Свет
Саркози му вети поддршка на Карзаи

Францускиот претседател Николас Саркози на денешната средба со својотавганистански колега Хамид Карзаи ја потврдил француската поддршка заАвганистан.
Францускиот претседател Николас Саркози на денешната средба со својот авганистански колега Хамид Карзаи ја потврдил француската поддршка за Авганистан. Ова го соопшти кабинетот на Карзаи, по повод денешната ненајавена посета на Саркози на Авганистан. „Николас Саркози на претседателот Карзаи му ја потврди долгорочната политика и воената поддршка од својата Влада за народот во Авганистан“, се наведува во официјалното соопштение. Двајцата шефови, според информациите, се согласиле дека несигурноста во државата и одгледувањето дрога се сериозни предизвици за Авганистан и се заложиле за поголеми напори во борбата против тероризмот и трговијата со дрога. Саркози, според најавите ќе се сретне и со француските војници распоредени во Авганистан./крај/хи/ам Copyright 2007 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка и Украина го потпишаа долгоочекуваниот договор за минералите

Вашингтон и Киев го потпишаа долгоочекуваниот договор за природните ресурси на Украина по неколкумесечни напнати преговори. Иако деталите од договорот сè уште излегуваат на виделина, двете страни потврдија дека тој формира инвестициски фонд за истражување на минерални суровини и го одредува начинот на поделба на приходите.
Во соопштението на американската администрација се наведува дека договорот испраќа порака до Русија дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп е посветена на мировниот процес насочен кон слободна, суверена и просперитетна Украина.
Договорот доаѓа нешто повеќе од два месеци по средбата меѓу претседателот Трамп и Володимир Зеленски во Белата куќа, која се претвори во јавен вербален конфликт и ги зголеми стравувањата дека САД би можеле да ја повлечат својата поддршка за Украина.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко вчера пристигна во Вашингтон. По учеството на церемонијата на потпишување со Бесент, Свириденко на социјалните мрежи ги објави главните одредби од договорот.
На платформата „Икс“ таа истакна дека со договорот се формира инвестициски фонд за реконструкција со цел да се привлечат западни инвестиции во украински проекти во областа на минералите, нафтата и гасот.
Таа нагласи дека природните ресурси остануваат сопственост на Украина и дека Киев самостојно ќе одлучува за локациите на експлоатација. Партнерството ќе биде еднакво, во сооднос 50:50, без обврска за задолжување од САД. Соединетите Држави ќе преземат улога во привлекувањето капитал и технологија за проекти на украинска територија.
Како дел од договорот, САД ќе му дадат на Киев дополнителна помош, која може да вклучи, на пример, системи за противвоздушна одбрана. Ова е клучна одредба која не беше вклучена во претходните предлози за договорот.
Според Свириденко, приходите и плаќањата на фондот нема да се оданочуваат во ниту една од земјите. Таа додаде дека договорот допрва треба да го потврди украинскиот парламент.
Договорот, пишува Свириденко, го признава придонесот на Украина за глобалната безбедност и таа им се заблагодари на сите што учествуваа во неговото постигнување.
Не е јасно дали договорот вклучува формална безбедносна гаранција од САД, што беше едно од главните барања на претседателот Зеленски за време на преговорите. Американското Министерство за финансии соопшти: „Ниту една земја или поединец што ја финансирала или снабдувала руската воена машина нема да има корист од обновата на Украина“.
Претседателот Трамп рече дека договорот е компензација за американските распределби за време на војната.
„Бајден им даде 350 милијарди долари“, рече Трамп. Тој додаде: „Се договоривме за договор каде, теоретски, добиваме значително повеќе од тие 350 милијарди“.
Трамп веќе некое време тврди дека САД потрошиле околу 350 милијарди долари за помош за Украина, иако анализата на Би-Би-Си покажа дека реалната сума е многу помала. Запрашан дали присуството на САД во Украина може да ги ограничи руските потези во регионот, тој одговори: „Може да биде“.
Според проценките на Киев, околу 5 отсто од светските „критични суровини“ се наоѓаат во Украина.
Ова вклучува околу 19 милиони тони докажани резерви на графит, што, според Украинската геолошка служба, ја рангира земјата меѓу петте водечки светски производители на минералот. Графитот се користи во производството на батерии за електрични возила.
Украина има и значителни наоѓалишта на титаниум и литиум. Исто така, тврди дека има големи количини на метали од ретки земји – група од 17 елементи клучни за производство на оружје, турбини на ветер, електроника и други современи технологии – иако овие тврдења се предмет на дебата.
Дел од украинските минерални наоѓалишта моментално се под руска окупација. Според Свириденко, ресурсите во вредност од 350 милијарди долари се уште се наоѓаат на окупираната територија.
Експертите предупредуваат дека спроведувањето на договорот и пристапот на американските инвеститори до украинското рудно богатство нема да биде возможно без да се реши проблемот со неексплодираните мини. Се проценува дека дури четвртина од украинската територија е контаминирана со мини, пред се на истокот на земјата.
Дополнително, ќе помине многу време пред да се остварат конкретни економски придобивки.
„Овие ресурси не се во пристаништето или складиштето – тие допрва треба да се развиваат“, изјави за Би-Би-Си поранешниот министер и шеф на Киевската школа за економија Тимофиј Милованов.
Москва се уште официјално не го објавила договорот. Но, претходно оваа година, рускиот претседател Владимир Путин изјави за државната телевизија дека е подготвен да им понуди на американските партнери соработка за рударски проекти, вклучително и експлоатација на таканаречените „нови територии“ – алудирајќи на деловите од источна Украина што Русија ги држеше под окупација од почетокот на целосната инвазија пред три години.
Путин потоа рече дека евентуалниот договор меѓу САД и Украина за ретки минерали „не го загрижува“, бидејќи, како што рече, „Русија несомнено има, и сака да го истакне тоа, значително повеќе такви ресурси од Украина“.
Тој додаде дека Русија е подготвена да привлече странски партнери за да ги искористат „нивните историски територии кои и се вратија на Руската Федерација“.
Свет
ЕУ подготвува план Б доколку Трамп ги напушти преговорите за Украина

