Свет
Мрежата на Суботиќ се кине и во Македонија?
Како што изминуваат деновите по апсењето на
криминалната група на Станко Суботиќ Цане, така се компликуваат и истрагите за
можната поврзаност со шверцот на цигарите на црногорските политичари Мило
Ѓукановиќ и Светозар Маровиќ и на македонскиот политичар Бранко Црвенковски.
ТУТУНСКА
МАФИЈА
Како што изминуваат деновите по апсењето на
криминалната група на Станко Суботиќ Цане, така се компликуваат и истрагите за
можната поврзаност со шверцот на цигарите на црногорските политичари Мило
Ѓукановиќ и Светозар Маровиќ и на македонскиот политичар Бранко Црвенковски.
Јавните обвинителства на Црна Гора и на Македонија молчат и не реагираат во
склад со своите овластувања, но сепак својата работа ја привршуваат
германското, италијанското и српското обвинителство.
На 15 март во Германија беше притворен Андрија Драшковиќ, еден од главните
учесници во шверцот со цигарите на Балканот, кој од неодамна е префрлен во
Италија, а од минатата среда на маса има отворена понуда да добие статус на
заштитен сведок. Наши извори од Црна Гора тврдат дека обрачот околу Цане
Суботиќ е затворен токму по „пропејувањето“ на Драшковиќ и на Михаљ Кертес,
поранешниот прв цариник во Србија, кој по двомесечниот притвор, преку својот
исказ, само ја дефинирал улогата на властите на Србија и на околните соседни
држави во шверцот на цигари.
Дополнителен товар за Ѓукановиќ и Маровиќ е минатогодишниот медиумски настап на
Суботиќ и неговото тврдење дека е личен пријател со Мило Ѓукановиќ и Светозар
Маровиќ, дека им кредитирал купување авион, кој црногорската влада бескаматно
го отплатила. Тој се фалел дека покрај нив и Зоран Ѓинѓиќ се возел со авион од
неговата приватна флота, дека таму бил и американскиот амбасадор Вилијам Монтгомери,
дека еден од пилотите што за него работат е и синот на поранешниот началник на
државната безбедност на Србија Јовица Станишиќ, дека бил овластен дистрибутер
за големи светски тутунски компании за новоформираните балкански држави…
Суботиќ е пријател и со Вања Бокан, зет на началникот на воените
контраразузнавачи Недељко Бошковиќ. Тој е убиен на 7 октомври 2000 година во
Атина, на прагот на неговата куќа во Глифада. Ликвидиран е од рафална стрелба,
еден ден по ТВ-интервју за една грчка телевизија на кое најавува дека ќе каже
се што се случувало на планот на шверцот на цигари и дека ќе ја осветли улогата
на Марко Милошевиќ, синот на Слободан Милошевиќ. Сопругата на Вања Бокан, по
неговата ликвидација, повеќепати јавно го посочуваше Суботиќ како нарачател на
убиството на Бокан.
Блискоста на Ѓукановиќ и Суботиќ беше манифестирана и преку вработувањето на
Душан Бан (кум на Ѓукановиќ!) како шеф на филијалата на компанијата „Миа“ во
Подгорица. Загрепскиот неделник „Национал“ неколку години ги опишуваше ликот и
делото на Суботиќ, за што овој неделник и сопственикот Иво Пуканиќ добија 120
тужби за клевета и навреда. Пишуваа за скапоцените часовници „ролекс“ на
Ѓукановиќ, за исплатените провизии од шверцот на цигари, за купениот стан во
Париз за Светозар Маровиќ, за купената вила „Монтенегро“ на црногорскиот брег.
По оваа афера Суботиќ куќата ја претворил во хотел од затворен тип, достапен
само за неговите пријатели и партнери.
Суботиќ од пред четири години стана и партнер на ВАЦ во Србија и Црна Гора во
делот на дистрибуцијата на весниците. На крајот од 2003 година, Бодо Хомбах,
извршниот директор на ВАЦ, и Цане Суботиќ во Белград регистрираат заедничка
компанија „Футура плус“ (50:50). Директор на оваа мрежа по преземањето станува
Валтер Пертот, Хрват со италијанско потекло, поранешен колега на Коста
Јанковски, претставникот на ТДР „Ровињ“ за Македонија, додека работеа за БАТ
(Бритиш Американ Тобако).
Колку е големо личното пријателство на Суботиќ со Ѓукановиќ, покажува и
прославата на роденденот на синот на Мило, во декември 2006 во еден ексклузивен
ресторан во Подгорица. Присуството на Цане со сопругата на тој чин, како и
нивното присуство на роденденот на сопругата на Ѓукановиќ, во април годинава е
најдобар доказ за нивната блискост. Се шпекулира и за подароците на Суботиќ на
двете прослави – „порше“ и скапоцен златен ѓердан „булгари“. Последна јавна
манифестација на која Мило и Цане се видени заедно и притоа фотографирани, е
доделувањето на престижната награда за туризам, чиј покровител е фондацијата
„Доналд Трамп“.
