Свет
Државата толерира даночeн криминал
Даночните малверзации и нивното толерирање од државава Европската Унија ги смета за македонски феномени.
ОСТРИ КРИТИКИ ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА
Даночните малверзации и нивното толерирање од државава Европската Унија ги смета за македонски феномени. Во мислењето што завчера стигна од Европската комисија за кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, Брисел и порачува на Владата да обезбеди еднаков третман за сите даночни обврзници.
“Феномен е што се толерираат одредени даночни обврзници, кои не плаќаат даноци и социјални давачки. Да се елиминира поддршката кон неплаќањето на даноците и на социјалните давачки. Да се осигура ефективно гонење на лицата и на компаниите што учествуваат во даночните пирамидални шеми”, децидна е Европската комисија.
Министерот за финансии Никола Поповски вчера не сакаше да ги коментира овие забелешки од Брисел бидејќи се уште не стигнал да го прочита извештајот. Тој само порача дека се додека има сива економија во земјава, ќе има и даночна евазија. Токму Поповски пролетва објави дека во земјава функционираат даночни пирамиди и најави гонење на сите субјекти што низ организирани шеми избегнуваат плаќање на даноците. Иако се проценува дека во даночната пирамида се вртат над 100 милиони евра и дека во неа се вклучени повеќе звучни имиња, во изминатите месеци беа поднесени 60-ина кривични пријави за даночен криминал во износ од над 2,5 милиони евра. Најголем дел од пријавите се против скопскиот бизнисмен Миодраг Мисајловски. Освен даночни обврзници, на одговорност не беше прозван ниеден вработен или управител во Управата за јавни приходи, која е должна навреме и редовно да ги собира даноците. Единствено кривична пријава беше поднесена против вработена во УЈП, која преку семејни фирми избегнувала плаќање на даноците.
Според професорот Живко Атанасовски од Економскиот факултет во Скопје, кој е експерт за даночна политика, оваа појава во Македонија е резултат на спрегата помеѓу бизнисот и политиката.
– Добро е што ова е забележано од ЕУ и што е посочено. Кај нас не се преземаат казнени мерки против даночни малверзации, кои и се познати на државата, поради статусот или позицијата во политиката или општеството на конкретните даночни обврзници. Не ми е познато дека во ЕУ се даваат такви даночни привилегии и дека се замижува за одредени случаи – вели Атанасовски. Тој вели дека за да се искорени оваа појава не се потребни реформи, туку промена на односот на власта, што според него, е многу потешко. Професорот Атанасовски укажува и дека УЈП не смее да дозволи нејзините служби да доцнат со наплатата на даноците од некои обврзници поради неажурност бидејќи и така се создава нерамноправен третман на економските субјекти.
Стопанствениците и порачуваат на Владата дека за да воспостави еднаков третман треба да ги укине даночните привилегии што ги имаат странските инвеститори или и домашните да ги ослободи од плаќање данок на добивка. Тие се категорични дека државата мора да има предвид дека домашните стопанственици со даноците го полнат македонскиот буџет, а не касата на некоја друга земја. Владата ги држи даночните повластици за странските инвеститори со цел да привлече што повеќе капитал во земјава. Ова не се покажа како многу атрактивна мерка бидејќи Македонија е на дното во регионот според обемот на странски инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фински политичар до малите држави: Приклучете се кон ЕУ, тоа ви носи заштита
Во рамки на дискусијата за глобалната трговија и иднината на државите во новиот светски поредок, финскиот политичар Александар Стуб даде јасен совет за обезбедување стабилност. Според него, најдобриот рецепт за помалите држави е членство во Европската унија, додека директорката на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала, истакна дека и покрај критиките, постоечкиот систем покажува отпорност.
На прашањето како другите земји би требало да постапат за да си ја обезбедат иднината, Стуб полушеговито одговорил: „Приклучете се кон Европската унија – тоа ви носи заштита“, изјавил тој.
Како што посочил дека важноста на ваквите сојузи станала уште поочигледна по заканите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд.
Стуб објасни дека царини не може да се воведат само за некои членки, бидејќи „тогаш царина од 25% би важела за целата Европска унија“. На малите и средни сили кои не се членки на ЕУ им препорача активно да се вклучат и да ги поддржат мултилатералните трговски организации, за да обезбедат одредено ниво на заштита.
Претходно, на иста тема се осврна и директорката на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала, која изјави дека иако не се согласува со едностраните потези на САД, се согласува со многу од нивните критики кон трговскиот систем.
„Системот не се развиваше, не се менуваше брзо и не реагираше соодветно на светските промени. Некои од критиките дека не функционира добро се основани“, призна таа.
Сепак, таа нагласи дека:
„И покрај огромните пореметувања и најголемото поткопување на глобалните трговски правила во последните 80 години, системот покажува отпорност.“
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.

