Свет
Државата затајува, "Зегин" ќарува
Пациентите во земјава од грип ќе се заштитуваат со непроверени вакцини.
ИГРАНКА СО ВАКЦИНИТЕ ЗА ГРИП
Министертвото за здравство одлучи да ги купи од “Зегин” преостанатите количини од 10.000 вакцини, за кои нема сигурна потврда дали имаат ефект врз пациентите, бидејќи испитувањата на земените мостри во домашната лабораторија неможат да докажа дали гл
Пациентите во земјава од грип ќе се заштитуваат со непроверени вакцини. Станува збор за околу 10.000 вакцини на “Зегин”, кои Министертвото за здравство одлучи да ги откупи од оваа приватна фирма, а за кои нема сигурна потврда дека се активни и ќе дејствуваат врз здравјето на пациентите. Вакцината “ваксигрип”, Бирото за лекови при Министерството за здравство пред една недела издаде забрана за нивна продажба по приватните аптеки, поради сомневања за нивно несоодтвено чување, а со тоа и губење на ефектот. За да се уверат во исправноста, здравствените инспектори земаа две мостри од вакцините и ги дадоа на испитување во лабораторијата на Републичкиот завод за здравствена заштита. Според директорот на Бирото за лекови Ромил Санџаковски резултатите покажале дека вакцините се безбедни и неим е прекинат ладниот ланец на испорака.
” Анализите покажаа дека вакцините се квалитетни и безбедни и дека не е прекинат ладниот ланец на нивна испорака, причина поради која и инсистиравме тие да не се продаваат по аптеките. Точно е дека земените примероци не се од рака на пациент, туку од фрижидер, но само тие беа на располагање”, вели Санџаковски.
Но, додека од Бирото уверуваат откупените вакцини се исправни, стручњаци од државната лабораторија тврдат дека Македонија не располага со соодтвена техника за докажување на активноста на супстанцата.
” Во лабораторијата може да се испита стерилноста и некои други параметри, но не и активноста на супстанцата на вакцината. Тоа значи дека не постои доказ оти примената вакцина има дејство, односно создава имунитет кај пациентот што ја примил”, објаснуваат од лабораторијата.
Сета работа, додаваат истите извори е се повеќе сомнителна од причина што никој не знае од каде се земени испитуваните мостри вакцини и дали се тие оние кои биле изложеи на рафтови.
” Бидејќи овие вакцини ги има и по аптеките во внтарешноста на Македонија, кој знае со сигурност да каже како тие стигнале дотука. Никој не го спори квалитетот на “ваксигрип”, но процедурите мора да се почитуваат”, коментираат фармацевтите.
Познавачите на приликите целата работа ја коментираат како игранка на “Зегин” и надлежните во Министерството за здравство, од причина што начинот на чување, транспортот и се останато врзано за вакцината треба да е наведено во дозволата за нејзин увоз во земјава.
” Цело Министерство и Биро за лекови знаат дека во документацијата за увоз на вакцини мора да биде наведена точната бројка на внесената количина и без документ за која здравствена установа таа е намената, вакцината не смее да влезе во Македонија. Така, да работата случајно или намерно е превидена, а некој на тоа дебело ќарил. Со години се знае дека при добивањето дозвола за увоз мора да има и изјава на директорот на установата каде таа ќе се аплицира на пациенти. Така да точно се знае колку вкупновакцини “Зегин” внел и има право да донесе во земјава”, посочуваат од Бирото за лекови.
Министерот за здравство завчера, пред официјалното објавување на резутатите од мострите вакцини на “Зегин” најави дека ќе ги откупи преостанатите количини.
Сопственикот на “Зегин” Благоја Механџиски тврдеше дека вакцината може 10 дена да се чуваат надвор од фрижидер без никакви последици за нејзиниот квалитет, со што ја оправда слободната продажба на “ваксигрип”. Но, тој испушти да наведе дека чувањето и да е надвор од ладилник мора да биде на температура меѓу 2 и 8 степени Целзиусови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.
Свет
Светот влегува во нова ера, рече Рубио во пресрет на неговото патување во Европа
Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека светот влегол во „нова ера“, во пресрет на неговото патување во Европа, каде ќе одржи клучен говор на Минхенската безбедносна конференција. Тој ќе ја предводи американската делегација на првиот голем глобален собир по заканата на претседателот Доналд Трамп за анексија на Гренланд, што беше протолкувано како закана за данскиот суверенитет, објави Би-Би-Си.
