Свет
85 лица загинаа во нападите во Газа во текот на ноќта, бројот на загинати се искачи на речиси 600
Најмалку 85 Палестинци беа убиени низ Газа во текот на ноќта, со што бројот на загинати откако Израел го прекрши примирјето со палестинската група Хамас се искачи на речиси 600, соопштија локалните здравствени власти.
Најмалку 16 лица, главно жени и деца, се убиени во напад во текот на ноќта врз семејната куќа Абу Дака во близина на градот Кан Јунис, пренесе АП.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 592 лица биле убиени во израелските напади во изминатите неколку дена.
Истовремено, израелската војска објави дека во нападите биле убиени шефот на службата за внатрешна безбедност на Хамас, како и уште двајца команданти.
Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху едногласно гласаше за разрешување на шефот на израелската разузнавачка агенција Шин Бет, Ронен Бара, соопшти кабинетот на премиерот.
Последниот работен ден на Бара е закажан за 10 април, а разрешувањето ќе биде забрзано од првично планираниот датум на 20 април, иако кабинетот на Нетанјаху вели дека тој може да биде разрешен пред тој датум доколку министрите го одобрат назначувањето на нов шеф на агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.

