Свет
Чиновници на Црвенковски, Костов и на Бучковски трошеле расипнички
Владата лани потрошила 13,5 милиони денари (220.000 евра) повеќе буџетски пари од дозволеното, утврдил Државниот завод за ревизија.
Александра К. Мишовска
Владата лани потрошила 13,5 милиони денари (220.000 евра) повеќе буџетски пари од дозволеното, утврдил Државниот завод за ревизија. Владите на Бранко Црвенковски, на Хари Костов и на Владо Бучковски во тој период, според ревизорите, исплаќале паушали без соодветен акт, трошеле астрономски суми за угостителски услуги и храна, а од државни пари ги полнеле резервоарите и на сопствените возила.
Ревизорскиот извештај што Заводот го објави вчера се однесува на цела 2004 година, период во кој на премиерското место прво беше Црвенковски, па Костов, а само неколку дена во декември и Бучковски, лица што според ревизорите се директно одговорни за сите неправилности во работењето.
Ревизорите утврдиле дека Владата на име месечни паушали на избрани и именувани лица исплатила 5 милиони денари, без соодветен акт од комисија што е надлежна за определување на паушалите.
Во извештајот пишува дека Владата лани неекономично трошела пари за репрезентација (пари за службени угостителски услуги).
„Исплатени се трошоци за храна на вработени во Владата во голем износ. Во текот на март и април за храна и пијалаци се платени 988.000 денари, што е 10 отсто од вкупниот фактуриран износ од Службата за општи и заеднички работи во цела 2004 година. Во таа година репрезентација користат и лица што не се на листата со такво право“, утврдиле ревизорите.
Според нив, Владата лани ангажирала лица со договор на дело, за што исплатила околу 6 милиони денари, а за тоа немало соодветна дозвола. Владините службеници под ставката „други трошоци за транспорт“ завеле 50.000 денари, за кои Заводот за ревизија утврдил дека се пари потрошени за гориво за користење сопствено возило во висина над дозволениот лимит на трошоците за одвоен живот.
Според извештајот, 16 пати вработени во Владата плаќале со мастер и картичка „дајнерс“ и за тоа потрошиле 548.000 денари, а ревизорите не успеале да утврдат кому и што е платено бидејќи не била приложена соодветна документација. Во повеќето случаи биле платени угостителски услуги.
Ревизорите тврдат дека Владата потрошила повеќе од 600.000 денари, пари со кои купиле уметнички дела и цеде-дискови, а нема документација за кого се купени. За набавките дури не била спроведена постапка за јавна набавка.
За време на периодот на кој се однесува ревизорскиот извештај се смениле и тројца владини генерални секретари. Прво на тоа место бил Миле Зечевиќ, потоа кога премиер беше Костов него го заменила Мери Младеновска, а на крајот на годината на функцијата генерален секретар во Владата дојде Снежана Станковиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

