Свет
Не оди на суд оти бил тешко повреден, а во болница се лечи со проститутки
Фатмир Љури беше ранет во полициската акција пред десет месеци во Кондово и од тогаш е во Градската болница
Фатмир Љури беше ранет во полициската акција пред десет месеци во Кондово и од тогаш е во Градската болница
Кондовецот Фатмир Љури, кој во март годинава беше ранет во полициска акција, се уште ги лекува повредите во Градската болница во Скопје. Поради тоа, другарот на Агим Красниќи, вешто го одбегнува појавувањето пред Основниот суд Скопје 1, од каде безуспешно доставуваат барања за негово доведување на обвинителната клупа. Но, најскандалозно во целиот случај е тоа што Љури добива редовни ноќни посети од неколку девојки за забава. Извори во Градската болница велат дека собата број 28 во Одделението за трауматологија станала вистинска јавна куќа и покрај тоа што пред собата на Љури стражарат двајца полицајци и еден чувар од затворот „Скопје“.
„Тоа што се случува на вториот кат од болницата го нема никаде. Барем трипати неделно во собата на Љури влегуваат девојки, кои му пружаат сексуални услуги. Ова го знаат буквално сите, од другите пациенти преку медицинските сестри до докторите, но никој не смее да преземе ништо“, велат дел од лекарите во Градската болница, кои инсистираат на анонимност, стравувајќи за својот живот. Лекарите велат дека дрскоста на Љури ги преминувала сите граници, па затоа некои и одбивале да ја вршат редовната дневна визита.
„Крајно безобразен пациент со кого е невозможно да се работи. Очигледно дека некој го штити, а тоа со проституките е посебна работа. Тој дури на сите им се фали, детализирајќи ги интимните моменти што ги имал предходната вечер“, вели еден доктор.
Тој објаснува дека чуварите што се задолжени да го чуваат Љури замижуваат кога нему му доаѓа ноќната посета. Не реагираат ниту членовите на приватното обезбедување на болницата. Велат дека тоа е нормално, бидејќи Љури со сите нив се однесувал „фино“, постојано честејќи ги пијачки, пици, колачи, сендвичи. Освен тоа, за здравјето на овој пациент се грижел директорот на болницата, д-р Виктор Камиловски, а згора на се, Љури го посетиле неколкумина функционери на Владата.
И од затворот „Скопје“ потврдуваат дека наслушнале за ноќните посети што повредениот Љури, наводно, ги имал во доцните вечерни часови.
„Еден од тројцата чувари е наш вработен. И јас слушнав за некакви ноќни посети што ги имал пациентот и затоа лично бев да го посетам. На вработените во затворот „Скопје“ им кажав дека доколку навистина нешто сомнително се открие, ќе следат суспендирања и бркања од работа, но луѓето задолжени за чување на пациентот, па и самиот Љури ме убедуваа дека такво нешто нема. Јас и нему му кажав за она што го наслушнав, а му кажав и тоа дека ќе има контроли во ноќните часови. Знам и тоа дека вакви контроли спроведувале и од МВР, но и тие не забележале ништо сомнително“, вели директорката на затворот „Скопје“, Билјана Зефиќ. Според неа, пациентот Љури во ниеден момент не можел да биде сместен во Арестанското одделение од едноставна причина што тој по инцидентот бил пренесен во Градската болница каде во следните неколку месеци врз него ќе бидат извршени неколку сложени хируршки зафати и таму се води целиот исторојат на болеста на пациентот. Префрлањето во Арестантското одделение е невозможно и од други причини, односно поради долгото реновирање на притвореничкото одделение. Директорката Зефиќ е на мислење дека по закрепнувањето на Љури нивната установа ќе биде таа која ќе се грижи за неговите натамошни потреби, односно за неговото транспортирање заради изведување на физикална терапија.
Неуспешно завршија нашите напори да стапиме во контакт со прозваниот директор на болницата, д-р Виктор Камиловски. Со образложение дека е затрупан со обврски и со ветувања дека ќе ни се јави, Камиловски едноставно не успеавме да го слушнеме. Дознаваме дека на сличен проблем наишла и судијката Снежана Бајлозова од Основниот суд Скопје 1, која поради зачестеното појавување на Агим Красниќи и на неговите најблиски соработници пред телевизиските камери, а поради нивната недостапност за органите на прогонот, им изрече мерка притвор.
„Пред неколку дена повторно службено се обратив до директорот на Градската општа болница со барање да ми се објасни во каква здравствена состојба е обвинетиот Фатмир Љури, но одговор се’ уште немам добиено. Писмено се обратив и до министерката за внатрешни работи од која барам да постапи согласно наредбата за приведување на Агим Красниќи и на другите обвинети и сега и оттаму чекам одговор“, вели Бајлозова. Судијката вели дека со нејзина колешка, која исто така треба да му суди на обвинетиот Љури, намерно ги темпираат термините за судење, бидејќи на тој начин и двете се информираат за состојбата на пациентот Љури.
