Свет
Пред потпис и екстрадицијата на Смиленски
Министерот
за правда на Србија се’ уште не го потпишал решението со кое се одобрува
екстрадиција во Македонија на сопственикот на пропаднатата Експорт-импорт банка, Методија
Смиленски, кој е во притвор во Белград
Министерот
за правда на Србија се’ уште не го потпишал решението со кое се одобрува
екстрадиција во Македонија на сопственикот на пропаднатата Експорт-импорт банка, Методија
Смиленски, кој е во притвор во Белград. Екстрадицијата на Смиленски веќе една
година тапка низ судските лавиринти на Србија, но, по екстрадицијата на
Станислава Чочоровска, се очекува наскоро и тој да биде донесен во државата. Од
српското Министерство за правда соопштуваат дека пред неколку дена го добиле
барањето за екстрадиција на Смиленски и на него се работи. И македонскиот
министер за правда Михајло Маневски изјави дека очекува наскоро екстрадиција на
Смиленски.
Причина за одолжувањето на постапката за екстрадиција беше барањето на
Смиленски за српско државјанство, но и барањето да му се суди во Австрија, каде
што има државјанство. Србија чекаше и на обвинението против Смиленски кое,
откако беше подготвено во Македонија, нашето Министерство за правда го испрати
во Белград.
Тој во Македонија е обвинет за злоупотреба на над 20 милиони долари. Со него е
обвинет и поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Љубе Трпески,
но откако помина неколку дена во истражен затвор, а потоа еден месец во куќен
притвор, тој е пуштен да се брани од слобода. Трпески понудил гаранција од
200.000 евра за својата слобода. Тој е обвинет дека со злоупотреба на
службената положба му овозможил на Смиленски незаконски да стекне 22 милиона
американски долари, префрлувајќи на сметките на неговите фирми пари од
државните резерви.
Обвинението по дипломатски пат беше пратено во Србија.
Во јули 2006 година, набрзо откако беше уапсен во Белград, Смиленски поднесе
барање за српско државјанство за да ја избегне екстрадицијата во Македонија.
Окружниот суд во Белград во јули одобри екстрадиција, но неколку дена подоцна
Врховниот суд на Србија ја поништи одлуката поради барањето за државјанство. Во
Окружниот суд по втор пат му ја одобрија екстрадицијата откако српското МВР не
му даде државјанство.
Против Смиленски во македонските судови се водат неколку спорови. Меѓународната
потерница против него беше издадена по наредба на Основниот суд во Свети
Николе, за спроведување истрага за злоупотреба на службената положба. Адвокатот
Јаким Наумов, еден од бранителите на Смиленски, предупредува дека потерницата
што е издадена во Македонија од Основниот суд во Свети Николе е незаконска.
– Српскиот министер за правда мора да ја почитува Конвенцијата за човекови
права пред да одлучи да ја потпише екстрадицијата. Причина за тоа е што при
одредувањето на притвор против Смиленски и при покренувањето на потерницата на
мојот клиент му се прекршени човековите права – вели Наумов.
Исто така, против него е распишана и национална потерница од Основниот суд
Скопје 1, каде што се водат две истраги за злоупотреба на службената положба.
(А.М.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Радев: Украина сè уште има работа пред да се приклучи кон ЕУ, не треба да го заборавиме Западен Балкан
Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна поднесе оставка и најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина, пренесе БГНЕС. бг.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.
Свет
Захарова: Се испостави дека вистинските чудовишта се чувствувале удобно во западното општество
Објавувањето на таканаречените досиеја на Епстин разоткри „одвратно ѓубре“ кое со години измислува митови за Русија за да го одвлече вниманието од своите злосторства, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за руската државна новинска агенција ТАСС.
Захарова потсети на бројните обвинувања што западните земји ги упатија против Русија и тврдеше дека Москва одговорила на нив со „аргументи и факти“.
„Со години тие измислуваат митови за Русија, за наводната закана, за злосторствата што ние, како што тврдеа, наводно ги извршивме на нивна територија. Во меѓувреме, целото ова ѓубре работи со години во нивните заедници, во нивното срце, во најлуксузните населби на Њујорк, Лондон и другите европски престолнини, како и во Соединетите Американски Држави“, рече таа.
Захарова додаде дека, по објавувањето на досиејата на Епстин, „се покажува дека вистинските криминалци, вистинските чудовишта, се чувствувале удобно во западното општество“. „Тие биле вклучени во разни гнасни злосторства: корупција, трговија со луѓе, принудна проституција, нелегално затворање и педофилија, и што и да посакате“, рече Захарова.
Објавувањето документи од страна на Министерството за правда на САД ги откри врските на Епстин со многу истакнати личности во политиката, финансиите, академијата и деловниот свет, и пред и откако се изјасни за виновен во 2008 година за обвиненија за проституција, вклучително и заведување малолетници.
Епстин беше пронајден обесен во неговата затворска ќелија во 2019 година откако беше повторно уапсен по федерални обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници. Неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.
Свет
Лукашенко: Силата на армијата е клучот за иднината на земјата
Белорускиот претседател Александар Лукашенко им го честиташе денес на своите сонародници, ветерани и воен персонал Денот на бранителот на татковината и вооружените сили, соопшти неговиот кабинет.
„Од памтивек, нашата земја ги почитуваше воините кои се бореа да ја бранат во тешки времиња. Тие се жртвуваа себеси, бранејќи ја слободата и независноста на татковината. Тоа беше пред 85 години, за време на темните години на инвазијата на Хитлер. Потоа, со Црвената армија, нашите дедовци и прадедовци ја спасија земјата и народот, кршејќи го грбот на фашистичкиот ѕвер и оставајќи ни наследство од Големата победа“, рече Лукашенко, пренесува Белта.
Лукашенко додаде дека ова мора да се запомни и дека постапките на овие херои мора да се почитуваат, „бидејќи заборавањето води до ситуација каде што сè може да се случи повторно“.