Додека светските лидери се собираат во Минхен, францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека Европа мора да се подготви за независност од САД, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте истакна дека трансатлантските врски се цврсти и значајни како и секогаш. Темите на конференцијата што штотуку започна вклучуваат: војната во Украина, тензиите со Кина и потенцијален нуклеарен договор меѓу Иран и САД.
„Светот се менува пред наши очи, и тоа многу брзо“, рече Рубио одговарајќи на прашањето дали неговата порака кон Европејците ќе биде помирлива од лани. „Живееме во нова ера на геополитика, што од сите нас ќе бара да преиспитаме како изгледа тоа и каква ќе биде нашата улога.“
Минатата година, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс остро ја нападна Европа – вклучително и Велика Британија – поради политиките за слобода на говор и имиграција, што предизвика година на незапаметени трансатлантски тензии.
Околу 50 светски лидери се очекува да присуствуваат на конференцијата, каде ќе се разговара за европската одбрана и иднината на трансатлантските односи, во време кога американската посветеност кон НАТО е доведена во прашање.
Тензиите растат, особено откако Трамп повеќепати изјави дека Гренланд е клучен за националната безбедност на САД, тврдејќи дека е „преплавен со руски и кинески бродови“. Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека планира да се сретне со Рубио за да разговараат за американските закани за преземање на данска територија.
Многу европски лидери сметаат дека овие закани се пресвртна точка што го нарушила довербата во најголемиот сојузник.
Во пресрет на конференцијата, осум поранешни американски амбасадори во НАТО и осум поранешни американски генерали во Европа објавија отворено писмо, со кое го повикуваат Вашингтон да ја задржи својата поддршка за западниот одбранбен сојуз.
„НАТО не е добротворна организација“, се вели во писмото, туку „мултипликатор на моќта“ кој ѝ овозможил на Америка да го проектира својот влијание и моќ, на начин кој самостојно би бил невозможен или прескап.
Трансатлантските односи се под зголемен притисок и поради новите царини воведени од републиканскиот претседател и навестувањата во американската стратегија за национална безбедност дека европските земји можеби повеќе нема да бидат доверливи сојузници.
Холандскиот министер за надворешни работи Давид ван Вел за Би-Би-Си изјави дека ја препознава промената на светот и се надева дека трансатлантската врска ќе остане цврста. Тој додаде дека Холандија поднесува голема жртва за зголемување на трошоците за одбрана, но дека ќе треба време пред Европа да може целосно да ја преземе улогата од Американците.
Холандија беше меѓу НАТО-сојузниците кои минатата година, по повеќемесечен притисок од Трамп, се согласија да го зголемат буџетот за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Очекувањата се дека Рубио ќе избегне остар тон како минатата година, но, на прашањето дали ќе биде попомирлив, тој одговори:
„Европејците сакаат да знаат каде одиме, каде сакаме да одиме, и дали сакаме да одиме заедно со нив.“
Неколку часа пред да ја отвори конференцијата германскиот канцелар Фридрих Мерц, министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул за германската јавна телевизија изјави дека целта е заеднички да се дефинира што го држи НАТО заедно и да се покаже дека и САД има потреба од Европа.
Макрон исто така ќе се обрати на конференцијата во петок, откако минатиот месец во Давос порача дека сега „не е време за нов империјализам или нов колонијализам“.
Британскиот лидер Сер Кир Стармер исто така патува во Минхен по бурна недела во внатрешната политика, каде ќе се сретне со Мерц и Макрон, а потоа ќе им се обрати на учесниците на конференцијата.
По пристигнувањето во Минхен, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека конференцијата ќе донесе „нови чекори за заедничка безбедност – за Украина и за цела Европа“.
Руските медиуми денес го цитираа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој изјавил дека наредната рунда преговори меѓу Русија, Украина и САД, фокусирана на завршување на војната, ќе се одржи во Женева на 17 и 18 февруари. Киев и Вашингтон сè уште не ги коментирале тие наводи.
Трите земји неодамна одржаа разговори и во Абу Даби, но без видлив напредок, иако по преговорите следуваше ретка размена на воени заробеници меѓу Украина и Русија, со посредство на САД.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.

