Свет
Не сум човек на Бучковски
Јавното правобранителство ги презеде сите законски мерки што се во негова надлежност во случаите „Бачило“ и „УПА Ентерпрајз“ и непотребно се крена прав во јавноста, а одговорност се бара на погрешно место, вели Миодраг Стевановиќ, поранешен заменик-правобранител.
ПОРАНЕШНИОТ ЗАМЕНИК-ПРАВОБРАНИТЕЛ СТЕВАНОВИЌ ТВРДИ
Стојанка Митреска
Јавното правобранителство ги презеде сите законски мерки што се во негова надлежност во случаите „Бачило“ и „УПА Ентерпрајз“ и непотребно се крена прав во јавноста, а одговорност се бара на погрешно место, вели Миодраг Стевановиќ, поранешен заменик-правобранител.
Тој, како што во минатата недела тврдеше Државната комисија за спречување на корупцијата, незаконски го испразнил буџетот за околу два милиони евра, поради тоа што не поднел жалба во двата случаи.
Стевановиќ тврди дека ниту бегал ниту има причина за такво нешто затоа што „чесно и професионално ги затворил двата случаи“.
– Во Скопје сум со моето семејство. Не знам кој и зошто ги измислува сите приказни во медиумите, па и тоа дека сум побегнал во Србија. Имам 18-годишно искуство и досега немало никакви замерки за моето работење. Не можам да разберам зошто се прави сето тоа кога и во случајот „Бачило“ и во случајот со Љупчо Палевски Јавното правобранителство ги презеде сите мерки пропишани со Законот за јавно правобранителство – одговара Стевановиќ.
Државната комисија за спречување на корупцијата, анализирајќи ги двата предмети што ги водел Стевановиќ, заклучи дека јавната правобранителка Зоја Лега – Станоевска и Стевановиќ со прст не мрднале за да го заштитат државниот имот. Претседателот на комисијата Михајло Маневски вели дека Јавното обвинителство треба казнено да гони функционери од правобранителството и од Министерството за транспорт и врски. Според него, Врховниот суд треба да го преиспита случајот со Палевски.
Стевановиќ е револтиран:
– Не можам да сфатам како може Маневски да го споменува моето име во тој контекст кога нема правосилна судска пресуда дека сум виновен. Немам забелешки на работата на комисијата, но треба да се внимава кога се во прашање вакви сериозни случаи. Почесен и попрофесионален човек од Станоевска досега немало во правобранителството. Ве уверувам дека ако Палевски не бил во право, државата немаше да му ја исплати отштетата. Правобранителката тоа немаше да го дозволи – вели Стевановиќ, нагласувајќи дека не било во негова надлежност да врши проверка на документацијата што му била доставена и во двата случаи.
МВР и Основниот суд требало да ја утврдат фактичката состојба.
– Јас одлучувам врз основа на документацијата што ми беше приложена. Ако вештакот утврдил дека бачилото било бомбардирано или дека на Палевски му била урната градбата, ако во тој случај државата направила штета, тогаш јасно е дека мора да плати – смета Стевановиќ.
Тој вчера ги демантираше и обвинувањата дека е близок пријател со Бучковски.
– Да му бев пријател на Бучковски, ќе ме назначеше на функцијата штом стана премиер. За заменик-правобранител бев назначен дури по една и пол година, а бев разрешен без образложение – тврди Стевановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Нема да се откажеме од нашето оружје
Вооруженото крило на Хамас уште еднаш денес изјави, пред состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посветен на иднината на Појасот Газа, дека нема да се разоружа.
Бригадите Изудин ал-Касам, исто така, потврдија дека нивниот портпарол Абу Обеида е убиен, што Израел го објави во август.
„Нашиот народ ќе се брани и нема да се откаже од своето оружје сè додека трае окупацијата, нема да се предаде, дури и ако мора да се брани со голи раце“, рече нивниот нов портпарол, кој го зеде истото воено име, во видео порака објавена на Телеграм.
