Свет
Шверцот со цигари не ја одминува Македонија
Шверцот на цигари е многу доходовен бизнис, отсекогаш постоел и ќе постои и во Грција и во Македонија.
ПОЗНАВАЧИТЕ НА БИЗНИСОТ ПОТВРДУВААТ
Шверцот на цигари е многу доходовен бизнис, отсекогаш постоел и ќе постои и во Грција и во Македонија. Битката е да се намали обемот на нелегалната трговија со оваа акцизна стока, за да се обезбедат буџетските приходи. Вака Царинската управа и домашните производители и дистрибутери на цигари ги коментираат состојбите во трговијата со цигари.
– Да се зборува дека десетици или стотици шлепери минувале во македонско-грчкиот меѓуграничен појас и се шетале низ земјава е несериозно. Македонската и грчката царина располагаат со современи системи за сателитско следење на камионите и секое вакво обвинување може лесно да се докаже. Што значи дека ако постои ваков шверц на цигари, би требало да се обвинат и двете царини – одговараат во македонската Царина на обвинувањата објавени во грчкиот весник “Та неа” за наводна вмешаност на царинските служби од земјава во шверцот со цигари во Грција.
Но, добри познавачи на овој бизнис велат дека во случајов станува збор за добро разработени канали на шверц со цигари кои минуваат и низ Македонија. Според нив, грчки шлепери полни со цигари произведени во Грција, наводно наменети за извоз и без бандероли, влегуваат во земјава на граничните премини Дојран и Меџитлија. Таму добивале “испрани” документи дека превезуваат неакцизна стока, по што полни се враќале во Грција, поточно во пристаништето во Солун, од каде што се товарале на бродови и заминувале кон пазари во ЕУ. За услугата, односно за “испраните” документи најчесто се добивал процент, кој во зависност од количеството цигари изнесувал меѓу пет и 10 отсто од количеството. Испораката на овие цигари се вршела во гаражи во пограничните села со Грција, а потоа завршувале на црните пазари во Косово.
Причините за исплатливоста на шверцот со цигари, според експертите, е големата разлика меѓу производната и малопродажната цена на цигарите, која може да достигне и над 200 отсто. На пример, во структурата на малопродажната цена на цигарите што се произведуваат во Македонија се вградени 33 отсто акциза, 18 отсто ДДВ и 18 проценти рабат, што вкупно претставува повеќе од 70 отсто. Во цената на увозните цигари, на сите овие трошоци, треба да се додаде и царината, која изнесува 30 отсто. Тоа значи дека од цената за една кутија луксузни странски цигари, што легално се продаваат за 100 денари, повеќе од половината, односно околу 52 денара се давачки кон државата, а останатите 48 отсто се производството, транспортот и трговските маржи. Давачките за државата во држави од ЕУ се многу повисоки, што ги прави цигарите уште поисплатливи за шверцување. Во Грција давачките за државата се движат околу 120 отсто. (Р.Д.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

