Свет
Пратениците најплатени пензионери
Пратениците ќе земаат околу 36.000 денари пензија, речиси 10.000 денари повеќе од највисоката пензија што се исплатува сега во земјава
СПОРЕД НОВИОТ ЗАКОН
Пратениците ќе земаат околу 36.000 денари пензија, речиси 10.000 денари повеќе од највисоката пензија што се исплатува сега во земјава. Со новиот Закон за пратеници, кој беше усвоен завчера, пензијата на парламентарците ќе изнесува 80 отсто од просечната пратеничка плата исплатена во претходните три месеци.
Со измените на Законот за плати на избрани и именувани функционери, просечната плата на пратениците е околу 45.000 денари.
Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека највисоката пензија во моментов е 26.888 денари.
Од Кабинетот на претседателот на државата вчера соопштија дека Бранко Црвенковски ќе ја испочитува уставната обврска и ќе го потпише Указот за прогласување на Законот, иако не се согласува со неговите одредби.
– Ставот на шефот на државата останува ист. Тој не се согласува со донесувањето на овој Закон, особено што немаше доволно аргументи, образложенија и измени на предлогот што би оделе во негова полза. Тргнувајќи од обврската на претседателот да го штити и почитува Уставот, тој ќе го потпише Указот за негово прогласување, бидејќи беше донесен со потребното мнозинство – велат од Кабинетот на претседателот.
Црвенковски одби да го потпише Указот при првото изгласување на Законот во Собранието.
Условите за пресметување на пратеничката пензија важат и за пратениците од претходните мандати, бидејќи пензијата се усогласува според порастот на платите на пратениците во Собранието. Неофицијално, околу 50 поранешни и сегашни парламентарци ги исполнуваат условите според овој Закон – предвремена старосна пензија ако има 25 години работен стаж, односно 55 години старост за мажи, а 53 за жени и да има две години пратенички стаж.
Министерот за финансии Никола Поповски оцени дека се уште не се знае колку Законот за пратеници ќе го оптовари буџетот бидејќи тоа ќе зависи од бројот на пратениците што ќе го искористат тоа право.
– Со оглед на неколку изминати мандати во Собранието, ќе се јават можеби стотина пратеници, кои ќе одат во пензија под овие услови. Тоа нема да биде големо оптоварување за Буџетот затоа што не предизвикува големи интервенции. Ние сега обезбедуваме седум до осум милијарди денари годишно од централниот Буџет за да го покриеме дефицитот на Пензискиот фонд – изјави Поповски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави на донесувањето на овој Закон и најави дека ќе ја оспори неговата уставност во однос на еднаквоста на граѓаните. Според пратеничката Силвана Бонева, еднаквоста на граѓаните се нарушува во делот на условите за пензионирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

