Свет
Деветти викенд протести против јужнокорејската претседателка
Десетици илјади жители на Јужна Кореја ги преплавија во саботата улиците на главниот град Сеул, веќе деветти викенд по ред, барајќи оставка од претседателката Парк Гуе-хе, којашто парламентот ја отповика од должноста поради корупциски скандал.
Околу двесте млади луѓе облечени како Дедо Мраз делеа дарови на собраните граѓани кои учествуваат на протесниот собир, а многумина од нив како и на минатите протести излегуваат семејно заедно со децата.
Како и на претходните протести, и овој беше одржан во весела атмосфера, со музика и говори од сцената поставена на големиот плоштад неколку квартови од претседателскиот Син дом.
„Ќе имаме среќен Божик, ако Парк Гуен-хе отстапи“, извикуваше толпата.
Парк Чанс, 25-годишен службеник облечен како Дедо Мраз за Reuters вели дека целта му е да го види крајот на претседателството на Парк Геун-хе, како и сите кои се обвинети за корупција да одговараат. „Се надевам дека во новата година оваа земја за младите ќе стане подобро место за живот“, додава.
Уставниот суд ќе го разгледува отповикувањето на претседателката, поради кршење на нејзините уставни должности, а има од отповикувањето изгласано на 9-ти декември 180 дена да одлучи дали ќе го поддржи отповикувањето или ќе ја врати на должност.
Скандалот избувна поради нејзиниот однос со блиска пријателка Чои Сун-сил. Чои е обвинета за обид да изнуди огромни суми пари од компании во Јужна Кореја. Таа, исто така, е осомничена за користење на нејзиното пријателство со претседателката Парк да користи бизнис донации за непрофитен фонд кој таа го контролира. Чои е во полициски притвор и се соочува со низа обвиненија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

