Свет
Наместо во „Бунарџик“ 15.000 евра за Елена Ристеска
Ревизорите сметаат дека незаконски од буџетот на Дирекцијата се потрошени и 300.000 евра за рекламата за промовирање на Македонија на Си-ен-ен
Ревизорите сметаат дека незаконски од буџетот на Дирекцијата се потрошени и 300.000 евра за рекламата за промовирање на Македонија на Си-ен-ен
Евровизискиот настап на Елена Ристеска во Атина лани бил поважен за тогашната владина гарнитура од подготовката на слободната економска зона „Бунарџик“ за изградбата на фабриката на „Џонсон контролс“. Дирекцијата за слободни економски зони незаконски потрошила 15.000 евра за поддршка на нашата претставничка на Евровизија, иако парите биле предвидени за „Бунарџик“, утврди Државниот завод за ревизија.
Во ревизорскиот извештај, објавен вчера, се посочува дека настапот на Ристеска требало да биде поддржан од Министерството за култура, а не од Дирекцијата, на чие чело тогаш беше Ракип Дочи. Ревизорите сметаат дека лани незаконски и ненаменски од буџетот на Дирекцијата се потрошени и 300.000 евра за рекламата за промовирање на Македонија на Си-ен-ен. Заводот за ревизија се сомнева на незаконско трошење на државни пари за мобилни телефони и нафтени деривати за службените возила.
„Дирекцијата склучила Договор со фирмата ‘29 Мај’ за градежни работи на ‘Бунарџик’ за објектот на ‘Џонсон контролс’ во вредност од 283.000 евра, без претходна согласност од Бирото за јавни набавки. Немало ни потврда дека се обезбедени пари. Фирмата, поради извршени дополнителни работи, со анекс-договор побарала доплата од уште 247.000 евра. Тој договор не е потпишан од новиот директор на Дирекцијата за слободни зони бидејќи вредноста се зголемува за 90 отсто, што е спротивно на Законот за јавни набавки“, пишува во ревизорскиот извештај.
Ревизијата во октомври лани ги потврдила обврските кон „29 Мај“, кои според најновите пресметки изнесуваат 670.000 евра. Според ревизорите, неплаќањето на овој долг создава можност за судски спор со неизвесен исход. Тие укажуваат дека пред четири години Управниот одбор на Дирекцијата без тендер ја ангажирал консултантската куќа „Грант Тортон“ за изработка на физибилити-студија и информативен меморандум за „Бунарџик“, што е спротивно на Законот за јавните набавки.
Ревизијата во Дирекцијата за слободни економски зони откри и неправилности при делење откази.
„Во 2003 година, за време на подолготрајно отсуство на директорот, тогашниот заменик-директор без овластување на пет вработени им поделил откази поради технолошки вишок. За решенијата за отказ се поведени повеќе судски спорови, кои можат да резултираат со враќање на вработените на работа, а со тоа и со исплата на буџетски пари за направените судски трошоци и заостанатите плати“, оценуваат ревизорите.
Против Дирекцијата за слободни економски зони во тек се и судски процеси за неисплатени обврски со вкупна вредност од околу 450.000 евра, чија наплата со камата може да предизвика непредвидени расходи во Буџетот. Дирекцијата ја тужат фирмите „Слимко“, „Пелагонија“ и „Бетон“.
Ниту еден од претходните директори на Дирекцијата вчера не беше достапен за да ги коментира наводите од ревизорскиот извештај.
Државно земјиште незаконски продадено на „Фени“
Државата во 2004 година му продала на „Фени индустри“ над 890.000 квадратни метри градежно изградено земјиште во рамките на Слободната економска зона „Долина на никелот“ во Кавадарци, по цена од 36 денари за квадрат. „Фени“ платил вкупно околу 500.000 евра за земјиштето што државата, согласно со Законот за слободните економски зони, не смее да го продава.
Ревизорите ја доведуваат во прашање законитоста на целиот процес на стекнување право на сопственост врз земјиштето и стопанисувањето со него. Тие констатираа дека Дирекцијата нема добиено никакви приходи од „Фени индустри“, што и’ следуваат согласно со Договорот за основање и започнување со работа на слободната зона во Кавадарци. Не е подготвен ниту ценовник за трошоците според кој би се наплаќале услугите што ги врши организационата единица на Дирекцијата, „Фени индустри“.
„Во зоната ‘Фени индустри’ не се спроведуваат во целост одредбите за 24-часовно обезбедување контрола на влез на физички лица и транспортни средства од лице ангажирано од Дирекцијата за слободни економски зони. Контрола има само осум часа“, укажуваат ревизорите.
Според ревизорскиот извештај, пресметките и плаќањата за истражување и експлоатација на никел во рудникот „‘Ржаново“, каде што се копа руда за „Фени“, не се прават согласно со владината одлука со која се определени критериумите и висината на надоместокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

