Свет
Владиците ќе бараат одговорност од г.г.Стефан
Тие ќе бараат одговорност од сите замешани во случајот ако се потврди дека е прекршен Уставот на МПЦ
СЛУЧАЈ „ГОВРЛЕВО“
Тие ќе бараат одговорност од сите замешани во случајот ако се потврди дека е прекршен Уставот на МПЦ
Владиците од Синодот на Македонската православна црква ќе бараат од охридскиот и македонски архиепископ г.г. Стефан, чија надлежност е Скопската епархија, да им го објасни случајот со продажбата на црковниот имот во скопско Говрлево. Тие ќе бараат одговорност од сите замешани во случајот ако се потврди дека е прекршен Уставот на МПЦ, односно ако се обелоденат сомнежите дека се продадени цркви, манастири и други сакрални објекти без расправа во Синодот и без одобрение од архијерејскиот црковно-народен собор.
Ова го најавија владиците Агатангел и Петар во одделни изјави за јавноста, во кои побараа да се испита случајот и да се лоцира одговорноста за да се симне вината од целата македонска црква ако се докаже дека имало неканонски постапки на одредени црковни лица.
– Секој треба да сноси одговорност за грешките и за престапите што ги направил. Во јавноста се прави забуна кога се вели дека МПЦ отуѓила црковен имот. Имотот не го продала МПЦ, туку некој службеник или одговорен во Скопската епархија.
Да се обвинува МПЦ за случајот „Говрлево“ е како да се обвинува Собранието на Македонија за некоја одлука на Општината Битола. Денеска добив писмо со кое архиепископот не’ известува за својата посета на Романија. Ќе почекаме да се врати и очекуваме бргу потоа да заседава Синодот. Не знам дали на таа седница овој случај ќе биде точка на дневен ред, но и ако не е, јас ќе побарам да се стави, затоа што станува збор за случај што ги разбранува верниците и затоа мора да се расчисти – изјави вчера преспанско-пелагонискиот митрополит и австралиско-новозеландски администратор г. Петар.
Како што веќе беше објавено, Скопската епархија и грчките газди на цементарницата „Усје“ склучиле преддоговор за продажба на имот од 17.366 квадратни метри со манастирскиот комплекс со повеќе манастири, конаци и цркви за 200.000 евра.
Митрополитот Петар рече дека за случајот има реакции и во дијаспората. Македонците од прекуокеанските земји добиле погрешен впечаток дека некој во Македонија распродава црковен имот, а тоа ја поткопува битката на МПЦ за да ги задржи црквите и манастирите во овие земји.
– Сите црковни спорови што ги почнавме во Австралија и во Нов Зеланд беа за да ги задржиме црквите во наше владение и да спречиме тие да бидат продадени. Првата македонска црква во Австралија „Св. Ѓорѓи“, во центарот на Мелбурн, локалната црковна општина ја продаде за 710.000 австралиски долари. Сега таму има апартмани и така го изгубивме можеби најважниот историски објект за нашата црква во Австралија. Сакрален објект може да се продаде, но само во специјален случај – ако од некое место се иселени сите верници, па по нивно барање црквата да се продаде, а да се изгради нова таму каде што отселиле луѓето. Но, Говрлево не е таков случај – објасни г. Петар.
Поглаварот г.г. Стефан ја објасни зделката како обид да се спасат оштетените објекти од разурнување поради минирање на ридот за потребите на „Усје“ и да се обезбеди нивно преместување на побезбедно место.
„Тоа што сакавме да го направиме е следново: да ги тргнеме срамот и стравот од самиот манастир и на сета негова околина. Побаравме да се дислоцираат веќе распуканите и неупотребливи за богослужба и за молитва објекти. Конакот е во многу незавидна состојба, самата црква е многу оштетена. Прифативме да се дислоцираат тие објекти во најблиска близина на селото Говрлево, каде што новиот манастир ‘Свети Трифун’ би бил пак во функција на жителите на Говрлево“, изјави г.г. Стефан пред да замине за Романија.
Слично беше објаснувањето на прота Коста Станоевски, секретар на Скопската епархија и директен учесник во продажбата, кој изјави дека медиумите ја извртеле целата работа, бидејќи црквата не го продала земјиштето, туку само учествувала „во дислокација на манастирот и црквите“. Под дислокација тој подразбира дека цементарницата ќе изгради нов манастир во селото Соње, како замена за стариот манастир „Свети Трифун“, стар шест века. Станоевски купопродажниот преддоговор не го разбира како отуѓување на земјиштето и објектите за навек. Вели дека во иднина влезот во манастирот за обичните граѓани нема да биде забранет.
