Свет
Парламентот донесе уште еден контроверзен закон
ВМРО-ДПМНЕ обвини за заговор на СДСМ и на ВМРО-Народна при донесувањето на измените на законот за службената злоупотреба
ВМРО-ДПМНЕ обвини за заговор на СДСМ и на ВМРО-Народна при донесувањето на измените на законот за службената злоупотреба
Претседателот затечен од одлуката на пратениците
ОЛИВЕРА ВОЈНОВСКА
ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека СДСМ и ВМРО-Народна во петокот во сенка на законските измени во функција на изборите и пред гласањето за законот за судови, го протуркале и амандманот за бришење на казната за пречекорување на службеното овластување. Оваа партија тврди дека од медиумите дознала оти парламентот изгласал ваква законска измена.
Во ВМРО-ДПМНЕ ваквата постапка ја оквалификуваат како упад во системот на гласање, бидејќи иако листингот покажува дека нивни пратеници го поддржале амандманот поднесен од Жарко Караџоски, тие воопшто и не биле во салата.
Затечени беа и во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски каде што,исто така, не знаеја дека се направени вакви измени во Кривичниот законик и напомнуваат дека во времето кога тие биле направени, Црвенковски бил во Солун. Од Кабинетот велат дека го виделе само образложението на предлогот од Владата, "каде што нема ниту збор" за злоупотребата на службената должност.
Црвенковски вчера почнал консултации со правни експерти околу направената измена на Кривичниот законик и во овој дел, по што ќе го изгради ставот дали ќе го потпише законот.
Во политичките кругови ваквото решение се толкува како отворање пат за амнестирање на функционерите од поранешната власт кои ги злоупотребиле позициите, меѓу кои беа Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Драган Даравелски и други. Исто така, се тврди, дека на ваков начин се затвораат можностите и за повикување на кривична одговорност и на сегашните функционери, доколку ги пречекориле овластувањата. Премиерот Владо Бучковски, пак, тврди дека измената погрешно се толкува и оти казнивото дело не се укинува, туку само се преформулира. Тој ги отфрла обвинувањата за сојузништво и договор со ВМРО-Народна и вели: "Нема никаков договор со ВМРО-Народна, тоа не е вовед во коалиција, бидејќи за амандманот гласале сите пратеници, освен ДУИ".
Инаку, според листингот, контроверзниот амандман добил 61 глас. За него покрај љупчовистите, позитивно гласале и пратениците од СДСМ, ЛДП, НСДП, ДОМ, ЗНП, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, а против биле само петмина пратеници од ДУИ.
Интересно е што корекцијата на Кривичниот законик е направена експресно и без никаква расправа. Откако министерката за правда, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, го одбила амандманот на ВМРО-Народна, за збор не се јавил никој, дури ни предлагачот, односно, пратеникот Жарко Караџоски. Немало никаква дискусија и пратениците веднаш гласале.
Шефицата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, вели дека во случајов е направен упад во Кривичниот законик и во процедурата. Таа потсетува дека ВМРО-Народна уште во март има побарано измена на Кривичниот законик во делот на злоупотребата на службената должност, но таа е на дневен ред на друга собраниска седница. Според неа, во петокот намерно е направена ваква забуна за да се доведат пратениците во заблуда. "Амандманот на Караџоски е буквално протнат и тоа спротивно на Деловникот: амандмани да се поднесуваат само на членот што е предмет на предлогот од Владата, а не на целиот текст на законот. За амандманот немаше никакво образложение, тој е протуркан низ мала врата. Сметаме дека ваквото решение што се донесе е резултат на договор меѓу ВМРО-Народна и СДСМ. Не станува збор само за амнестија на луѓето од опозицијата, туку најмногу за оние од актуелната власт во иднина да бидат заштитени од кривично гонење", вели Бонева. Караџоски вчера одбегна да даде каков било коментар во врска со неговиот амандман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

