Свет
Полицијата два дена ги брои пакетите кокаин
По првите 438 килограми, вчера биле најдени уште 45 кг кокаин во кантите со боја
По првите 438 килограми, вчера биле најдени уште 45 кг кокаин во кантите со боја
Полицијата два дена ги брои пакетите со кокаин од Венецуела, скриени во 882 канти акрилна боја, што полицијата и мобилната царината ги запленија во камион во близина на граничниот премин Блаце. Успешната меѓународната полициска акција во која завчера беа запленети 483 килограми кокаин, беше повод премиерот Никола Груевски да го посети МВР.
– Полицијата вчера откри дополнителни 45 килограми кокаин од претходно објавените 438 кг. Во дводневното проверување на кантите со поликолор вкупно се пронајдени 483 килограми кокаин чија цена на пазарот би се движена од 46 до 92 милиона евра – изјави Груевски и нагласи дека акцијата на полицијата се одвивала во соработка со странските служби и Интерпол и траела околу еден месец. Тој објасни дека претпоставките за цената се различни бидејќи станува збор за квалитетен кокаин што, доколку би се продал чист, во малопродажба би чинел 46 милиони евра.
Сепак, експертите за наркотици сметаат дека дрогата требало да се измеша со други состојки, со што би се добило двојно поголемо количество за кое на пазарот би се добиле 92 милиона евра.
Според експертите, високиот квалитет и чистота на дрогата укажува дека таа е испратена директно од производителот. Кокаинот бил произведен во Венецуела, а со брод бил донесен до црногорското пристаниште Бар. Оттаму дрогата е натоварена во македонскиот камион и преку Косово и Македонија требало да стигне до Грција. Крајната дестинација биле државите од Европската Унија. Во МВР велат дека испраќачите и примачите на товарот биле фантомски фирми, а полицијата е на добар пат целосно да го расчисти случајот.
По саботната акција, во која полицијата и Царинската управа кај граничниот премин Блаце открија камион со половина тон кокаин, истражен судија вчера му одреди триесетдневен притвор на уапсениот возач, македонски државјанин.
Полицијата има уште неколку осомничени за случајот, меѓу кои еден со македонски и со странски пасош, а еден е државјанин на соседна земја.
Меѓу осомничените има државјани на Венецуела, Србија и на Грција. Дрогата била спакувана во пакети од околу еден килограм и 100 грама, а потоа скриена во 882 кутии акрилна боја.
За заплената, која е најголема досега во Македонија, се заинтересирале многу дипломати и светски агенции.
УНМИК
Знаевме за дрогата, ама немавме опрема да ја идентификуваме
Косовските цариници знаеја, но не го запленија камионот со кокаин затоа што немаа соодветна опрема за да ја идентификуваат дрогата, изјави директорот на мобилните единици на царината на УНМИК, Екрем Хајдари, за подгоричкиот весник „Виести“. Косовските цариници констатирале дека станува збор за многу сомнителна пратка и ги информирале колегите во Македонија.
– Станува збор за меѓународен криминален синџир во кој се замешани моќни криминалци од српското подземје. Претоварањето во барското пристаниште е направено во минатата недела, а новогодишните и божикните празници се користени за транспорт преку Косово и Македонија. Криминалците сметале дека во празничните денови вниманието на цариниците и на полицајците е послабо од вообичаено – наведува весникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

