Свет
Странските газди во металургијата бесплатно трошат струја
Државата нема механизам веднаш да наплати 15 милиони евра од пет големи компании, кои повеќе месеци не платиле за потрошената електрична енергија.
ГОЛЕМИТЕ ПОТРОШУВАЧИ НЕ МУ ПЛАЌААТ НА ЕСМ
Државата нема механизам веднаш да наплати 15 милиони евра од пет големи компании, кои повеќе месеци не платиле за потрошената електрична енергија. Иако “Дистрибуција”, која произлезе од ЕСМ, пратила опомени до странските газди на “Митал”, “Силмак”, “Фени” и на “Скопски легури” да си го платат долгот, тие се уште не го направиле тоа. Најголем должник на ЕСМ е “Силмак”, со 10 милиони евра.
– Ниту еден од големите потрошувачи на електрична енергија, кои должат околу 15 милиони евра, не се толерирани. За сите поединечно, освен за “Македонски железници”, кое е јавно претпријатие и има огромна загуба, се испратени опомени, кои се доставени и до Владата и до Министерството за економија – тврдат во “Дистрибуција”.
Претпријатието “Електрани на Македонија” (ЕЛМ) покренало и судски спор против “Силмак”.
– Откако видовме дека со опомени не можеме да ја постигнеме целта, а според купопродажниот договор помеѓу Владата и “Силмак”, не можеме едноставно да ја прекинеме испораката на струја, во април годинава ги известивме дека ќе покренеме судски спор. Тогаш менаџерите на “Силмак” прифатија да склучат проткол за паралелно враќање на стариот долг и плаќање на тековните обврски. Но најголем дел од долгот се уште не е платен. Затоа покренавме судски спор – објаснуваат во ЕЛМ.
Во слична состојба, само со помали долгови се и погоните на некогашната скопска железарница што неодамна ги купи индиски “Испат”. Индиската компанија за струја должи нешто помалку од еден милион евра. Неплатени сметки за струја има и во “Скопски легури”.
Обвинувањата дека зад неплаќачите стојат политички врски во власта вчера ги отфрлија вицепремиерот Минчо Јорданов и министерот за економија Фатмир Бесими. Јорданов изјави дека долгот на овие компании кон ЕСМ е комерцијална работа меѓу приватни компании.
Од друга страна, извори од Владата велат дека големите потрошувачи на електрична енергија, во кои странскиот капитал е доминантен, како што се “Силмак”, “Испат” и “Скопски легури”, не ги плаќаат редовно сметките бидејќи државата во купопродажните договори не вградила цврсти механизми да ги заштити своите интереси.
– Овие капацитети пред продажбата беа големи загубари и ги оптоваруваа социјалните фондови. По продажбата вработуваат десетици илјади луѓе, што за буџетот претставува големо олеснување. Ова и лошите договори се основните причини што државата и понатаму има толерантен однос кон големите потрошувачи. Тоа ќе заврши со либерализацијата на пазарот на електрична енергија, кога сите тие ќе можат да купуваат струја од странство – велат во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

