Свет
Канал 5 и Телма куртулија, Скај нет и ТВ4 ќе ја изгубат концесијата
Националните телевизии Канал 5 и Телма добија дополнителни 45 дена да ги платат во целост концесиските надоместоци, додека 23 локални телевизии и радија ќе ги изгубат концесиите, информираше вчера Советот за радиодифузија.
СОВЕТОТ ДАДЕ ВТОРА ШАНСА НА ДВЕ НАЦИОНАЛНИ ТЕЛЕВИЗИИ
Националните телевизии Канал 5 и Телма добија дополнителни 45 дена да ги платат во целост концесиските надоместоци, додека 23 локални телевизии и радија ќе ги изгубат концесиите, информираше вчера Советот за радиодифузија. Телма должи само на Агенцијата за електронски комуникации околу 12 илјади евра, додека Канал 5 има долгови и кон Буџетот од речиси 15 илјади евра. Заменик-претседателот на Советот Илир Ајдини на прес – конференцијата изјави дека националните телевизии ќе добијат втора шанса да го платат долгот.
"Двете национални телевизии Телма и Канал 5 ќе добијат можност да ги платат долговите, и тоа во рок од 45 дена од објавувањето на повикот за поднесување пријави за премин од концесии кон лиценци. Повикот следната недела ќе биде објавен во Службен весник со што ќе почне да истекува рокот за уплатата на целиот надоместок. Доколку телевизиите не го испочитуваат рокот, нивните пријави на повикот нема да се разгледуваат и ќе се достави предлог до Владата за одземање на концесиите", објасни Ајдини, дополнувајќи дека втора шанса добиваат и уште 16 телевизии и радија кои имаат долгови само за концесиската 2006/2007 година.
Советот за радиодифузија в понеделник на Владата ќе и предложи на 23- те трговски радиодифузни друштва кои повеќе од една година не платиле надомест да им ја одземе концесијата. Тие должат вкупно 128 илјади евра, од кои околу 55 илјади евра на Буџетот, а останатите се долг кон Агенцијата за електронски комуникации. Ајдини истакна дека за овие друштва сите рокови за плаќање на долговите се истечени. Концесиите треба да им бидат одземени на скопските телевизии Скај нет и ТВ 4, како и на "Ирис" од Штип, "Еми" од Радовиш, "Дуе“" од Гостивар, "ТВТ" од Валандово, "Кобра" од Радовиш, "Арт" од Тетово, "Канал Фест", "Миг 21" од Гевгелија, "Алфа" од Дебар. На листата се и радијата "Класик ФМ", "Блета" – Тетово, "Аљбана" – Куманово, "Браво" – Куманово, "Румели" -Гостивар, "Си би ем" – Велес,"Оне кис" – Гевгелија, "Рома" – Гостивар, "Хит" – Струмица, "Тигар" -Делчево, "Јехона" – Липково и "Рапи" од Велешта.
Останатите 82 телевизии и радија ќе добијат лиценци зашто ги платиле концесиските надоместоци. (Т.Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.