Свет
Од шетање го заборави Советот на Европа
Претседателот Црвенковски не ги потпиша во Варшава трите конвенции на Советот за Европа кои се однесуваат на борбата против тероризмот, борбата против финансирањето на организираниот криминал,
ПО БУЧКО, БРАНКО У СЕ СВРТЕ И НА ИЛИНКА
Претседателот Црвенковски не ги потпиша во Варшава трите конвенции на Советот за Европа кои се однесуваат на борбата против тероризмот, борбата против финансирањето на организираниот криминал, и против тр
Претседателот Бранко Црвенковски не ги потпиша во Варшава трите конвенции на Советот за Европа кои се однесуваат на борбата против тероризмот, борбата против финансирањето на организираниот криминал, и против трговијата со луѓе. Како што истакна самиот Црвенковски во својот говор пред учесниците на дводневниот самит на шефовите на држави и влади на земјите членки на Советот на Европа во Варшава, македонската Влада прво треба да се исконсултира со соодветните институции, па после може да го стави својот потпис на конвенциите што беа во фокусот на самитот.
“Меѓународниот тероризам, криминалот, корупцијата и трговијата со луѓе се едни од најактуелните проблеми на денешнината. Советот на Европа ги адресира тие проблеми и преку новите правни инструменти кои се отворени за потпишување на овој самит. Владата на Република Македонија ќе ги изврши потребните консултации со надлежните институции за да се донесе одлука за нашето пристапување кон овие значајни правни инструменти на Советот на Европа”, рече во својот говор Црвенковски. Според агенциските вести, овие конвенции завчера, на првиот ден на самитот, биле потпишани од 21 земја членка на Советот. Конвенциите, пак, беа усвоени од Комитетот на министри на СЕ на 3 мај.
Од кабинетот на Претседателот вчера се оправдаа дека тој не ги потпишал конвенциите зашто Владата и, конкретно, Министерството за надворешни работи не стигнале да се исконсултираат околу текстовите за да може тој, по добиената информација од нив, да го стави својот потпис. Тврдат и дека тоа, сепак, не било ништо страшно, оти Македонија учествуваше на самитот и Претседателот вербално ги поддржа иницијативите на Советот на Европа. Но, додаваат и дека претседателот Црвенковски бил изненаден што МНР не успеало навреме да си ја заврши работата, а башка и претставникот од Министерството што бил во делегацијата во Варшава, исто така, немал никаков став околу конвенциите. Во кабинетот велат дека побарале од Министерството пред самитот да ги завршат консултациите околу повелбите, и дека за тоа имале доволно време, ама оти не знаат зошто тоа не било направено.
И во Владата топката ја префрлија во МНР, кое требало да ги подготви текстовите на декларациите.
Од МНР, пак, вчера добивме одговор дека временски било невозможно да се заврши се околу конвенциите. Од таму објаснуваат дека Комитетот на министри на Советот на Европа ги усвоил конвенциите на 3 мај, и дека во рокот од 14 дена до самитот во Варшава било практично невозможно да се изведе постапката на преведување на текстовите, нивно разгледување и консултирање со соодветните институции и министерства во чиј делокруг спаѓаат тематиките на кои се однесуваат конвенциите. Во МНР кажуваа дека, согласно домашната законска регулатива, постои обврска меѓународните договори пред склучување да се разгледаат, и да се произнесат министерствата зошто да се прифати или не одредена конвенција.
Тие не останаа покуси на обвинувањето од кабинетот на Претседателот, па вчера неофицијално кажуваа дека “некои од луѓето во кабинетот на Претседателот погрешно го информираат и него и јавноста дека задачите, наводно, не биле завршени”. Како одговор на неподготвеноста, во МНР кажуваат дека по Уставот Претседателот има право да склучува меѓународни договори, а по Законот за ратификација и склучување на меѓународни договори тој може да склучи ваков договор и без постапката на консултации во Владата, ако се смета дека се работи за значајни теми кои и одат во прилог на државата. Па затоа, тврдат во МНР, ако Црвенковски сакал да ги потпише конвенциите, можел да го стори тоа. Во МНР се правдаат и дека трите конвенции уште не ги потпишале голем број од членките, а не само Македонија.
Префрлувањата меѓу кабинетот и Владата во последно време зачестија.
Кабинетот, МНР и Владата се натегаа околу тоа кој бил поканет, а кој требало да оди на 60-годишнината од ослободувањето на Аушвиц каде што на крајот замина заменик-министерот за надворешни работи.
Илинка Митрева, која минативе 10 дена (практично од усвојувањата на конвенциите во Советот на Европа) беше на турнеја по Австралија, пред иселениците на еден собир во Сиднеј го поддржа премиерот Бучковски за најавените визи од Косово, за кои рече дека не се визи туку повисок вид на контрола, за разлика од ставот на Црвенковски околу тоа прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos

