Свет
Кисела Вода засмрде на кисела зелка
Веќе три дена во населбите Усје, Кисела Вода, 11 Октомври и во Припор се чувствувала непријатна и задушлива миризба на кисела зелка, а, како што велат жителите, некои од нив почувствувале и дека ги печат очите.
СЕ БАРА ЗАГАДУВАЧОТ НА ВОЗДУХОТ ВО НАСЕЛБИТЕ
Гоце Трпковски
Веќе три дена во населбите Усје, Кисела Вода, 11 Октомври и во Припор се чувствувала непријатна и задушлива миризба на кисела зелка, а, како што велат жителите, некои од нив почувствувале и дека ги печат очите. Тие ја преплавиле со поплаки општината Кисела Вода и се сомневаат дека се случила хаварија во цементарницата „Усје“, која е во непосредна близина на овие населби. Од државниот инспекторат за животна средина, пак, велат дека направиле увид во цементарницата и дека таму се било во ред. Тие продолжуваат да го бараат загадувачот.
Луѓето револтирано раскажуваат дека состојбата станала неподнослива.
– На овие високи температури мораме да ги затвориме сите прозорци, а миризбата повторно е присутна. Чувствуваме и главоболки од неа – вели Цветан Крстев од 11 Октомври.
Од општината Кисела Вода, од каде што исто така се сомневаат дека фабриката „Усје“ го загадила воздухот, најавуваат и кривични пријави против надлежните инспектори ако не им презентираат вистински податоци за количеството на гасови што го испушта фабриката.
– Не може некој да остварува профит за сметка на здравјето на луѓето. Нормално е дека инструментите во цементарницата нема да покажат прекумерно загадување, затоа бараме реални резултати. Ако инспекторот Славчо Ристов, кој е задолжен да ја следи работата на фабриката, не ни ги прикаже резултатите од мерењата за 15, 16 и за 17 август, ќе поднесеме кривична пријава против него – најави Тони Чуповски, шеф на кабинетот на градоначалникот Џорџе Арсов.
Инспекторот Ристов тие три дена бил на годишен одмор, а испитувања на теренот вршеле инспекторите Дарко Блинков и Иван Камењарски. Тие велат дека во цементарницата и во повеќе други индустриски објекти во околината не нашле ништо, но дека продолжуваат да го бараат загадувачот.
– Имаше многу поплаки на граѓани од Кисела Вода за непријатна миризба и дека се паркирале пет камиони полни со сечкана гума пред цементарницата „Усје“. Од нашиот увид, кој го потпишаа и одговорните од фабриката, се гледа дека максимално дозволеното загадување не е надминато, ниту има нови количества гума. Камионите носеле петрол-кокс, што се користи во производството. Во кругот на поранешната стакларница направивме увид во повеќе фирми – отпад за старо железо, мала ливница, печатница за билборди и други. Потоа бевме и во фабриката „ОХИС“, но таа не работеше. Дежурниот таму ни кажа дека таа работи само во прва смена и тоа минимално. Во нејзиниот круг не се чувствуваше миризба на кисела зелка. Ќе продолжиме со увидите, а кога ќе го најдеме загадувачот ќе ги известиме граѓаните – одговараат инспекторите.
Тие велат дека контактирале со надлежните за животна средина од општината Кисела Вода и се договориле наскоро тие да ги добиваат истите извештаи што стасуваат и во Државниот инспекторат за животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

