Свет
Исчезна булдожер
На пописот
во магацините на Царинската управа за 2006 никој не знаел да каже каде е
булдожерот кој уште од 1992 влегол во магацинот во царинската филијали Велес,
па фактите и одговорноста ќе ги утврдуваат МВР и
ОД
МАГАЦИНИТЕ НА ЦАРИНАТА ВО ВЕЛЕС
На пописот
во магацините на Царинската управа за 2006 никој не знаел да каже каде е
булдожерот кој уште од 1992 влегол во магацинот во царинската филијали Велес,
па фактите и одговорноста ќе ги утврдуваат МВР и
Од царински
магацин исчезнал цел булдожер. Царинската управа ќе им ги препушти овој и
бројните други случаи на недостиг на стоки во магацините да ги расветлат
Финансиската полиција и МВР.
Во Царината објаснуваат дека на пописот за 2006, на кој се проверувало што има
во магацините на Царинската управа, никој не знаел да каже каде е машината која
уште од 1992 влегла во магацинот во царинската филијала Велес, а формално,
поради царински прекршок, била одземена од фирмата увозник во 1997 година. Од
скопскиот магацин снемало и виљушкар.
"Пописната комисија подготви список на стоки што не им биле ставени на
увид при попишувањето. Потоа внатрешната царинска контрола направи вонредна
инспекција во службата за продажба на царински стоки. Тоа е служба која складира
и продава стоки кои биле одземени при увоз поради пробивање на рокот за
царинење или ако се открие царински прекршок, а странката не сака да оди на
суд, па се откажува од стоката во полза на државата", објаснуваат во
Царинската управа.
Во царинските магацини недостигале најразлични стоки. Од радиостаници,
медицински душеци, фенови, телефони, вентилатори, грејачи, видеорикордери,
фрижидери. Или 250 кукли, тоалетна хартија, со тони тутун, 285 фурнирани врати,
парфеми, плејстејшни, керамички плочки. Биле откриени и интересни начини на
уништување на стоки: магационер дал изјава дека 500 килограми (?) телевизори
биле уништени така што биле оставени во контејнерите покрај магацинот.
"Законски, стоката од царински магацин може да се уништи кога е расипана или
по неколку неуспешни обиди да биде продадена. Па дури и тогаш, има можност да
им се даде на институции во добротворни цели", објаснуваат во Царината.
Но и кај продажбите биле откриени манипулации. 36 тони полиетилен гранулат бил
продаден по 18 денари килограм, а како обезбедување бил примен неисправен
бариран чек, за што во тек е судска процедура за наплата на побарувањето.
(А.С.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026
Свет
Мејл за закопани девојки ја отвори новата истрага за имотот на Џефри Епстин – поранешен вработен со шокантни тврдења
Полицијата во Ново Мексико ги истражува тврдењата дека починатиот сексуален престапник Џефри Епстин ги гушел девојките за време на сексуални односи на својот ранч Зоро и дека нивните тела биле сокриени на имотот. Претставничкиот дом на Ново Мексико во понеделник едногласно изгласа формирање „комисија за вистина“ со цел да се истражат наводите за трговија со луѓе и злоупотреба на тој оддалечен имот.
Основана „комисија за вистина“
Целта на комисијата е да ги идентификува поранешните вработени, гости на ранчот и државни функционери кои можеби знаеле што се случувало или учествувале во наводната сексуална злоупотреба на имотот од 3.075 хектари.
Андреа Ромеро, демократска пратеничка од Санта Фе која го предложи законот за основање на комисијата, изјави дека ќе се користат судски повици, јавни архиви и сведочења за да се „склопи целата приказна“.
Ранчот веќе се споменува како место на злоупотреби во граѓански тужби, а две од четирите жртви кои сведочеа на судењето на Гислејн Максвел изјавиле дека таму биле злоставувани.
Покојната Вирџинија Џуфре исто така тврдеше дека Епстин ја подведувал на влијателни мажи, меѓу кои и поранешниот гувернер на Ново Мексико, Бил Ричардсон. Ричардсон, кој почина во 2023 година, преку свој претставник претходно изјави дека никогаш не ја запознал Џуфре и дека нејзините обвинувања се „целосно лажни“.
