се протега поглед на километарската авенија Нешенел Мол ја водеше претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс. Потпретседател Џозеф Бајден, пак, положи свечена заклетва пред судијката на Врховниот суд, Соња Сотомајор, којашто ја сметаат за протеже на Обама.
На свеченоста присуствуваа вкупно 1,6 милиони луѓе, вклучувајќи и членови на Конгресот, на администрацијата, судии на Врховниот суд, гувернери, како и членови на дипломатскиот кор. На Еспленада, главниот булевар во американската престолнина Вашингтон, церемонијата на специјално инсталирани екрани ја следеа меѓу 600 и 800 илјади луѓе.
По инаугурацијата на центарот на Вашингтон се одржува традиционалната парада. Вечерта инаугуративната свеченост завршува со повеќе ткн инаугуративни балови во Вашингтон, од кои десет се сметаат за „официјални“ (на два ќе присуствуваат претседателот и првата дама) и многу „неформални“. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

