Свет
Шефки Идризи ја купил "Битола сил" на кафе на Скопски аеродром
Мистериозната кражба на 300 килограми динамит и 1000 детонаторски каписли од магацинот на поранешното битолско претпријатие ,,Битоласил’’, за која МВР се уште молчи, им дојде како кец на десетка на вработените
ИСТРАГАТА ЗА ИСЧЕЗНАТИТЕ 300 КИЛА ЕКСПЛОЗИВ ОД БИТОЛСКА ФИРМА ОТКРИВА ДУПКИ ВО ПРИВАТИЗАЦИЈАТА
Мистериозната кражба на 300 килограми динамит и 1000 детонаторски каписли од магацинот на поранешното битолско претпријатие ,,Битоласил’’, за која МВР се уште молчи, им дојде како кец на десетка на вработените во ова, сега веќе приватизирано, претпријатие, бидејќи се надеваат дека полицијата конечно ќе го открие криминалот од големи размери во текот на приватизацијата на ова претпријатие. Битолската полиција не соопштува никакви детали се до целосното расветлување на случајот, но од наши извори дознаваме дека истрагата е проширена и на други пропусти и злоупотреби во работењето на “Битоласил”.
Неколкумина поранешни вработени во ова претпријатие отворено се сомневаат во регуларноста на ликвидацијата и приватизацијата на А.Д. Рудници и индустрија за неметали “Битоласил” и истакнуваат бројни незаконски постапки за време на стечајната постапка и по нејзиното завршување. Тие благовремено се обратиле и до Јавниот обвинител на Република Македонија и до Антикорупциската комисија, но од таму се уште ништо не е преземено. Тие обвинуваат дека на незаконски начин во сопственост на лицето Шефкија Идризи од тетовското село Џепчиште преминало земјиште и основни средства на фирмата кои се појавиле како основачки влог на новото друштво ,,Рено-сил’’.
“Се започна кон средината на јули 2003 година, кога госпоѓата Милица Николовска се појави во претпријатието, како законски застапник на госпоѓата Верка Максимовиќ, која од Агенцијата за приватизација го купила управувачкиот пакет државни акции од околу 72 отсто, и ни рече дека ќе биде новиот директор на А.Д. Битоласил. Бидејќи новиот сопственик живее во Канада, нејзиниот син Дејан Максимовиќ формира борд на директори, но во претпријатието буквално ништо не се работеше. Во ноември истата година половината од вработените без никаков надоместок беа прогласени за технолошки вишок”.
При крајот на декември истата година вработените биле повторно шокирани. “Дојде Милица Николовска и не извести дека доминантниот сопственик Верка Максимовиќ, која ќе патувала за Канада, на скопскиот аеродром, додека пиела кафе го продала управувачкиот пакет на извесен Шефки Идризи од село Џепчиште, сопственик на претпријатието ,,Ренова’’ и на неколку други фирми, кој бил подготвен да вложува во Битоласил, да ги задржи вработените и да отвори нови работни места. И се почна навидум добро, се до 20. април 2004 година, кога со решение на Основниот суд во Битола е отворена стечајна постапка, со која се согласи и доминантниот сопственик, што навистина е многу чудно, бидејќи со стечајот пропаѓа акционерскиот капитал”.
За време на стечајната постапка, велат ексвработените, се појавил нов доверител, лицето Бејтула Адеми од Голема Речица, кој од Агенцијата за санација ги откупил хипотеките на “Битоласил” и заостанатиот девизен долг, севкупно во висина од 42 милиони денари, за само 4 милиони денари, и со тоа станал најголем доверител. Во стечајната постапка и Шефки Идризи стана сопственик на основни средства, кои ги купил од тетовската фирма Интер-проект, што било прифатено од страна на стечајниот управник.
,,По ликвидирањето на ,,Битоласил’’, Шефки Идризи, Бејтула Адеми и Кенан Идризи регистрираа ново претпријатие АД Рено сил, во кое како основачки влог Бејтула Адеми ги вложува земјиштето и погоните за Кварц и Перлит, а Шефки Идризи ги вложува основните средства на ,,Битоласил’’ и земјиштето во демирхисаркото село Мренога. Стечајната маса не е дадена на лицитација, ниту пак ни е дозволен увид во проценката на капиталот, иако таа била направена и била утѕврдена на 400.000 евра. До денес не е одржана ниту една седница на одборот на доверители, а клучевите од сите простории на Битоласил се во рацете на претставникот на Ренова, во кои спаѓа и магацинот во кој се чуваше динамитот и детонаторските каписли”, истакнуваат неколкумина паранешни работници на поранешен ,,Битоласил’’ од Битола.
М.Павлевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци
Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.

Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.

Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.

По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.
Свет
САД може да се повлечат од решавањето на војната во Украина, вели синот на Трамп
Американскиот претседател, Доналд Трамп, би можел да се повлече од решавањето на војната во Украина, изјави неговиот најстар син Доналд Трамп помладиот на конференција на Блискиот Исток.
Во долгиот говор против продолжувањето на борбите во Украина, Доналд Трамп помладиот, исто така, рече дека „корумпираните богати луѓе од Украина избегале од земјата, оставајќи го она што го сметале за селска класа да се бори во војната“.
Доналд Трамп помладиот нема официјална улога во администрацијата на Доналд Трамп, но е клучна фигура во движењето MAGA. Неговиот настап ја одразува антипатијата на некои членови на тимот на Трамп кон украинската влада и доаѓа во време кога преговарачкиот тим на Трамп врши притисок врз Киев да отстапи територија.
Доналд Трамп помладиот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја продолжува војната бидејќи знае дека никогаш нема да победи на изборите ако војната заврши.
Тој, исто така, ја критикуваше шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, велејќи дека европските санкции не функционираат бидејќи само ја зголемиле цената на нафтата, од која Русија може да ја финансира војната. Тој го опиша европскиот план како „чекање Русија да банкротира“.
Трамп помладиот без докази тврдеше дека за време на еден ден во Монако ова лето, видел дека 50 проценти од автомобилите како Бугати и Ферари имале украински регистарски таблички.
– Дали мислите дека е заработено во Украина? – праша Доналд Трамп помладиот.
– Слушнавме гласини за тоа што се случува кога ќе видиме дека сите регистарски таблички во Монако се украински. Богатите избегаа и го напуштија она што го сметаа за селска класа за да се борат во овие војни. Немаше поттик да се запре војната бидејќи сè додека парите доаѓаа и крадеа, никој ништо не проверуваше, па затоа немаше причина за мир.
Кога го прашале дали е можно неговиот татко – кој водеше кампања дека може да донесе мир во Украина – едноставно да се откаже, Доналд Трамп помладиот рекол можеби, објаснувајќи дека неговиот татко е еден од најнепредвидливите луѓе во политиката.
Свет
(Видео) Див дабар виден во Велика Британија за првпат по 400 години
Во природниот резерват Пенсторп, Норфолк, за првпат по повеќе од 400 години е забележан див дабар. Животното е снимено на камера додека собира дрвја за своето живеалиште покрај речен брег, оставајќи ги експертите збунети за неговото потекло.
Менаџерот на резерватот, Ричард Споуџ, рече дека дабарот престојува во изолиран дел од резерватот околу еден месец и можеби патува кон соседните мочуришта во потрага по храна. Првите знаци за присуство биле карактеристични траги на дрвја, по што биле поставени камери.
Реинтродукцијата на дабарите во Англија започна во 2015 година, а диви популации се забележани и во Дорсет, Кент, Хемпшир, Сомерсет и Шкотска.
Потеклото на дабарот од Пенсторп останува мистерија.
„Од наша гледна точка, тоа е диво животно и има право да биде тука“, заклучи Споуџ.