Соопштението беше објавено неколку часа пред состанокот меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Трамп во Флорида.
Вашингтон и регионалните медијатори сакаат да го забрзаат темпото на спроведување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа со цел да се премине на втората фаза. Договорот стапи на сила во октомври.
Во срцето на преговорите е разоружувањето на Хамас, кој одбива да го стори тоа. Хамас неодамна предложи „замрзнување или складирање оружје“ и префрлање на одговорноста врз Израел.
„Ги повикуваме сите вклучени страни да работат на разоружување на смртоносното оружје на окупацијата, кое се користело и продолжува да се користи за истребување на нашиот народ“, рече новиот Абу Обеида.
фото/депозитфотос
Свет
САД го извршија првиот копнен напад врз Венецуела; Трамп: Уништивме голем магацин
Соединетите Американски Држави, според претседателот Доналд Трамп, го извршија својот прв копнен напад врз Венецуела. Трамп рече дека нападот бил извршен на Бадник, а целта бил објект каде што наводно се наоѓале бродови со дрога, пишува Telegraph.
Во интервју за Fox News, американскиот претседател ја опиша акцијата подетално. „Тие имаат голема фабрика или голем објект од каде што доаѓаат бродовите. Пред две ноќи, го уништивме тоа. Ги погодивме многу силно“, рече Трамп. Засега, останува нејасно за кој објект станува збор.
Доколку се потврди, тоа би бил првиот напад врз венецуелска почва откако Вашингтон започна кампања за соборување на претседателот Николас Мадуро. Венецуелската влада или тамошните претставници сè уште јавно не објавиле копнен напад на САД.
На Бадник, на перонот X се појави снимка што покажува експлозија во венецуелската држава Зулија, во близина на Маракаибо, вториот по големина град во земјата. Сепак, хемиската компанија Примазол, која работи во областа, издаде соопштение во кое се вели дека пожар избувнал во еден од нејзините магацини наутро на 24 декември.
Компанијата „категорично ги отфрли“ сите сугестии дека пожарот е резултат на американски напад. Од почетокот на септември, американските сили извршија околу дваесетина рации врз мали бродови обвинети за транспорт на нелегални дроги во Соединетите Држави, при што загинаа 105 лица.
Свет
Трамп: Путин ми кажа дека Украинците го нападнале неговиот дом, многу сум лут поради тоа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му кажал дека Украина наводно нападнала една од неговите резиденции со беспилотни летала, велејќи дека таквиот потег „не е добар“, иако Киев веднаш ги отфрли тврдењата.
„Не ми се допаѓа. Тоа не е добро“, рече Трамп, додавајќи: „Слушнав за тоа утрово. Дали знаете кој ми го кажа тоа? Претседателот Путин. Тој ми кажа рано утрово дека бил нападнат. Тоа не е добро. Тоа не е добро. Не ги заборавајте Томахавците, јас ги запрев, не го сакав тоа. Едно е да се биде навредлив, бидејќи и тие (Русите) беа навредливи. Но, друго е да се нападне неговата куќа. Не е вистинско време за ништо од тоа. Денес дознав за тоа од претседателот Путин и бев многу лут.“
Тој додаде дека е можно обвинувањата да се лажни и дека нападот воопшто не се случил, но истакна: „Но, претседателот Путин ми кажа утрово дека се случило.“
Ова се првите изјави на Трамп за случајот откако рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров јавно упати обвинувања против Украина.
„Всушност, штотуку слушнав за тоа, но не знам ништо за тоа. Тоа би било многу лошо. Тоа не би било добро“, изјави Трамп пред новинарите пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида.
Трамп го опиша телефонскиот разговор со Путин како „продуктивен“, но додаде дека сè уште има отворени прашања за постигнување мировен договор за Украина.
фото/депозитфотос