Посебно место на списокот на пријатели и деловни соработници на Цане Суботиќ е
и Срѓан Керим, за кого во Црна Гора се зборува всушност дека бил главниот
посредник во поврзувањето на Хомбах и Суботиќ, односно во основањето на „Футура
плус“. Главното престојувалиште на Керим за време на неговите деловни престои
во Црна Гора е токму вилата „Монтенегро“. Последен пат во оваа вила Керим е
виден на 13 ноември 2006. Се одјавил на рецепцијата во 18 часот и од Црна Гора
за Скопје одлетал со црногорскиот владин авион, во аранжман на Мило Ѓукановиќ и
министерот за надворешни работи Милан Рочен, со кои имал разговор пред
летнувањето. На таа средба била договарана поддршката на Црна Гора пред
гласањето за македонскиот кандидат за функцијата во Генералното собрание на
Обединетите нации.
Нови апсења во „Мрежата“
Српската полиција вчераутро уапсила три лица осомничени дека се дел од групата
што шверцувала цигари, потврди информативната служба на Министерството за
внатрешни работи на Србија.
Полицијата, продолжувајќи ја акцијата „Мрежа“, ги уапсила Валентина Петар,
Ивона Перовиќ и Миодраг Павловиќ, припадници на дел од групата со која
раководеле Мирјана Марковиќ, Марко Милошевиќ, Михаљ Кертес и Бојана Бајрушевиќ,
јави РТС.
Во соработка со Специјалното обвинителство, полицијата во средата на 6 јуни
уапсила осум од 15 припадници на организираната криминална група осомничена за
шверц на цигари, која ја организирал Станко Суботиќ-Цане, сопственик на
компанијата „МИА“ од градот Уб.
А.Б.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Грција, Франција и Германија испраќаат воени сили на Кипар
Грција, Франција и Германија испраќаат воена помош на Кипар по нападот со ирански дронови врз британската воздухопловна база РАФ Акротири на островот.
Франција најави испраќање фрегата и копнени системи за противдронска и противракетна одбрана. Германија потврди дека ќе испрати воен брод, додека Грција веќе распореди четири борбени авиони Ф-16, а две нејзини фрегати се на пат кон островот. Потезите се дел од активирањето на заедничката одбранбена доктрина меѓу Атина и Никозија.
Кипарските власти соопштија дека опремата треба да пристигне во најкраток можен рок. Според владата во Никозија, дроновите биле лансирани од територија на Либан, а зад нападот веројатно стојат милитанти на Хезболах.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека САД нема да ги користат британските воени бази на Кипар за операции поврзани со Иран.
Фото: Depositphotos
Свет
(Видео) Во Иран масовен погреб, Рубио тврди дека САД не би гаѓале намерно училиште
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека американските сили не би гаѓале намерно училиште, откако иранските државни медиуми објавија дека повеќе од 160 лица загинале во напад врз основно училиште за девојчиња во градот Минаб, на југот на Иран.
Според иранските наводи, нападот се случил во саботата и претставува најсмртоносен инцидент од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран.
„Јасно е дека САД не би гаѓале намерно училиште. Нашите цели се проектили, нивното производство и лансирање, како и дронови за еднократни напади“, изјави Рубио, додавајќи дека САД немаат интерес ниту мотив да напаѓаат цивилна инфраструктура.
На прашање како би реагирал доколку се потврдат иранските тврдења, Рубио рече дека тоа би било многу трагично, но дека нема детали за настанот.
Заменик-генералната секретарка на ОН за мир, Розмари ДиКарло, изјави дека е запознаена со извештаите од Иран и дека американските власти ги проверуваат наводите. Израелскиот амбасадор при ОН, Дени Данон, рече дека видел различни извештаи, вклучително и такви според кои училиштето можеби било гаѓано од Корпусот на исламската револуционерна гарда.
Во меѓувереме, Иран одржа масовен погреб за 165 ученички и членови на персоналот убиени во саботата во она што Техеран го нарекува американско-израелски напад врз женско училиште во јужниот град Минаб.
Iran: Aerial visuals show the emotional funeral procession in Minab for schoolgirls and teachers killed in a recent strike. pic.twitter.com/TZxpqN5KLv
— TIMES NOW (@TimesNow) March 3, 2026
Иранската државна телевизија денес прикажа снимки од илјадници луѓе собрани на јавен плоштад во Минаб. Мажите го мавтаа знамето на Исламската Република, главно стоејќи одвоено од жените. Толпата скандираше „Смрт за Америка“, „Смрт за Израел“ и „Без предавање“.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Иран со дрон погоди пристаниште во Оман
Во Оман, во ирански напад со дрон е погоден резервоар за гориво во пристаништето Дукам, објави државната новинска агенција на таа земја.
„Штетата е ставена под контрола и нема човечки жртви“, се наведува, повикувајќи се на неименуван безбедносен извор.
Истото пристаниште било цел на напад и за време на викендот, кога според извештаите бил повреден еден работник. Објавена е и снимка од ударот.
Moment Iranian drone strike hit the Port of Salalah in Oman. pic.twitter.com/OGQs7CYqr3
— Clash Report (@clashreport) March 3, 2026
Во соседен Катар вчера беше запрено производството на течен природен гас по ирански напади врз дел од постројките, додека Саудиска Арабија ја суспендирала работата во својата најголема домашна рафинерија.
Оман со години е клучен посредник во разговорите меѓу САД и Иран, а последниот круг преговори бил одржан минатиот месец токму таму.