Наводи од е-пошта за закопани тела
Американското Министерство за правда објави повеќе од три милиони документи во рамки на Законот за транспарентност на досиејата поврзани со Епстин. Меѓу нив се наоѓа и е-пошта од лице кое тврди дека е поранешен вработен на ранчот.
Лицето, чие име било цензурирано од министерството, испратило порака до Еди Арагон, конзервативен радио-водител и поранешен кандидат за градоначалник на Албукерки, во ноември 2019 година, неколку месеци по смртта на Епстин во затвор.
Авторот на писмото тврди дека две „странски девојки“ починале од гушење за време на „груб, фетишистички секс“ и дека подоцна биле закопани по „наредба на Џефри и мадам Џи“, што најверојатно се однесува на Гислејн Максвел, соработничка на Епстин, која издржува 20-годишна затворска казна поради трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Во писмото се наведува дека телата биле закопани „негде во ридовите надвор од Зоро“. Авторот тврди и дека од куќата на Епстин зел седум видеоснимки, меѓу кои и такви што прикажуваат сексуални односи со малолетнички, како „осигурување во случај на идни тужби против Епстин“. Тој му понудил на Арагон да му ги испрати снимките на УСБ-стик во замена за еден биткоин.
Властите отвораат истрага
Арагон минатата недела за порталот „Сорс Њу Мексико“ изјави дека писмото веднаш го споделил со ФБИ по приемот и дека не одговорил на авторот ниту платил за снимките. „Изгледаше многу убедливо“, рече тој. „Затоа и го препратив.“
Џејмс Грејсон, главен заменик државен обвинител на Ново Мексико, потврди дека се истражуваат наводите. „Ќе работиме на тоа да ги добиеме оригиналните, нецензурирани е-пораки и сите придружни датотеки, бидејќи пристапот до целосни и автентични материјали е клучен за нашата проценка и планирање“, изјави Грејсон. Комисијата требаше да го одржи своето прво сослушување во вторник.
Историја на озлогласениот имот
Ранчот Зоро имал бројни познати посетители, меѓу кои починатиот француски моден агент Жан-Лик Брунел, лингвистот Ноам Чомски и режисерот Вуди Ален. Брунел почина во француски затвор во 2022 година додека чекал судење за трговија со малолетници, додека Чомски и Ален не се обвинети за никакво кривично дело.
Властите со години претресувале други имоти на Епстин – вила во Њујорк, приватен остров на Карибите, имот во Палм Бич и стан во Париз – но државни и локални функционери велат дека немаат сознанија за каква било федерална претрес на ранчот.
Имотот, лоциран околу 65 километри јужно од Санта Фе, опфаќа вила од речиси 2.500 квадратни метри и приватна писта. Епстин го купил во 1993 година од Брус Кинг, поранешен демократски гувернер на Ново Мексико.
По смртта на Епстин во 2019 година, вредноста на имотот била проценета на 21,1 милион долари, но округот Санта Фе подоцна ја намалил проценката на 13,4 милиони долари поради „озлогласеноста“ на имотот.
Ранчот во 2023 година го купил Доналд Хафинс, претприемач и поранешен републикански сенатор, кој сега се кандидира за државен контролор на Тексас. Хафинс во понеделник на социјалните мрежи објави дека ќе соработува со сите полициски истраги поврзани со можни злосторства на имотот. „Она што непријателот го наменил за зло, Бог може да го претвори во добро“, напиша Хафинс.
Тој откри дека семејството го преименувало имотот во ранч Сан Рафаел, „по светец поврзан со телесно и духовно исцелување“, и дека планира да го преуреди во христијанско прибежиште и „да го врати на Исус“.
Портпаролот на семејството, Ален Блејкмор, изјави дека сопствениците сè уште не биле контактирани од локалните, државните или федералните власти за пристап до имотот. „Ако и кога тоа ќе се случи, секако ќе добијат наша целосна соработка“, порача Блејкмор.

