Свет
Набргу ќе стартува обесштетувањето на штедачите на Радо банка
Фондот за осигурување депозити ќе ги обесштети сите штедачи во Радо банка, чии депозити останаа заглавени во неа по прогласувањето на стечајната постапка.
Фондот за осигурување депозити гарантира дека професионално ќе ја исполни својата обврска
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Фондот за осигурување депозити ќе ги обесштети сите штедачи во Радо банка, чии депозити останаа заглавени во неа по прогласувањето на стечајната постапка. Во Фондот тврдат дека оваа институција има доволно средства, опрема и кадровски потенцијал за да им се исплати на сите граѓани што вложувале во Радо банка, што значи тие треба да бидат спокојни дека ќе си ги добијат своите пари. Според податоците на НБМ, во банката на Јовица Стефановиќ- Нини се депонирани заштеди од околу 1,5 милиони евра.
Засега не може да се прецизира кога точно ќе стартува обесштетувањето, но во Фондот нагласуваат дека тоа ќе биде многу побргу од законскиот рок од три месеци по правосилноста на одлуката за објавување стечај. Според директорот на Фондот за осигурување депозити, Јорде Крагујевски, Фондот е веќе писмено известен дека решението на гувернерот Петар Гошев од 5 мај оваа година за одземање на дозволата на Радо банка е правосилно. †Она што следува е да се закаже седница на Управниот одбор на Фондот, што се очекува најдоцна до средината на идната недела. На таа седница УО ќе донесе две одлуки, едната дека настанал ризичен настан во Радо банка, а втората за исклучување на оваа банка од членство во Фондот”, објаснува Крагујевски, додавајќи дека откако УО ќе ги донесе овие одлуки, за тоа ќе ја извести и целата јавност.
Наредната фаза е прибирање понуди од најмалку три банки, од кои ќе се избере една банка преку која ќе се врши обесштетувањето. При изборот на банката ќе бидат земени предвид неколку критериуми, како што се цената за услугата што ќе ја бараат банките, раширеноста на мрежата на филијали, како и нејзиниот кадар и опремата за работа со население.
Во меѓувреме, Фондот очекува да ги добие и дефинитивните списоци во кои точно ќе бидат наведени бројот на штедачите и износот на влоговите. Овие списоци моментално ги подготвуваат во Радо банка, по што тие ќе одат на проверка во НБМ, и откако таа ќе ги потврди, прецизните списоци ќе бидат доставени до Фондот.
Согласно со законските прописи, Фондот ги намирува во вредност од 100 отсто штедачите со влогови до 10.000 евра, а 90 проценти оние меѓу 10.000 и 20.000 евра, но не повеќе од 20.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

