Свет
Песков: Путин е известен за одлуката на Крим да пристапи кон Русија
Рускиот претседател, Владимир Путин, е известен за одлуката донесена во четвртокот од страна на Врховниот совет на Крим за пристапување на земјата кон составот на Руската Федерација“, истакнал прес секретарот на Путин, Дмитриј Песков, пренесува „Итартас“.
„Оваа вест штотуку стигна и претседателот веднаш беше известен за тоа”, рекол Песков за „Итартас”, наведувајќи дека во овој момент нема друго што да се додаде.
„Итартас” потсетува дека во четвртокот Врховниот совет на Крим донел начелна одлука за пристапување на оваа автономна република како субјект во составот на Русија и дека владата во Крим соопштила дека за статусот на Крим ќе решава преку референдум кој ќе се одржи на 16 март и на кој ќе биде поставено прашањето за пристапување на Крим кон Русија.
На референдумот, како што пренесуваат руските агенции, ќе бидат поставени две прашања: „Дали сте за влез на Крим како субјект на Федерација во составот на Руската Федерација” и „Дали сте за обновување на уставот на Крим од 1992 година”.
Советот исто така одлучил да му се обрати на руското раководство по однос на почетокот на процедурата за влез на Крим во составот на Русија.
„Итартас” известува дека ваквата одлуката на плоштадот во Симферопол била дочекана со овации.
На плоштадот, според извештаите на оваа агенција, се собрале неколку илјади луѓе кои во рацете носеле руски знамиња и знамиња на Крим.
Агенцијата ја пренесе и изјавата на лидерот на „Праведна Русија”, Сергеј Миронов дека предлог законот за поедноставената постапка за прием во составот на Русија на делови од странски држави би можел да биде усвоен уште идната седмица.
„Отворено кажувам, тој предлог закон го поднесов поради Крим”, рекол авторот на овој предлог.
Во октомври 1921 година формирана е Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република во составот на Руската советска федеративна социјалистичка република, а на 19 февруари 1954 година Кримската област по иницијатива на генералниот секретар на Комунистичката партија, Никита Хрушчов, оваа област и е предадена на Украинската Советска Социјалистичка Република.
На Крим на 20 јануари 1991 година одржан е референдум за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република како одвоен субјект од поранешниот Советски Сојуз, на кој учествувале 1,4 милиони граѓани или 81,37 отсто од избирачкото тело.
За обновување на автономната република гласале 93,26 отсто од избирачите.
Врховниот совет на Украина на 12 февруари истата година усвои Закон за обновување на Кримската Автономна Советска Социјалистичка Република, а во јуни се вметнати соодветни амандмани во уставот на Украинската Советска Социјалистичка Република.
Врховниот совет на Крим на 4 септември 1991 година ја усвои Декларацијата за државен суверенитет на републиката.
Наредната година на 26 февруари државата беше преименувана во Република Крим, а во мај истата година воведена е функцијата претседател на државата.
Во март 1995 година со одлука на Украинскиот парламент и претседателот на Украина донесоа одлука за укинување на Уставот на Крим и функцијата претседател.
Во декември 1998 година на сила стапи новиот Устав на Крим со ново име АР Крим во составот на Украина.
Според статистичките податоци од декември минатата година, Крим има 1.958.000 жители, меѓу кои 58.5 отсто Руси, 24,3 отсто Украинци и 12,1 отсто Кримски Татари./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Иран, жените добија дозвола да возат мотоцикли и скутери
Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф, ја потпиша резолуцијата, која беше одобрена од Советот на министри на крајот на јануари, а со која на жените им се дава дозвола за возење мотоцикли и скутери.
Жените во Иран сега можат формално да добијат возачка дозвола за мотоцикли и скутери, објавува агенцијата „Илна“, со што се завршува долгогодишната правна несигурност околу возењето на овие двотркални возила, објавува „Фигаро“.
Според сообраќајниот закон, на жените не им било експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи.
Поради оваа двосмисленост, жените биле законски одговорни во случај на несреќа, дури и кога самите биле жртви.
Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатките, да организира испит под директен надзор на полицијата и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, прецизираше „Илна“.
По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да се занимаваат со одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беа правилата за облекување – тие мораа да ја покријат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна облека.
Свет
(Видео) Новинарка: Што би им рекле на жртвите на Епстин? Трамп: Вие сте најлошата новинарка
На социјалните мрежи се прошири снимка од бизарниот одговор на американскиот претседател Доналд Трамп на прашање од новинарка на Си-Ен-Ен, поставено на неодамнешна прес-конференција.
Новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлин Колинс, го праша американскиот претседател Доналд Трамп: „Што би им порачале на жртвите на Епстин?“
Трамп ѝ одговори: „Вие сте толку лоши. Вие сте најлошата новинарка. Не е ни чудо што Си-Ен-Ен нема гледаност поради луѓе како вас. Таа е млада жена (зборува за новинарката, н.з.). Никогаш не сум ве видел да се смеете. Треба да ве биде срам.“
KAITLAN COLLINS: What would say to Epstein survivo—
TRUMP: You are so bad. You are the worst report. No wonder CNN has no ratings. She’s a young woman. I don’t think I’ve ever seen you smile. They should be ashamed of you. pic.twitter.com/lmSpVz8wXX
— Aaron Rupar (@atrupar) February 3, 2026
Американското Министерство за правда неодамна објави милиони страници документи, фотографии и видеоснимки поврзани со истрагите за сексуалните злосторства на Џефри Епстин, осуден сексуален престапник и трговец со малолетни лица. Оваа објава опфаќа речиси три милиони страници материјали кои, под притисок на јавноста и законодавците, беа направени делумно јавно достапни.
Односот меѓу Доналд Трамп и Џефри Епстин долго време е предмет на интерес на медиумите, бидејќи двајцата интензивно се дружеле во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години, а името на Трамп се појавува илјадници пати во таканаречените досиеа на Епстин.
Иако Трамп никогаш не бил обвинет за кривични дела поврзани со него, објавувањето на списите дополнително го засили вниманието кон неговите врски и поттикна прашања за тоа како властите и политичарите постапувале со овие материјали.
Свет
Заменичката на Калас: Европската Унија веќе е во војна со Русија
Европската Унија веќе е во состојба на конфликт со Русија, иако овој конфликт не вклучува директна воена мобилизација на граѓаните и испраќање војници на фронтот, според мислењето на високи функционери на нејзината дипломатска служба.
Како што изјави заменик-шефицата на дипломатската служба на Европската Унија, Белен Мартинез Карбонел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, „факт е дека веќе сме во воена состојба со Русија“.
Сепак, таа нагласи дека овој „воен статус“, како што го гледа Брисел, засега не подразбира класичен вооружен конфликт во кој европските граѓани би биле мобилизирани и испратени на бојните полиња. Според неа, станува збор за поинаква форма на конфронтација што вклучува политички, економски и безбедносен притисок, но не и директни борбени операции на европските армии.
Изјавите од Брисел доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, првенствено поради конфликтот во Украина и санкциите што Европската Унија ги воведе врз Москва, според написите.
Од друга страна, анализираат медиумите, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги отфрла тврдењата дека Москва планира напад врз Европа, нарекувајќи ги бесмислени. Тој истакна дека, според него, западните политичари ја создадоа сегашната криза и продолжуваат со нејзината ескалација со постојани предупредувања и изјави за наводни руски подготовки за војна со Европа.

