Свет
Косовецот што прегази полицаец казнет со 500 евра
Возачите се должни да ја намалат
брзината, па дури и да застанат на места на кои е тесен патот, бидејќи возилата
во придружба се движат со голема брзина, велат од МВР
Возачите се должни да ја намалат
брзината, па дури и да застанат на места на кои е тесен патот, бидејќи возилата
во придружба се движат со голема брзина, велат од МВР
Косовецот Роберт Бериша експресно е осуден на парична казна од 500 евра за
предизвикување сообраќајна несреќа во која тешко е повреден полицаец на мотор
од придружбата на премиерот Никола Груевски, во средата на патот Кичево –
Охрид. Полицаецот доби скршеници на ногата, откако „чистејќи“ го патот по кој
минувал премиерот Никола Груевски, удрил во „голфот“ управуван од Бериша.
Иако Бериша предизвикал сообраќајна несреќа во која е повреден полицаец од
придружба на државна делегација, тој во забрзана постапка е осуден за кривично
дело загрозување на безбедноста во сообраќајот, а не за недавање предност на
специјални возила. Несреќата можела да биде поголема, со оглед на тоа што во
урината на Косовецот биле откриени траги од кокаин.
Истрагата утврдила дека полицаецот го забележал „голфот“ како се движи со
голема брзина по тесниот пат во кој има само две сообраќајни ленти. Моторџијата
се одвоил од колоната и се упатил да го отстрани возилото од патот при што се
судриле. Во несреќата, полицаецот ја скршил ногата на две места, но ја исполнил
својата должност. За разлика од своите хрватски колеги, кои пред две недели ја
обезбедуваа македонската воена делегација, тој не ја избегнал опасноста и го
ризикувал животот за лицето што го обезбедувал. Македонската делегација
настрада во несреќа на автопатот Риека-Загреб, откако двете возила „чистачи“ се
тргнале од патот по што во нивниот џип директно удрил автомобил со кој
управувал пијан возач. Хрватските власти повеќе од десет дена утврдуваат дали
воените полицајци имаат дел од вината за сообраќајката во која беа повредени
генерал и двајца потполковници на АРМ.
Според Законот за сообраќајот, возилата со државна делегација и нивната
придружба имаат предност во однос на сите други возила кои се должни да се
тргнат од коловозот, па дури и да го запрат возилото за да им овозможат
непречен премин. Возила во придружба се возила што се придружувани од припадници
на полиција или воена полиција, со посебни моторни возила, кои имаат уреди за
давање посебни светлосни и звучни знаци во црвена и сина боја. Строгите правила
при минување на овие возила важат дури и за пешаците што во тој момент ќе се
најдат на улицата.
Само за непочитување на овие правила возачите ќе платат казна од 250 евра за
возач, односно 45 евра за пешак, а дополнително ќе бидат казнети ако
предизвикаат сообраќајна несреќа.
Според познавачи на процедурата за придружување специјални возила и државни
делегации, возачите што го „чистат“ патот се должни на кој било начин да го
расчистат патот од сите возила за да обезбедат непречен премин на
обезбедуваното лице. Од употреба на сирени, гестикулации со раце, па до
најрадикални – да се истурка возилото од патот по цена и на сопствениот живот.
Трасата по која се движат мора да биде максимално обезбедена, особено во
„стерилната зона“ помеѓу сигурносните возила и обезбедуваното возило, па затоа
возат со голема брзина.
Од МВР апелираат до учесниците во сообраќајот за поголема претпазливост на
возачите кога минуваат возила во придружба и почитување на правилата што важат
во тие услови.
– Возачите се должни да ја намалат брзината, па дури и да застанат на места на
кои е тесен патот, бидејќи возилата во придружба се движат со голема брзина –
велат од МВР.
Најтрагична сообраќајна несреќа во која учествуваа возила во придружба се случи
во 1998 година на магистралниот пат Битола – Прилеп. Тогаш животот го загубија
брачниот пар Вера и Душко Балтовски од Битола, откако со нивното возило „шкода
фелиција“ директно се судрија со возило на МВР што обезбедувало
македонско-турска делегација. Во несреќата беа повредени и турски новинари и
возачот на дипломатското возило.
Ненад Мирчевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.