Свет
И судијата Костовски се прогласи за чист во случајот „УПА“
Имав големи притисоци за побрзо да го завршам случајот „УПА Ентерпрајс“, се огласи вчера судијата Дејан Костовски, кој одлучил дека на Љупчо Палевски треба да му бидат доделени еден милион евра отштета за урнати објекти.
ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИВИНОВНИКОТ ЗА СПОРНАТА ОТШТЕТА?
Мери Јордановска
Имав големи притисоци за побрзо да го завршам случајот „УПА Ентерпрајс“, се огласи вчера судијата Дејан Костовски, кој одлучил дека на Љупчо Палевски треба да му бидат доделени еден милион евра отштета за урнати објекти. Врховниот суд завчера одлучи дека целиот случај бил незаконски затоа што тужбата била неуредна, а вештаците ја утврдувале само висината на отштетата без да се земе предвид пресудата на Врховниот суд од 2002 година во која се вели дека објектите биле дивоградби.
– Таа пресуда јас ја немав. Не знам зошто, но не ми беше доставена. Јас се раководев од пресудата на Врховниот суд од 2000 година во која се поништува решението за рушење на објектите. Тука се отвора основа за барање отштета. Додека го водев случајот имав големи притисоци од Палевски за побрзо да го завршам. Колку што знам Палевски и раководните лица од правобранителството беа во постојан контакт и тие немаа ништо против мојата одлука – вели Костовски, кој денеска детално ќе се изјасни во јавноста за овој случај.
Со тоа се уште останува нејасно како е можно низ правните институции да се изгуби пресуда од Врховниот суд, кое ја немало ниту јавното правобранителство.
– Требало да знаат. Кога се поништува едно решение, се носи друго. Да се јавеле ќе им кажевме дека постои пресуда од Врховниот суд – вели претседателот на судот Дане Илиев.
Судијата Костовски моментално живее во Љубљана, а како што вели, од функцијата бил разрешен без негово знаење.
– Републичкиот судски совет вели дека ме разреши по мое барање, а јас барање не поднесов. Единствено што барав е да ми мирува функцијата додека сум во Љубљана каде што работи мојата сопруга – вели тој.
Според него, Врховниот суд со последното соопштение му сугерира на Основниот суд како тој да одлучи по барањето за повторување на постапката за случајот „УПА“, што го поднесе Јавното правобранителство.
За овој случај, Државната комисија за спречување на корупцијата досега се изјасни дека обвинителството треба казнено да гони функционери од правобранителството (Зоја-Лега Станојевска и Миодраг Стевановиќ) и од Министерството за транспорт и врски (додека министер беше Душко Кадиевски од ВМРО-ДПМНЕ).
Засега, од обвинителството има само молк по однос на кривичната одговорност. Обвинителот Александар Прчевски тврди дека станува збор за предмети што не може да се завршат за два дена и дека се работи на случаите.
Запрена постапката за разрешување на Зоја Лега?
Решението за разрешување на јавната правобранителка Зоја Лега-Станојевска е запрено, дознава „Време“. Причините за запирање на постапката на јавната правобранителка засега се непознати.
Разрешувањето на Лега-Станојевска не беше објавено ниту во последниот број на „Службен весник“, и покрај тоа што во истиот број беа објавени сите други разрешувања од истата седница на Владата.
Според Законот за јавно правобранителство, Владата го предлага и го разрешува јавниот правобранител. Владата на првата седница ја разреши Лега-Станојевска, но потоа решението било запрено од непознати причини. Таа, откако беше разрешена не се појавува во правобранителството, но се уште нема добиено решение за нејзино разрешување.
Прчевски и Маневски како куче и мачка
Со Михајло Маневски вчера се гледав како мачка и куче, изјави јавниот обвинител Александар Прчевски, по вчерашниот состанок во Академијата за обука на судии и обвинители.
– Маневски ми велеше дека јас сум бил олицетворение на партиските интереси. Ако е така, зошто јас не станав министер за правда? – рече Прчевски, за кого Владата на последната седница поднесе предлог да биде разрешен.
Според него, тој предлог е неоснован и паушален и докажува дека Владата се однесува несериозно кон институцијата јавен обвинител.
За случајот „Раштански Лозја“ Прчевски вели дека обвинителството поднело барање за заштита на законитоста до Врховниот суд.
– Тој случај е чист. Прашајте го Дане Илиев зошто му седи во фиока нашето барање. Ги отепаа луѓето како пилци! – рече Прчевски.
Тој тврди дека е неправедно обвинет за неповедувањето кривична одговорност против вмешаните во аферите што ги отвори антикорупциската комисија, бидејќи за тоа одлучувале заменик-обвинителите што ги воделе случаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