Европската унија подготвува план Б за тоа како да ги задржи економските санкции против Русија доколку администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги напушти мировните преговори за Украина и се приближи до Москва, изјави денеска за „Фајненшл Тајмс“ високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
„Гледаме знаци дека размислуваат да ја напуштат Украина и не се обидуваат да постигнат договор со Русите бидејќи е тешко“, рече Калас, мислејќи на САД.
Таа додаде дека постои план Б, но дека прво мора да се работи на остварување на планот А.
Калас, исто така, рече дека се водат разговори со Вашингтон и другите меѓународни партнери за да се осигура дека западните санкции против Русија ќе останат во сила, пренесе Ројтерс.
Регион
Уапсен шпион во Грција, осомничен за поврзаност со Русите

Етнички Грк од Грузија е уапсен во Александрополи, североисточна Грција, под обвинение за шпионажа, откако властите пронашле фотографии и видеа од воени објекти и опрема на неговиот мобилен телефон, пишува грчки Екатимерини.
Според грчката полиција, осомничениот испратил чувствителни материјали на неидентификуван примач во странство користејќи шифрирана апликација за комуникација. Според грчките медиуми, постои сомневање дека мажот фотографирал, снимал и дистрибуирал материјали од воено значење најмалку шест месеци.
Апсењето е извршено за време на заедничка операција на Националната разузнавачка служба (ЕЈП) и Одделот за криминалистичка истрага и гонење во Александрополи.
При прелиминарниот распит, осомничениот, наводно, признал дека фотографирал и снимал воени локации за друго лице. Според државната телевизија ЕРТ, властите веруваат дека мисијата можеби вклучувала планови за можна саботажа на воени објекти.
Лицето кое го регрутирало осомничениот е наводно член на меѓународна криминална мрежа и поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ. Човекот признал дека првично му била понудена парична отштета, но на крајот постапил доброволно „за мајка Русија“. Тој, наводно, им рекол на истражителите дека во младоста служел во руската армија во Сибир.
Националната разузнавачка служба ја продолжува истрагата за да го утврди целосниот обем на операцијата, заклучува Екатимерини.