Свет
Ќе се апсат и македонски тутунски босови
МВР и другите институции собираат докази против
тутунската мафија заедно со српската полиција, по што ќе следува масовна акција
за апсење на шверцерите, потврдија официјално од полицијата.
ПОЧНУВА ДА
СЕ ПЛЕТЕ МАКЕДОНСКАТА „МРЕЖА“?
МВР и другите институции собираат докази против
тутунската мафија заедно со српската полиција, по што ќе следува масовна акција
за апсење на шверцерите, потврдија официјално од полицијата. Српски инспектори
веќе биле кај министерката Јанкуловска и размениле информации и докази со
македонските колеги. Дознаваме дека МВР веќе располага со огромен број докази
за овој организиран криминал.
Најавена е и средба на македонското обвинителство со нивните колеги од Србија.
И на овие средби главна тема ќе биде македонскиот дел од балканскиот
организиран шверц со цигарите.
МВР притвори, а веќе е покренато и обвинение против неколку директори во ТК
„Прилеп“ за даночно затајување.
Нови бранувања за тутунската мафија предизвика разговорот што „Време“ го водеше
со Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи. Агенцијата „Нет
прес“ вчера јави дека се води истрага против поранешен полициски началник
наводно вмешан во шверц на цигари од 1996 година.
Трајанов наведе еден хронолошки приказ на деценискиот шверц со цигари, повеќе
имиња на политичари и бизнисмени инволвирани во шверцот.
Коле Штерјев, заменик на републичкиот обвинител Љупчо Шврговски, не го прочитал
Трајанов. Претседателот на државата, Бранко Црвенковски, не е тука, а од
Кабинетот ни најавија можна реакција дури во петок. За Љубчо Георгиевски не се
знае каде е, а од неговата партија велат дека можеби за обвинувањата од
Трајанов ќе се изјасни в понеделник. Фрчкоски уште еднаш рече дека не дава
изјави за „Време“.
Реагираше единствено Страшо Неловски, некогашниот директор на „Македонија
табак“, кој според Трајанов, заедно со неговиот заменик, сега покојниот Данчо
Шутурков, ја направил првата зделка кон крајот на 1993 година.
– Не сум бил вмешан во никаков шверц на цигари. За сите зделки постојат
документи и тоа може да се провери. Навистина не знам зошто Трајанов дава такви
изјави – ни рече Неловски.
Ванчо Каргов, директорот на Царинската управа, која Трајанов ја посочуваше како
институција што во минатото била меѓу најинволвираните во шверцот, го кани
пратеникот да дојде во неговиот кабинет.
– Не само Трајанов, сите што имаат какви било сознанија за шверцот, особено ако
се работи за Царината, ги канам да дојдат кај мене. Не треба само да се даваат
изјави за медиумите. Ние ќе сториме се, иако имам само 25 луѓе во истрагата –
вели Каргов.
СДСМ:
Груевски и Трајанов шпекулираат како новинари
Социјалдемократскиот сојуз ги отфрли обвинувањата на Трајанов, квалификувајќи
ги како „новинарски шпекулации“ и „фрлање прав во очи за да се дефокусира
јавноста“.
– Никола Груевски и Павле Трајанов мора конечно да сфатат дека не се новинари и
дека народот не ги плаќа за да пуштаат шпекулации во медиумите. Впрочем,
Груевски и Трајанов беа министри во Владата на нивниот ментор Љубчо Георгиевски
и точно знаат што се случувало, дополнително што од 5 јули наваму и двајцата ги
имаат сите полуги на власта и можат со целиот капацитет да се борат против
организираниот криминал и корупција.
Симптоматично е тоа што ваквите изјави
следуваат откако СДСМ пред еден месец излезе со информации за шверц на цигари.
Власта почнува да фрла прав во очи, обидувајќи се да ја дефокусира јавноста од
криминалот во сопствените редови. Излишно е веќе да се коментираат изјави на
појави како Трајанов – вели Емилијан Станковиќ, портпарол на СДСМ.
