Свет
Србија им стана скривница
Методија Смиленски, Драган Даравелски и Станислава Полетан-Чочоровска се тројцата Македонци што во последниве две години ја користат можноста преку добивање српско државјанство да избегнат екстрадиција во Македонија, а со тоа да ја избегнат и одговорноста за криминалот што го направиле во земјава.
СМИЛЕНСКИ, ДАРАВЕЛСКИ И ЧОЧОРОВСКА СО ИСТАТА СУДБИНА
Методија Смиленски, Драган Даравелски и Станислава Полетан-Чочоровска се тројцата Македонци што во последниве две години ја користат можноста преку добивање српско државјанство да избегнат екстрадиција во Македонија, а со тоа да ја избегнат и одговорноста за криминалот што го направиле во земјава.
Дали проблемот се крие во Србија или во Македонија и кој има интерес од тоа оние што направиле кривични дела во земјава лесно да се скријат во Србија? Експертите тврдат дека секоја држава дава државјанство ако има интерес од тоа, без разлика дали станува збор за финансиски, економски или социјален интерес.
– Секоја држава има интерес кога дава државјанство. Но за конкретните случаи, сметам дека проблемот не е во Србија, туку во Македонија. Не е толку лесно да се добие српско државјанство, колку што е лесно, на пример, да се добие бугарско. Проблемот е што Македонија не ги сака криминалците тука, за тие да не пропеат кои им се ортаците. Во спротивно, Даравелски и Смиленски одамна ќе беа во земјава. Но, се си има своја цена, па така и државјанството – вели Трајан Бендевски, професор по меѓународно приватно право.
Се претпоставува дека по директива и сугестии на исти политички и правосудни експерти во државава, Даравелски и Смиленски го искористија и истиот метод за да избегнат екстрадиција во Македонија. На првиот му успеа, на вториот не. Српското министерство за внатрешни работи го одби барањето на Смиленски за добивање српско државјанство. Ваквата одлука следуваше по бурните реакции на голем број експерти, кои едногласно тврдеа дека Србија ќе стане депонија на криминалците од Македонија.
– Српски државјанин не може да стане лице што е под истрага или против кое се водат судски процеси. Тоа го диктираат сите европски политички трендови. Државата ќе се најде во голема опасност ако му даде државјанство на такво лице – дециден е Момчило Грубаќ, поранешен претседател на Врховниот суд на Србија.
Според српскиот закон за државјанство, последен пат променет во 2001 година, постои можност за добивање српско државјанство доколку лицето е бегалец, доколку во државата престојувало доволно долго или пак доколку е во брак со српски државјанин. Поранешниот директор на Царинската управа Даравелски, кој се сомничи за злоупотреби од повеќе од два милиони евра, не исполнуваше ниту еден од овие услови, а сепак врз основа на српското државјанство ја избегна екстрадицијата во Македонија.
– Ние самите го пуштивме Даравелски. Парите отвораат многу врати, а јасно е дека тој ги потплати властите за да го избегне депортирањето во државава. Не смее истото да ни се случи и со Смиленски. Тој не доби српски пасош, но нејасно е зошто се уште не е екстрадиран во Македонија – прашува Бендевски.
Од српскиот Окружен суд објаснуваат дека решението за екстрадиција на Смиленски се уште не е доставено до Министерството за правда затоа што се чека да помине рокот за жалба, откако нему му беше продолжен притворот за еден месец. По истекот на рокот пред српскиот министер за правда Зоран Стојковиќ ќе се најдат две барања за екстрадиции, на Смиленски и на Чочоровска.
Во 1997 година Смиленски се откажал од македонското државјанство, а го задржал австриското. Даравелски, пак, успеа со двојното државјанство (српско и македонско) да ги избегне судењата во Македонија. Експертите сметаат дека голема е веројатноста Полетан-Чочоровска да добие српско државјанство, затоа што за разлика од Смиленски и Даравелски, таа ги исполнува двата законски услови: постојан престој во државата и брак со српски државјанин. Српското министерство за внатрешни работи има право без никакво образложение да одобри или да одбие издавање српско државјанство. Доколку и биде одобрено државјанството, таа, исто како Даравелски, ќе ја избегне екстрадицијата во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелците со тенк убија пет свои војници во Газа
Петмина израелски војници загинаа во пријателски оган во северниот дел на Појасот Газа, а тројца се тешко ранети, соопштија израелските одбранбени сили.
