Свет
Полицајците ќе пишуваат, а МВР ќе ги изречува казните
Премногу недоречености, нелогичности, небулозни решенија и можност за
злоупотреба, вака накратко пратениците го оценија Законот за прекршоците против
јавниот ред и мир што на вчерашната собраниска седница беше ставен на
усвојување по итна постапка.
СВЕТЛАНА УНКОВСКА
Премногу недоречености, нелогичности, небулозни решенија и можност за
злоупотреба, вака накратко пратениците го оценија Законот за прекршоците против
јавниот ред и мир што на вчерашната собраниска седница беше ставен на
усвојување по итна постапка. Токму и начинот на донесување по кратка постапка,
под изговор дека треба да се запазат роковите, е недозволиво, а со тоа што е
ставено знакче на Европската унија се сака да се протнат решенија кои воопшто
не одговараат на принципите и законодавството на Унијата, оценија пратениците.
„Владата имаше доволно време и требаше да најде можности Предлог-законот да го
стави на јавна расправа за граѓаните да можат подобро да се запознаат со него.
Тие со законот ќе бидат под еден полициски режим и третман на казнување со кој
ќе се врши притисок врз нив во зависност од тоа на која политичка партија
припаѓаат“, истакна Јани Макрадули од СДСМ. „Нелогично е, нагласи тој, кога
прекршоци со различна тежина се казнуваат со иста глоба“ .
Есад Рахиќ нагласи дека со јакнењето на позицијата на полицијата во однос на
граѓаните отвора голема можност органите за безбедност многу лесно да ја
преминуваат линијата на однесување и без причина да ги кршат основните човекови
права и слободи.
Славица Гркова нагласи дека законот многу лесно ќе биде злоупотребуван. „Дали
вревата предизвикана од мотор ќе значи дека во иднина полицијата ќе ги запира
сите оние што возат мотор и ќе им рече дека прават врева и затоа треба да
платат глоба. Исто така, одредбата со која е предвидена казна за навредување
полицаец е огромна можност за злоупотреба и дали на овој начин не стануваме
полициска држава“, нагласи таа и праша каде ќе биде тука зборот на граѓаните
против зборот на полицијата и како ќе се докаже дека тој бил навистина
навреден.
И владиниот коалиционер Павле Трајанов смета дека одредбите во законот се
непрецизни и се паушални, а во многу од нив не се гледа јасно прекршокот.
Според законот, предвидено е полицијата да ги пишува казните, а посебна
комисија на МВР да ги одредува казните. Ваквиот систем многу потсетува на онаа
изрека – кадија те тужи, кадија те суди, истакна Трајанов.
Заменик-министерот на МВР, Рефет Елмази, призна дека казните се многу високи,
но, според него, тие превентивно ќе дејствувале кај граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

