Свет
Судиите под диригиран медиумски притисок за притворски казни
Со сензационализам и со медиумска помпа
не се добива битката со криминалот и корупцијата, порачуваат експертите
Со сензационализам и со медиумска помпа
не се добива битката со криминалот и корупцијата, порачуваат експертите
Гордана Дувњак
Тешката артилерија што се користи во борбата против корупцијата и криминалот не
смее да го „убие“ принципот на пресумпција на невиност, оценуваат експертите.
Тие предупредуваат дека секое демократско општество мора да води голема сметка
да не дојде до расчекор меѓу потребата да се обезбеди ефикасна правна држава и
човековите права и слободи. Мерката притвор не треба да биде начин за
казнување, туку само еден од начините за обезбедување присуство на лицата кои
дошле во судир со законот. Поради тоа што станува збор за најтешката мерка,
која во својата суштина претставува ограничување на слободата, познавачите на
оваа материја апелираат притоврот да се користи крајно внимателно. Медиумските
спектакли со приведувања „во живо“ на осомничени лица, создаваат дополнителен
притисок врз истражните судии, по секоја цена да се одреди притвор, дури и во
случаи кога за тоа не е неопходно.
Искуството на скопскиот адвокат и поранешен државен јавен обвинител Стеван
Павлески говори дека во практиката постојат две ситуации.
„Во таканаречените ’безначајни‘ и ’неатрактивни‘ предмети, кои не се следени со
сензација и медиумска помпа, истражните судии се крајно професионални и
коректни во изрекувањето на мерката притвор. Но, за сите оние случаи, за кои
постои нагласено интересирање од јавноста, а особено од политиката, заради
собирање политички поени, по правило истражните судии по професионална инерција
се одлучуваат да одредат притвор, дури и ако нема опасност од бегство,
повторување на делото или влијание на сведоци“.
Тој смета дека со помош на медиумите, полициски соопштенија или партиски
прес-конференции се создава претходна атмосфера дека осомничените по секоја
цена мора да се притворат, затоа што, наводно, планираат бегство или ќе влијаат
на сведоци. Според него, од неговата адвокатска практика такви биле случаите
„Југ“, „Кинески ѕид“, „Бачило“ .
Она на што сака посебно да обрне внимание Павлески е тоа што истражните судии
не ја почитуваат пресудата на Врховниот суд од 1994 година, кога токму по
барање заштита на законитоста, највисокиот суд се произнесол дека секое решение
за определување притоврска мерка треба да биде „дебело“ аргуемтнирано од
истражниот судија.
Тоа масовно не се почитува од судиите. Тие и натаму доставуваат ’голи‘
решенија, во кои само се цитираат одредбите од Законот за кривична постапка,
без да се образложи зошто судијата се сомнева дека осомничениот ќе бега, ќе го
повтори делото или ќе влијае на сведоци.
И д-р Звонимир Јанкуловски, експерт по човекови права и професор на
Американскиот колеџ, убеден е дека судиите лесно се определуваат за мерката
притвор и тоа не од сега, туку од 2002 година наваму.
„Која е логиката судијата да посегне по најтешката мерка, кога на дофат има и
други мерки за обезбедување присуство. Се прашувам каква е функцијата на
притворањето на д-р Докиќ, или на оние цариници што се фатени на дело со 10
евра мито, ако не е тоа казнување и морална и јавна дисквалификација“,
потенцира Јанкуловски.
Хелсиншкиот комитет во својот последен извештај посочи и на непочитување на начелото
на пресумпција на невиност. На тапет на оваа невладина организација се најдоа
„рамноправно“ и МВР и медиумите кои ,водени од свои цели, масовно го кршат ова
основно човеково право.
Забелешките на Хелсиншки комитет се однесуваат на објавувањето оперативни
снимки на Министерството за внатрешни работи од одделни приведувања, кои биле
доставени само до одделни медиуми, на кои претходно им се најавуваат акциите.
На овој начин е повредено правото на приватност, личниот и семеен живот и
угледот и достоинството на уапсените, права што им се загарантирани со Уставот
и Европската конвенција за човекови права. Критиките до медиумите се дека
дозволиле да бидат инструментализирани за дневнополитичките потреби на МВР, со
самото прикажување го повредиле и правото на приватност на овие лица.
На темата „пресумција на невиност“ слично размислуваат и нашите двајца
соговорници.
„Имаме апсурдни ситуации, полицијата за многу случаи тврди дека поседува
несоборливи докази, уште пред судот да го каже последниот збор“, укажува
Павлески. Тој вели дека недозволиво е и тоа што се случува во последно време во
медиумите предвреме да се најавуваат идни апсења, или да се проверува дали
некој е приведен“, додава адвокатот. „ За каква пресумпција на невиност
говориме, кога прогласуваме криминалци, без тоа да се докаже“, подвлекува
Јанкуловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

