Свет
Странски фондови на црно собираат пари од граѓаните
Во Министерството за финансии тврдат
дека овие организации работат нелегално, но досега не ги санкционирале
СОМНИТЕЛНИ ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ НУДАТ
БРЗА ЗАРАБОТКА
Во Министерството за финансии тврдат
дека овие организации работат нелегално, но досега не ги санкционирале
Странски финансиски институции нелегално собираат пари од граѓаните во
земјава и нудат брза заработувачка. Пензија од 5.876 евра за вложени 60 евра
месечно во период од 40 години, заработка на 46.000 евра за 10 години со влог
од 10.000 евра и со месечна уплата на 75 евра, вечна месечна рента од 200 евра
за еднократен влог од 20.000 евра. Ова се само дел од примамливите понуди на
една австриска фирма, која во последно време е многу популарна со нудење вакви
услуги.
Во Министерството за финансии велат дека имаат сознанија за такви организации,
но тврдат дека тие работат нелегално. Досега не нашле начин да ги
санкционираат.
Во Народната банка сметаат дека според понудата, австриската организација
прилега на класичен инвестициски фонд. Но, во земјава не е регистриран ниту
еден таков фонд така што организацијата нема право да прибира пари од
граѓаните. Во НБМ посочуваат дека за нејзиното работење се надлежни
Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.
Австриската финансиска институција, меѓу граѓаните популарна и како пирамидална
штедилница, прибира клиенти преку електронски пораки и лични контакти.
Нејзините претставници на потенцијалните клиенти им нудат повеќе финансиски
услуги. Се нуди опција за месечно вложување на минимум 75 евра и еднократна
уплата на 900 евра за консултантски трошоци за да се оствари заработка со
камата од 12 отсто годишно. За купување стан фирмата овозможува месечно
вложување од 224 евра, кои за 10 години ќе станат 50.000 евра. На
потенцијалните клиенти им се кажува дека зад фондот стои престижна француска
банка.
Според нашите информации, во кругот на луѓе што вложиле пари има политичари,
лекари, бизнисмени, стечајци, пензионери.
– Имав собрано околу 2.000 евра, кои ги планирав за образование за двете деца.
Еден мој пријател пред пет месеци дојде со печатен материјал во кој пишуваше
дека ако ги вложам парите и секој месец уплаќам по 100 евра, за 10 години ќе
добијам 30.000 евра. Ја прифатив понудата – вели нашиот соговорник.
Од истиот пријател дознал дека ако зачлени уште пет луѓе, парите што ги вложил
ќе ги поврати веднаш. Но, тој од минатиот петок повеќе не може да ги најде
луѓето со кои разговарал и разбрал дека клубот е затворен за нови членови.
– Се’ беше добро до петокот, од кога немам информации за вложените пари. Мојата
сметка е замрзната – тврди тој.
Во законитоста на постоењето на австрискиот фонд не се посомневал бидејќи му
биле презентирани документи, со кои се гарантира дека оваа австриска
институција законски постои и има линк кон Министерството за финансии.
– Моите пари се ништо во однос на парите што ги вложија моите пријатели и
роднини што ги зачленив. Некои од нив имаат вложено и по 20.000 евра – вели
скопјанецот.
Случајот го разгледуваат и во Комисијата за хартии од вредност. Оттаму најавија
одговор за денеска.
(В.А.-И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

