Свет
Во Балетот владее страв

Со Балетот раководат две личности од сенка, при што целиот репертоар и програма се приспособуваат за едната од нив. Имам чувство дека Националниот балет се приватизира, а атмосферата, од уметнички аспект, се повеќе се политизира
КАТЕРИНА КИПРОВСКА – ПРИМАБАЛЕРИНА
Со Балетот раководат две личности од сенка, при што целиот репертоар и програма се приспособуваат за едната од нив. Имам чувство дека Националниот балет се приватизира, а атмосферата, од уметнички аспект, се повеќе се политизира
*Во моментов во Балетот се подготвува "Ромео и Јулија". Вие веќе еднаш бевте Јулија, дали сте и сега во поделбата?
– Да, во поделба сум. Но, за жал, нема да играм. Актуелното раководство на Балетот, од причини кои не се професионални и уметнички туку поинакви, одлучи целиот ансамбл да се подготвува заедно, а јас поединечно и сама. Сето време работев без партнер, иако требаше да ја толкувам главната улога. Тој факт нека му служи на чест на раководството, особено што јас сум единствената активна првенка во Македонија која ја има одиграно оваа улога. Згора на тоа, јас ја работев со кореографот Хазарос Сурмеан пред седум години кога се поставуваше претставата, што значи дека најмногу ја познавам улогата.
*Која е основната причина што нема да играте: кадровска политика, недостиг на партнер или нешто трето?
– За жал, по заминувањето на првенецот Василиј Чичијашвили, не само јас туку и други солистки од Балетот се оставени без партнер. Постојаното канење на гости, всушност, е само за една балерина, но така не се води репертоар и репертоарска политика. Инаку, заминувањето на Чичијашвили го чувствувам и како лична загуба, бидејќи во изминатите четири години ми беше постојан партнер. Заедно го одигравме целиот репертоар, а со успех ја претставуваме повеќепати Македонија и во странство. Тој беше миленик на нашата публика. Но болна вистина е дека тој не замина туку беше избркан, па дури и депортиран од Македонија. Не сакам да помислам, но сепак се сомневам дека тоа е направено од завист, од оние на кои им пречеа неговиот квалитет и успех кај публиката и критиката. Кога сето оваа лакрдија ја спроведуваше раководството во Балетот, а за жал и со поддршка на Министерството за култура, очекував дека некои вработени во Балетот, кои имаат посредно влијание во политиката, тоа ќе го спречат. Се чини дека се случи токму спротивното, тие да бидат главните организатори на неговото депортирање. Токму на тој начин, оние што требаа да се грижат за Македонскиот балет, практично го уназадија. Со тој потег му овозможија на Загрепскиот балет да добие еден врвен уметник, а Македонија да остане културно многу посиромашна. Впрочем, сиот тој срамен случај и нанесе штета и го извалка образот на нашата култура, па и на сета земја.
* Дали во ансамблот можеби имаше некакви реакции за то случај.
– Не, чудно, но немаше.
* Зошто?
-Од едноставна причина: во Балетот, во сиот ансамбл е внесен страв. Тоа се чувствува во контактите со луѓето, се чувствува во воздухот.
*На кој начин?
– Со директни и индиректни притисоци однатре и однадвор.
* Во смисла на квалитет, каква е моменталната состојбата во Балетот?
– За состојбата говори фактот што веќе го споменав. Балетот е доведен во ситуација кога без постојани гостувања на странски уметници, не може да го одржува репертоарот. Имаме само еден маж првенец – Горан Божинов. Со него соработувам 17 години и го почитувам, но нему годините веќе не му дозволуваат самиот да го носи целиот репертоар. Исто така, мислам дека и атмосферата, од уметнички аспект, се повеќе се политизира, за што нема никаква потреба. Не сакам ниту да ги коментирам најавите дека во МОБ ќе гостуваат кореографи од хип-хоп сцената во Америка. Ако идејата алтернатива на класичната балетска уметност да бидат кореографи од шоу-бизнисот, тогаш е јасно каде се движи Балетот, а и нашата култура. Што се однесува до најавите за редефинирање на репертоарот, повеќе од очигледно е дека тоа не се случува. Костурот на репертоарот и натаму се претстави кои се поставени во изминативе 2-3 години. Ова се однесува и на големата и на малата сцена.
*Сегашното раководство ве обвини како ексдиректори за оставени долгови и нереализирана програма. Коментар?
– За финансиските аспекти на работењето, јас, како поранешен уметнички директор на Балетот, не можам да коментирам. Но знам дека оставивме помалку долгови отколку што наследивме. За уметничките и програмски остварувања подобро од мене ќе говори фактот што во 2006 година за прв пат Балетот ја доби највисоката државна награда "11 Октомври". Не верувам дека државата и одборот немале точна процена за тоа што постигнал Балетот, но веднаш по донесувањето на одлуката за наградата, јас бев разрешена како директор од новите власти во МОБ. За жал, и тоа говори за цената на успехот која некогаш треба да се плати.
* Балетот неодамна доби уште една награда "Златна бубамара".
– Ако таа награда е критериум за една национална институција од областа на уметноста, тогаш коментар не е потребен.
*Што мислите за вечниот проблем со недостиг на балетски кадар?
– За да може една национална установа, каква што е Балетот, да го одржува квалитетот на репертоарот и високите уметнички стандарди на т.н. железен репертоар, нужно е да ги има сите неопходни услови кои ги побаруваат кореографските и сценските стандарди.
Изминативе две години направивме еден исчекор со вработување на 5 нови балетски танчари, а многу членови на ансамблот се здобија со многу високо образовани и специјализации во странство. Би било добро таа политика да трае и натаму. Но, очигледно, и тенденциите се обратни, а дури и првенци се бркаат од Балетот.
*Се зборува дека во МОБ и особено во Балетот има директор во сенка. Што мислите?
– Мислам дека сте во право. Во Балетот раководат две личности од сенка, при што целиот репертоар и програма се приспособуваат за едната од нив. Имам чувство дека Националниот балет како да се приватизира и поради тоа трпат многумина.
*Последен пат пред публиката настапивте како Жизел. Дали сте задоволна?
– Задоволна сум од настапот. Улогата на Жизел е една од најтешките во балетската уметност. Тоа е критериум за успешност на една првенка. На мојата матична сцена во МОБ и на повеќе светски сцени ја имам одиграно повеќе од 35 пати. Жалам што во Македонија како да се одбегнува оваа улога, бидејќи таа подразбира исклучителна техничка и уметничка подготовка.
*Што друго имате на вашиот репертоар?
– Ги играм сите главни улоги кои во моментов се на репертоарот на нашиот балет – во "Есмералда", "Оревокршачка", "Танго" и, секако, во "Жизел". Дирекцијата на Балетот не ме стави само во поделбата во "Шехерезада" што сметам дека не беше професионален туку калкулантски чекор на тие што одлучуваат. Но за оваа улога воопшто и не жалам бидејќи целата претстава трае 30-ина минути, од кои вистинска балетска игра на главната женска улога е само 10 минути. А и тие си играат, како што ние професионално велиме, на полупрсти, без шпиц патики. Тоа и не е некој предизвик за балетско докажување.
*По сите овие улоги, што би било нов предизвик за вас?
– Има уште улоги од класиката, од железниот репертоар кои би сакала да ги одиграм, а кај нас не се поставени. Како одат работиве во Балетот, којзнае дали во догледно време ќе имам шанса нешто такво да заигра. Ете, во моментов ми беше предизвик повторно да ја подготвам Јулија. Работев напорно и тешко, бидејќи работев сама, но многу ми помогна репетиторот Јагода Сланева со која соработувам 17 години. Јулија е една прекрасна улога од класичниот балет која не била често на репертоарот на нашата сцена. А јас за неа добив прекрасни критики од балетските критичари. Иако нема да играм, сепак, како човек од Балетот, ме радува фактот што оваа претстава повторно ќе заживее на сцената, а со тоа на многумина за првпат ќе им се даде шанса да настапат во оваа претстава која изобилува со прекрасни танчарски и драмски елементи, специфични за Шекспир. Д.Стојановиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.
Регион
Мајка им давала на децата желе бомбони направени од канабис: уапсена 29-годишна жена во Грција

Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.
По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.
Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.
Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.
Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.
Свет
ЕУ лансира нова платформа за вработување работници надвор од Унијата

Базата на таленти на Европската Унија (ЕУ), платформа за вработување што ги здружува работодавачите со седиште во ЕУ и граѓаните на земјите што не се членки, влезе во понатамошни преговори со европските законодавци, објави денес истражувачкиот центар во Брисел „Институт Егмонт“.
Платформата, која колоквијално се нарекува Тиндер за баратели на работа, алудирајќи на популарната апликација за запознавање и поврзување на луѓе, се преплетува со неколку други иницијативи на ЕУ, што ја зголемуваат конкурентноста на земјата преку пазарот на трудот, според написите на медиумите во регионот.
Базата на таленти беше претставена како дел од Пакетот за мобилност на вештини и таленти и треба да им помогне на работодавачите да ги пополнат празните работни места, како и да го решат недостатокот на работни места во секторот, и да им помогне на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да најдат работа на стандардизиран и предвидлив начин во земјите-членки на Унијата.
Работодавачите во ЕУ, тврдат дека имаат тешкотии во наоѓањето кандидати, особено во малите и средните претпријатија, а околу 74 проценти од нив изјавиле дека во моментов се соочуваат со недостаток на квалификувани работници на барем една позиција во нивната компанија.
Земји како Белгија, Италија и Холандија имаат проблем со вработувањето долго време, а тој се дуплираше во последните пет години.