Свет
Министрите очи си вадат кој да се вози во "ауди", а кој во "мерцедес"
Владината Служба за општи и заеднички работи турка проект за унифицирање на возниот парк за државниот врв и министрите, со кој би требало да се набават 30 нови луксузни возила
ВЛАДИНАТА СЛУЖБА ЗА ОПШТИ И ЗАЕДНИЧКИ РАБОТИ САКА ДА ГО УНИФИЦИРА ВОЗНИОТ ПАРК
Владината Служба за општи и заеднички работи турка проект за унифицирање на возниот парк за државниот врв и министрите, со кој би требало да се набават 30 нови луксузни возила
Горан Минчев, директор на Службата за општи и заеднички работи ќе поднесе официјално барање до Владата за унифицирање на луксузните возила што ги користи државниот врв и министрите. Тој вели дека две години турка идеја за купување 30 нови, исти возила, а сегашните да ги префрли во употреба место 35-те ВИП возила, кои се најоптоварени и се користат за превоз на делегации, за локални потреби и употреба низ Македонија и за патување во соседните држави. Меѓу овие ВИП возила има и такви што поминале по 400 илјади километри, имаат висока потрошувачка на бензин и заедно со возилата од првата категорија, бараат и над 20 милиони денари годишно за одржување и резервни делови.
Минчев до Владата ќе поднесе детална информација за состојбата на овие две категории возила, кои, вели, не се баш во завидна кондиција. Службата пресметала фрапантни 22,5 милиони поминати километри досега, на сите 135 активни возила што се под нејзина надлежност.
Бивши и сегашни министри и нивни возачи велат дека по доаѓањето на власт, редовно се јавува борба и лутење за тоа кој во каков автомобил ќе се вози, зашто возниот парк. И по марка и по старост, а за боја и да не зборуваме, велат нашите извори. “Зошто јас да се возам во старо ‘ауди’, а тој во ‘мерцедес’, зошто некој со кола што поминала 300 илјади километри, а друг во нов и поголем автомобил, зошто јас во зелен, а тој во црн ‘мерцедес’, зошто СДСМ во нови ‘бродови’, а ЛДП и ДУИ во канти…”, се кавгите што се обавезни при распределбата на функционерските возила. Се лутат и возачите, тие што возеле со добра кола бивш министер, се нервираат што некој нивни новодојден колега седнал зад подобар волан со нов министер.
Изработена е студија со која треба да се убеди Владата, а особено министерот за финансии Никола Поповски дека добар дел од парите потрошени за набавка на нови 30 унифицирани возила ќе се вратат назад во Буџетот. “Ако купиме нови, сегашните министерски возила ќе ги повлечеме за секојдневна употреба. Сегашните за секојдневно користење, пак, ќе ги продадеме, со што од старт ќе обезбедиме околу 40 милиони денари, што ќе ги вратиме во Буџетот. Новите луксузни возила ќе имаат тригодишна гаранција, со што ќе заштедиме на поправки и резервни делови”, е есапот на Минчев, што ќе и го покаже на Владата. Освен тоа, се најавува и лицитација на 40 хаварисани или удрени владини возила, кои се на плацот во една од касарните на АРМ, од што се очекува дополнителен прилив на пари.
Во Министерството за финансии не кажуваат дали ќе се најдат пари за унифициран владин возен парк, како што е пракса во повеќето европските држави. Велат само дека кај нив се уште нема доставено официјално барање од Службата. “Се додека не видиме за каков проект се работи, не можеме ништо да коментираме”, велат од кабинетот на министерот Никола Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