ЛДП:
Намалете ги давачките и ќе нема шверц на цигари
Главната причина за зголемениот шверц со цигари се давачките за екологија,
тутунско производство и здравство во износ од девет денари од продадена кутија
цигари што довеле до драстична разлика во цената на цигарите во Македонија во
однос со соседните земји, смета Либерално-демократската партија.
– Оттаму, сметаме дека е последен момент Владата да предложи укинување на овие
давачки со кои ќе го спречи шверцот на цигари. Укинувањето на овие давачки нема
да влијае на намалувањето на приходите на буџетот, туку напротив, ќе има
најмалку ист, ако не и поголем износ на финансиски средства и за земјоделците и
за здравството и за екологијата – рече Слободан Најдовски, од ЛДП на вчерашната
прес-конференција.
Според пресметките на експертите на ЛДП, доколку се укинат давачките од девет
денари од кутија цигари пресметано на најпродаваните цигари по цена од 50
денари, државата според сегашната продажба ќе остане покуса за 1,5 милијарди
денари, но наспроти тоа ќе има поголеми приходи по основа на акцизи и ДДВ во
износ од 1,6 милијарда денари поради зголемена легална продажба на цигарите.
Полициски
началник шверцувал цигари
Внатрешна контрола во МВР повела истрага против Димитри Колоски, поранешен
началник на струшката полиција, за кого имало сомневања дека се занимавал со
сомнителни бизниси со цигари додека бил на функција, јави агенцијата „Нет прес“
повикувајќи се на полициски извори.
Агенцијата објавува договор, кој пред извесно време бил причина за покренување
истражни дејства на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди
при МВР, а кој на 7 јуни 1996 година, го склучил Колоски со приватна фирма од
Струга. Во договорот е напишано дека ОВР Струга се обврзува да врши
примопредавање на пронајдени предмети, на приватното претпријатие „ЃНС – Пром“.
Во точката два е наведено дека струшката полиција на оваа фирма и предава 5.451
штека цигари, вредни 324.000 денари. Но, во документот не е прецизирано за
каква марка цигари станува збор, ниту пак колкава е нивната поединечна цена.
Потоа договорено е „ЃНС – Пром“ на ОВР Струга да плати сума од 324.000 денари
за цигарите.
Документот го потпишале Назиф Асоски, како претставник на „ЃНС – Пром“, а
Димитри Колоски како началник на ОВР Струга.
На крајот од договорот Колоски рачно напишал дека на 4 јуни1996 година „дадена
е согласност од страна на потсекретарот Ѓурев на началникот на УВР Охрид Вангел
Митрески“. Под рачно напишаниот текст стои потпис на Димитри Колоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.
Свет
Фински политичар до малите држави: Приклучете се кон ЕУ, тоа ви носи заштита
Во рамки на дискусијата за глобалната трговија и иднината на државите во новиот светски поредок, финскиот политичар Александар Стуб даде јасен совет за обезбедување стабилност. Според него, најдобриот рецепт за помалите држави е членство во Европската унија, додека директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала, истакна дека и покрај критиките, постоечкиот систем покажува отпорност.
На прашањето како другите земји би требало да постапат за да си ја обезбедат иднината, Стуб полушеговито одговорил: „Приклучете се кон Европската унија – тоа ви носи заштита“, изјавил тој.
Како што посочил дека важноста на ваквите сојузи станала уште поочигледна по заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд.
Стуб објасни дека царини не може да се воведат само за некои членки, бидејќи „тогаш царина од 25% би важела за целата Европска унија“. На малите и средни сили кои не се членки на ЕУ им препорача активно да се вклучат и да ги поддржат мултилатералните трговски организации, за да обезбедат одредено ниво на заштита.
Претходно, на иста тема се осврна и директорката на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, која изјави дека иако не се согласува со едностраните потези на САД, се согласува со многу од нивните критики кон трговскиот систем.
„Системот не се развиваше, не се менуваше брзо и не реагираше соодветно на светските промени. Некои од критиките дека не функционира добро се основани“, призна таа.
Сепак, таа нагласи дека:
„И покрај огромните пореметувања и најголемото поткопување на глобалните трговски правила во последните 80 години, системот покажува отпорност.“
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.

