Свет
Непосредните спогодби не се договори во четири очи
Владата ги применувала непосредните спогодби во исклучителни ситуации – за да се зголеми нивото на странски инвестиции.
Владата ги применувала непосредните спогодби во исклучителни ситуации – за да се зголеми нивото на странски инвестиции. Тие се овозможени со закон и не се договори во четири очи, бидејќи за нив расправа и одлучува Владата. Тоа, како што неофицијално се дознава, е дел од одговорот на дополнителните прашања од Брисел, кои Владата ги утврди вчера на затворена седница.
Непосредните спогодби, кои предизвикаа многу контроверзии и реакции и во македонската јавност, беа во средиштето на деветте дополнителни прашања што пред еден месец ги достави Европската комисија (ЕК). Брисел се интересираше под кои услови се продава земјиште со непосредна спогодба, како е продадено земјиштето за трговскиот центар „Рамстор“ или за бензинските пумпи на „Лукоил“ и како без тендер словенечкиот „Турбоинститут“ доби локации за изградба на 20 хидроцентрали. Комисијата побара од Владата да ги објасни и контроверзиите за лицитацијата на земјиштето спроти Народната банка, до каде е со преиспитувањето на дискрециските права на министрите и да ја разјасни аферата за даночната пирамида.
Доследна на досегашната практика одговорите да се објавуваат откако ќе бидат испратени во Брисел, Владата не дава детали. Но, како што неофицијално се дознава, непосредните спогодби ги брани со потребата од привлекување странски инвестиции.
Владата ќе порача дека во иднина овој начин на продажба ќе го користи рестриктивно и претпазливо. До Брисел ќе биде испратен и детален список на сите постапки поведени во случајот „Даночна пирамида“, а Владата, како што се тврди, ќе ги подвлече позитивните ефекти од целиот случај – добрата соработка меѓу различните институции надлежни за откривање на даночните затајувања и позитивните ефекти од акцијата во собирањето на даноците.
Одговорите на прашањата ќе бидат испратени во Брисел на 5 септември. Се смета дека ова се последните дополнителни прашања. Кон крајот на септември во Брисел ќе се одржи и последниот преглед за исполнувањето на политичките критериуми за членство, пред ЕУ да го соопшти мислењето за македонската апликација, најавено за 9 ноември.
Б. Х.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

