Европа
Во Германија ново апсење на исламист за планирање напад
Германската полиција во сојузната земја Долна Саксонија во четвртокот уапси припадник на исламистичка групација за кој постојат сомневања дека подготвувал бомбашки напад врз припадниците на полицијата и на војската.
„Во станот на уапсениот 26-годишник од местото Нортхајм откриени се хемикалии и електронски делови потребни за изработка на експлозивни направи. Според сопствено признание, осомничениот планирал полицајци или војници да намами во замка, и да ги усмрти со експлозивна направа“, соопшти државното обвинителство во градот Целе.
За осомничениот е познато дека е германски државјанин и дека се движел во екстремни исламистички кругови, односно дека му припаѓал на ткн братство на салафитите.
Пред околу две седмици во истиот дел на Германија беа уапсени двајца припадници на екстремната исламистичка заедница за коишто, исто така, полицијата се сомнева дека подготвувале терористички напади. Имајќи предвид дека за овие двајца не можело да се докаже дека подготвувале конкретен напад, против двајцата не е покрената кривична постапка, туку само постапка за нивно протерување од Германија, имајќи предвид дека станува збор за државјани на Нигерија и на Алжир.
Германската влада неодамна донесе одлука според којашто лицата коишто немаат право на престој во Германија и чекаат да бидат протерани, а припаѓаат на групата лица кои се сметаат за потенцијално опасни, во иднина ќе мора да носат електронски белегзии за да може да се следи нивното движење./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