Инцидентот во кој беше ранет Фатмир Љури се случи на втори март во една од таканаречените социјални бараки во Кондово. Во престрелката со полициските специјалци загина неговиот пријател Енвер Џафери, додека албанскиот државјанин Сокол Гега мина без повреди. Четириесетина дена подоцна, во Основниот суд Скопје 1, Гега, заради недозволено поседување на оружје, беше осуден на затворска казна во траење од 5,6 години, а по издржувањето на казната тој ќе биде протеран од земјата во наредните седум години. (У.В.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тринаесетгодишно момче нападна двајца врсници во Лондон со нож: уапсен е во џамија
Тринаесетгодишно момче уапсено под сомнение дека избодел двајца ученици во средното училиште Кингсбери во Лондон е поранешен ученик во училиштето, потврди полицијата. Двајцата нападнати ученици, на возраст од 12 и 13 години, се префрлени во болница и се во сериозна состојба. Настанот не се третира како терористички напад, пишува „Скај њуз“.
Главната началничка Хелен Фланаган им изјави на новинарите дека се верува дека осомничениот тинејџер, британски државјанин, влегол во училишната зграда во Брент, северозападен Лондон, и се упатил кон училница на првиот кат.
„Тој влегол во училницата и веруваме дека додека влегувал низ вратата, испрскал ученик со некоја супстанца“, рече Фланаган.
„Потоа осомничениот нападнал друг ученик во училницата, 13-годишник, и го избодел. Потоа избегал, трчајќи по училишниот ходник“, додаде таа. „Додека бегаше, тој нападнал друга жртва, 12-годишно дете, кое исто така го избодел пред да избега од училиштето“, рече таа.
Уапсен во џамија
Полицијата и службите за итни случаи биле повикани околу 12:40 часот, а по обемна потрага, осомничениот бил уапсен кратко по 18 часот. Според началникот Фланаган, дојавата од јавноста била клучна. „Еден граѓанин се јавил во полиција околу 16:50 часот, загрижен за тинејџер што го видел во џамија во северозападен Лондон“, објасни таа.
„Полициските службеници брзо пристигнале и уапсиле 13-годишно момче под сомнение за обид за убиство. Тој останува во притвор. Во овој момент, не веруваме дека осомничениот има каква било посебна врска со џамијата и веруваме дека веројатно бил таму случајно. Сите во џамијата дадоа огромна поддршка на истрагата“, рече Фланаган.
Иако нападот го истражуваше полицијата за борба против тероризмот вчера, инцидентот не е прогласен за терористички инцидент, соопшти полицијата. Во писмо до родителите, директорката на училиштето изјави дека станува збор за „длабоко трауматичен настан за целата училишна заедница“. Министерката за внатрешни работи го опиша нападот како „шокантен“.
Свет
Зеленски: Првпат слушам за 24 февруари како датум на избори во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави, коментирајќи ги извештаите на некои медиуми, дека за прв пат слушнал оти датумот на изборите во Украина може да биде 24 февруари и нагласи дека одржувањето на изборите зависи од безбедносната состојба.
Како што објави Укринформ, претседателот на Украина го кажа ова на новинарите коментирајќи ја информацијата на „Фајненшл тајмс“ за наводната намера да се објави датумот на претседателските избори и референдумот за територијален интегритет на 24 февруари.
„Во врска со изборите и намерата да се објави датумот на 24-ти, ова е прв пат што го слушам тоа. Веројатно првпат го слушнав од „Фајненшл тајмс“. Сега го слушам од вас по втор пат. Второ, многу пати зборував за изборите – ќе дојдеме до нив кога ќе ги има сите потребни безбедносни гаранции“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина додаде дека прашањето за избори повремено го поставуваат некои партнери, но дека Украина никогаш самата не го иницирала ова прашање.
„Без сомнение, ние сме подготвени за избори. Јас го кажав тоа: само обезбедете прекин на огнот – ќе има избори. Тоа е безбедносно прашање“, додаде тој.
Зеленски, исто така, изјави дека САД ја покренале темата за изборите, но не сакаше да даде детали.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Украина се подготвува за претседателски избори и референдум за мировен договор со Русија, откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара организирање на гласањето до 15 мај, заканувајќи се во спротивно дека ќе го условува Киев со негирање на безбедносните гаранции, пренесуваат медиумите.
Свет
Макрон: Единственото решение е Европа да стане независна сила
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во Антверпен изјави дека „единственото“ решение за економските закани што ги претставуваат Кина и Соединетите Американски Држави е Европа да стане независна сила.
„Ни треба нова скала и нова брзина во нашиот пристап за да се стави крај на фрагментацијата што ја ослабува и ризикува да ја понижи Европа“, им рече Макрон на бизнис лидерите во Антверпен, Белгија, објавија француските медиуми.
Францускиот претседател повторно ја лансираше идејата за „еврообврзници“, заеднички европски обврзници за финансирање на големи инвестиции и Европа да остане конкурентна со Пекинг и Вашингтон.
„Ако сакаме да инвестираме доволно во одбраната и вселенската безбедност, чистите технологии, вештачката интелигенција и квантното пресметување и да ја трансформираме нашата продуктивност и конкурентност, единственото решение е да се издаде заеднички долг“, додаде Макрон.
Оваа идеја за заеднички европски долг ја застапува Франција со години, но други земји, вклучително и Германија, постојано ја отфрлаат.
„Никогаш не сме живееле во ваков период. Затоа, мора да прифатиме преземање клучни мерки што не се многу вообичаени во традиционалните европски алатки за мерки“, рече Макрон.
Францускиот претседател рече дека Европа е во вонредна ситуација и додаде дека сите треба да бидат свесни за ова бидејќи наскоро ќе биде предоцна.
Макрон, исто така, ги повика земјите кои се подготвени да ги спроведат реформите на единствениот европски пазар предложени од Комисијата, да ја зајакнат соработката, со цел што поскоро да се постигне напредок.

