Свет
„Хач" бара ново рангирање за ТЕЦ „Неготино"
Од второрангираниот конзорциум тврдат дека нивната понуда е подобра отколку на австриската ЕВН
Од второрангираниот конзорциум тврдат дека нивната понуда е подобра отколку на австриската ЕВН
Второрангираната компанија на тендерот за ТЕЦ „Неготино" , канадско-бугарскиот конзорциум, „Хатцх Ацрес Инц. – Финанце Енгинееринг", поднесе жалба до владината Второстепена тендерска комисија поради низа забелешки во извршеното рангирање на понудите. Конзорциумот бара враќање на постапката и повторно бодирање и рангирање, по што очекува дека ќе биде рангиран на првото место. Според конзорциумот, рангирањето е извршено само од формален аспект, со просто собирање на бројките, а прворангираниот ЕВН АГ, не го заслужува правото да биде потписник на договорот за купопродажба на ТЕЦ-от.
Адвокатот на конзорциумот „Хач", Валерјан Моневски, вели дека понуда на „Хач" била многу подобра од сите тендерски аспекти, за разлика од понудата на ЕВН, која од владината Комисија беше избрана како најдобро рангирана со 86,85 бода, додека конзорциумот „Хач" доби 60,402 бода.
„Речиси е невозможно Комисијата за само два дена да ја изврши евалуацијата на исцрпната документација на ’Хач’, која брои над 1.000 страници. Убедени сме дека нашата понуда не е евалуирана на задоволителното ниво и со вистинските аргументи и параметри. Покрај тоа, направено е директно изигрување на тендерските правила поради прифаќањето на понудата на треторангираниот „Вербунд", каде што ЕВН поседува над 10 отсто од капиталот", вели Моневски.
Според него, не станува збор за сериозна понуда, со конкретен бизнис-план и план за инвестиции, туку за обично писмо за намери, бидејќи ЕВН бара контра поволности од Владата за реализација на проектот, додека понудата на „Хач" е безусловна. Тука се и 13,5 милиони евра што „Хач" ги понуди за акциите на ТЕЦ „Неготино", за разлика од ЕВН, која понуди само 4 милиони. „Тоа јасно го увидовме при отворањето на понудите и при повторниот увид на документите. Ќе видиме како ќе се изјасни Второстепената комисија. Решени сме да одиме докрај во намерите да докажеме дека нашата понуда е единствената реална, и за таа цел ќе се обратиме до сите надлежни институции", вели Моневски.
Тој објаснува дека „Хач", како водечка компанија на конзорциумот, постои од 1924 година и е енергетска, светска компанија од Канада која има инсталирани хидрокапацитети од 40.000 мегавати и има изградено повеќе нуклеарни и термоцентрали во светот. За ТЕЦ „Неготино" беа понудени 325 милиони евра инвестиции, што вклучува новоинсталирана моќност на постојниот блок со нова технологија, која би бил оперативен за 8 месеци, изградба на нов блок, како и изградба на хидроцентрала на реката Вардар од 7 мегавати. „Неготино" би користела висококвалитетен јаглен како суровина кој би бил увезуван од соседна Грција и кој би се преработувал со најсовремена технологија. Според „Хач", речиси е нереално во ТЕЦ „Неготино" да се инвестира751,7 милиони евра за да се добие капацитет од 763 мегавати, користејќи го притоа јагленот како суровина, бидејќи ваков капацитет не може да се опслужи со јаглен при постојните железнички капацитети во РМ. Каков било испад на таков блок би предизвикал распад на целиот систем во државата. Конзорциумот предлага две единици по 210 и една од 330 мегавати. Додека ЕВН предлага 93 нови вработувања, конзорциумот нуди 190 нови работни места, а во бизнис-планот содржи проекции за годишно производство на струја за наредните 10 години, како и други развојни проекции. ЕВН нема инвестициски план за екологија, иако е тоа клучното барање на тендерот и нема предлог за депонирање на пепелот во депонија, за разлика од конзорциумот кој за ова нуди современа технологија.
Државниот советникот за енергетика при Министерството за економија, Никола Черепналковски, кој наедно е член на Комисијата, не сакаше да даде никаков коментар околу оваа ситуација. Портпаролот на Министерството, Исмаил Ебипи, пак, рече дека владината Комисија ќе постапи според процедурата, ќе биде разгледана жалбата на „Хач" и во предвидените рокови ќе се достави официјален одговор на конзорциумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Орбан никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево ја повтори својата поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија, само неколку часа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го критикуваше унгарскиот лидер за неговите критики за неговата поддршка за Украина.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Орбан „вистински силен и моќен лидер кој има докажана евиденција за постигнување феноменални резултати“.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас ги сакам Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Орбан вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја развие економијата, да создаде работни места, да ја промовира трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред. Трамп, исто така, се осврна на односите меѓу двете земји за време на неговото претседателствување.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја изрази својата желба да продолжи соработката „за да можат двете наши земји да продолжат да напредуваат по овој извонреден пат кон успех“.
Тој потсети дека го поддржал Орбан на изборите во 2022 година. „Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно“.
„Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и комплетна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија. Тој никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија“, заклучи Трамп.
фото/епа
Свет
Трамп повторно го тужи Харвард
Администрацијата на Трамп денес поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не се придржувал до федералната истрага и барајќи документи поврзани со неговите практики за прием на студенти.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон, адвокатите на Министерството за правда на САД изјавија дека бараните документи ќе помогнат да се процени дали Харвард се придржува до пресудата на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием на колеџи базирани на раса се прогласени за неуставни.
Министерството за правда соопшти дека ја поднело тужбата „единствено за да го принуди Харвард да достави документи поврзани со какво било разгледување на расата при приемот“ и „не го обвинува Харвард за какво било дискриминаторско однесување, ниту бара парична отштета или укинување на федералното финансирање“.
Трамп, претходно овој месец изјави дека неговата администрација бара 1 милијарда долари од Харвард за решавање на истрагите за политиките на универзитетот, откако новинските извештаи објавија дека Трамп се откажал од барањето за исплата од престижниот универзитет.
Харвард е во фокусот на широката кампања на администрацијата за користење на федерално финансирање за да се поттикнат промени на американските универзитети, за кои Трамп вели дека се погодени од антисемитски и „радикално левичарски“ идеологии.
Администрацијата откажа стотици грантови доделени на истражувачи од Харвард врз основа на тоа што универзитетот не направил доволно за да го спречи вознемирувањето на еврејските студенти на својот кампус, што го натера Харвард да поднесе тужба.
фото/Depositphotos
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“

