Свет
Атрактивна локација преку ноќ добила нов сопственик
Без логично образложение и надвор од законската процедура, струмичкиот катастар запишал нов сопственик на атрактивно место големо 270 квадратни метри, локација на која веќе се наоѓа магацинот на фирмата „Струмичко поле“во Струмица.
ГРЕШКА ИЛИ КРИМИНАЛ ВО СТРУМИЧКИОТ КАТАСТАР
Без логично образложение и надвор од законската процедура, струмичкиот катастар запишал нов сопственик на атрактивно место големо 270 квадратни метри, локација на која веќе се наоѓа магацинот на фирмата „Струмичко поле“во Струмица. Вистинските сопственици од оваа фирма обвинуваат дека надлежните во катастарот на подол начин и во криминална спрега со „Конзервна фабрика“, лани ја запишале и оваа фирма како сопственик на локацијата. Местото што сега има двајца сопственици се наоѓа веднаш до парцелата каде словенечката фирма „Енгротуш“ ќе гради трговски центар.
– Нема образложение зошто, кога таа локација и магацинот веќе има сопственик со имотен лист и катастарска шифра, некој се впуштил да ја запишува парцелата на други луѓе. Целиот процес го завршиле без да не информираат. За тоа дека и некој друг е сопственик на магацинот дознавме кога еден ден видовме дека се што имавме внатре е фрлено надвор и прозорците на магацинот се заковани – вели Ване Митев, сопственик на „Струмичко поле“.
Оваа фирма е сопственик на магацинскиот простор уште од декември 2003 година. Шест месеци по запишувањето на сопственоста, односно лани во мај, Одделението за премер и катастар во Струмица донело решение со кое право на сопственост врз истиот објект добило и АД „Конзервна фабрика“. Кога од Струмичко поле“ виделе дека објектот е преземан, барале образложение од катастарот и побарале грешката веднаш да биде исправена. Оттаму пак, веднаш им одговориле дека поради тоа што сега објектот има два сопственика, тие не смеат да избришат ниту еден. Катастарот донел заклучок дека постапката за утврдување на сопственоста мора да се повтори. Митев пред еден месец поднел жалба на овој заклучок, но одговор се уште нема.
– Како може да се повторува постапка на утврдување на сопственоста кога тој објект му припаѓа на „Струмичко поле“. Тоа е исто како за твојот стан да запишат нов сопственик и потоа за истиот да се утврдува дали навистина си сопственик. И пред трансформацијата на „Струмичко поле“, овој објект бил на ова претпријатие. Тогашното раководство дури го издавало под кирија, за што имаме и доказ, примерок од договорот за закуп – вели Митев.
Митев е актуелен сопственик на „Грозд“, а „Струмичко поле‘ го купил во август 2003 година. Оваа фирма произлегла од поранешниот Земјоделско индустриски комбинат во Струмица.
Во одделението за премер и катастар во Струмица велат дека случајот сега е во рацете на членовите на второстепена владина комисија.
– За тоа си има регуларен процес и не знам зошто ме прашувате мене. Јас нема што да коментирам. Сега има заклучок, а „Струмичко поле“ се жали на тоа. Ќе видиме што ќе биде – вели Христо Митров, раководител во одделението.
Митров го заменува директорот на струмичкиот катастар Јосиф Христов, кој моментно е на одмор, но не сакаше да коментира како се случило објект за кој веќе има имотен лист да се запишува на други сопственици.
– Зошто пак вас ве интересира што се случило. Да не сакате интервју да ви давам за се – вели Митров.
Во „Струмичко поле“ велат дека работата ќе ја туркаат до крај и дека најверојатно против вмешаните во случајот ќе поднесат и кривични пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