Според израелските медиуми, војниците загинале вчера во пријателски оган од израелски тенкови за време на судирите со милитантите на Хамас.
Извештаите велат дека тенк удрил во зграда во бегалскиот камп Џабалија каде што биле сместени војници.
Според податоците на израелската армија, од почетокот на војната во Газа, во борбите загинале 626 војници, а околу 3.500 се ранети.
Свет
Тинејџер исчезна во Алжир во 1998 година, по 26 години пронајден е жив во шталата на соседот
Алжирецот кој исчезнал пред 26 години бил пронајден во шталата на соседот, на само неколку минути пешачење, објави оваа недела Министерството за правда на земјата.
Човекот, идентификуван само како Омар Б., исчезнал на 19-годишна возраст, за време на граѓанската војна во Алжир во 1998 година, а неговото семејство претпоставувало дека бил киднапиран или убиен, пренесува „Си-би-ес“.
Сега, на 45-годишна возраст, тој бил пронајден меѓу стоговите сено на само околу 200 метри, откако братот на киднаперот се пожалил на социјалните мрежи за спор околу наследството.
Алжирските медиуми објавија дека кога членовите на семејството почнале да ја пребаруваат куќата на осомничениот, тој станал напнат кога се приближиле до стогот сено и на крајот го пронашле Омар Б. како седи под него во тишина.
Соседот (61) на семејството на Омар е приведен откако се обидел да избега, соопшти Министерството. Алжирските медиуми објавија дека жртвата изјавила дека не можел да повика помош „поради магијата што ја фрлил врз него неговиот киднапер“.
Киднаперот на тинејџерот е обвинет и дека го убил своето куче со отров, јавуваат алжирските медиуми.
Министерството соопшти дека истрагата се уште е во тек, додавајќи дека мажот добил медицинска и психолошка нега по злосторството, кое беше опишано како грозоморно.
Алжирските медиуми објавија дека мажот бил прегледан од лекар и префрлен во специјално психолошко одделение.
Свет
Заздравувањето на Фицо е доведено во прашање, на напаѓачот му пречела и владината политика кон Украина
Здравјето на словачкиот премиер Роберт Фиц се уште е тешко и рано е да се каже дали ќе закрепне, изјави неговиот заменик Роберт Калинак, ден по атентатот што ја шокираше Европа.
„За жал, сè уште не можам да кажам дека победуваме во напорите да го спасиме животот на Фиц, ниту дека прогнозите се позитивни бидејќи последиците од повредите предизвикани од четирите прострелни рани се такви што одговорот на телото на нив ќе продолжи да биде многу тежок“, рече Калинак.
Миријам Лапуникова, директорка на Универзитетската болница Рузвелт во Банска Бистрица, каде што се лекува премиерот Фицо, рече дека 59-годишниот премиер бил подложен на петчасовна операција во која учествувале два медицински тима за да ги санираат повеќете прострелни рани.
„Во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, но сепак е многу сериозна. Тој ќе биде задржан на интензивна нега“, изјави таа за новинарите.
Министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток на прес-конференција рече дека напаѓачот кого полицијата го товари за обид за убиство, дејствувал сам и дека претходно учествувал во антивладини протести.
„Станува збор за волк-самотник кој се радикализирал неодамна, во периодот по претседателските избори одржани во април“, изјави Сутај Есток.
„Како причини за нападот осомничениот ја наведе политиката на владата кон Украина, плановите за реформа на јавниот сервис и распуштањето на специјалното обвинителство“, рече министерот за внатрешни работи.
Словачки експерти во средата ги критикуваа безбедносните мерки преземени за заштита на премиерот по обидот за атентат врз Фиц.
„Самиот Фицо пред неколку недели зборуваше за опасностите од пукање врз политичарите“, изјави поранешниот началник на словачката полиција Стефан Хамран за весникот „Денник Н“ во четвртокот.
Тој се запраша кој ја анализирал потенцијалната опасност и ја проценил заканата. Хамран ја критикуваше реакцијата на телохранителите по пукањето.
Поранешниот шеф на словачката единица за обезбедување на заштитени лица, Јурај Забојник, исто така ги критикуваше телохранителите на премиерот.