– Не се работи за продажба, туку за замена. Медиумите и црквата не ги гледаат работите со исти очи – изјави тој.
Сепак, црковни извори тврдат дека дури и да бил оправдан договорот на Епархијата со „Усје“, тоа не ги ослободува одговорните од вината што го прекршиле Уставот и што не ја почитувале канонската процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Санчез: Трамп игра „руски рулет“ со животите на милиони луѓе
Шпанскиот премиер Педро Санчез повторно се спротивстави на нападите врз Иран што ги изведуваат САД и Израел, предупредувајќи дека со тие потези се „игра руски рулет со животите на милиони луѓе“.
Санчез се обрати откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекин на трговијата со Шпанија поради ставот на Мадрид за конфликтот.
„Така почнуваат големите катастрофи на човештвото. Не може да се игра руски рулет со судбината на милиони луѓе“, изјави Санчез во телевизиско обраќање.
Тензиите меѓу двата сојузника во НАТО се зголемија откако Санчез го осуди американско-израелското бомбардирање на Иран, нарекувајќи го непромислено и незаконско. Шпанија потоа забрани користење на американски авиони од поморските и воздушните бази во јужниот дел на земјата за напади врз Техеран.
Санчез порача дека светот не може да ги решава проблемите со конфликти и бомби и нагласи дека ставот на шпанската влада може да се сумира со зборовите „не за војна“.
„Нема да бидеме соучесници во нешто што е лошо за светот и спротивно на нашите вредности и интереси само за да избегнеме одмазда“, изјави шпанскиот премиер.
Тој потсети и на последиците од американската инвазија на Ирак во 2003 година, која доведе до пораст на тероризмот и на цените на енергијата, додавајќи дека причините и последиците од нападот врз Иран исто така се нејасни.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хосе Мануел Албарес изјави за шпанската телевизија ТВЕ дека нападот врз Иран нема цел да воспостави демократија и нагласи дека Шпанија е суверена држава која одлуките ги носи во согласност со меѓународното право.
Свет
Советник на иранскиот лидер: Нема преговори со САД, ќе војуваме колку што сакаме
Иран нема намера да преговара со Соединетите Американски Држави и нема никакви контакти со Вашингтон, изјави за иранската државна телевизија Мохамад Мохбер, висок советник на покојниот врховен лидер на Иран.
Мохбер, кој претходно беше вршител на должноста претседател на Иран и прв потпретседател на државата, истакна дека Техеран нема доверба во САД.
„Немаме доверба во Американците и немаме никаква основа за преговори со нив“, изјави тој.
Додаде дека Иран е подготвен да ја продолжи војната „колку што долго сака“.
Свет
Европски стравувања: Фокусот на САД кон Иран може да ја намали помошта за Украина, објави „Политико“
Европските официјални лица стравуваат дека американскиот фокус на конфликтот со Иран може да го намали вниманието и воената поддршка за Украина, што би можело да ја отежни нејзината одбрана од руските напади, објави бриселскиот „Политико“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека долготраен конфликт на Блискиот Исток може да го ограничи пристапот на Украина до американските системи за противвоздушна одбрана и други клучни ресурси.
Според официјални лица, САД веќе употребиле големи количини ракети и пресретнувачи во операциите против Иран, што може да влијае врз резервите на оружје во Европа и Украина.
Европските влади, кои немаат доволно резерви, се обидуваат да развијат сопствени воени капацитети и да продолжат да ја поддржуваат Украина, но тој процес може да трае со години. Зеленски изјави дека Украина ќе користи домашни ресурси и финансирање за да го надомести евентуалниот недостиг.
Кризата веќе влијае и врз плановите на Европската унија. Состанок поврзан со украинското членство, кој требало да се одржи на Кипар, бил одложен по напад со ирански дрон врз британска воздухопловна база на островот.
Во меѓувреме, САД и Израел извршија напади врз Иран, меѓу кои и ликвидацијата на врховниот лидер Али Хамнеи, што според проценките го ослабува Иран како снабдувач на руската воена опрема.
Украински официјални лица сметаат дека американските операции против Иран индиректно може да ѝ помогнат на Украина, бидејќи го намалуваат пристапот на Русија до ирански дронови и технологија.
Сепак, украински пратеници предупредуваат дека продолжената кампања на САД и Израел против Иран може да го забави напредокот на мировните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

