Европа
Ердоган: На Нетанјаху му претстои судбина слична како на Хитлер
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го нарече касапот на Газа, го чека судбина слична со онаа на Хитлер.
Ердоган денеска во турскиот парламент им се обрати на членовите на пратеничката група на Партијата на правдата и развојот. За време на своето обраќање тој направи паралела меѓу холокаустот, геноцидот во Сребреница и израелските масакри што тие ги вршат во Газа повеќе од половина година.
„Запомнете, Хитлер не беше сам кога го изврши холокаустот. Многу земји во Европа го поддржаа Хитлер. Додека Хитлер вршеше безмилосни масакри и геноцид, тој се чувствуваше многу силен, моќен и непобедлив. Што се случи? Се застрела во главата, а неговото изгорено тело беше пронајдено во неговиот бункер, кој беше во урнатини, како Германија“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Европа и многу земји исто така застанаа зад водачите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кога извршија масакри во Босна.
„Додека тие вршеа геноцид во Сребреница, која наводно беше под заштита на Обединетите нации, моќните земји во светот застанаа зад нив. Убија 8.372 наши босански браќа (маченици) пред очите на светот. Не ни помислуваа дека еден ден ќе треба да платат за тоа. И што се случи? Тие беа фатени, изведени пред суд и оние некогаш моќните политичари и геноцидни генерали беа повикани на одговорност. Сега чекаат смрт во затвор. „Не заборавајте, касапот на Газа, Нетанјаху, и неговите соучесници во геноцидот во Газа, порано или подоцна го чека истата судбина“, истакна Ердоган.
Ердоган потсети дека Палестинците денеска ја слават 76-годишнината од Накба и додаде:
„Ја чувствуваме тагата на Накба исто колку и Палестинците, кои порано или подоцна ќе се вратат во своите домови.
„Нетанјаху и соучесниците во геноцидот ќе одговараат за секоја пролеана капка крв. Ќе извршиме притисок врз сторителите на геноцидот да одговараат пред законот“, посочи Ердоган и додаде:
„Немојте да мислите дека Израел ќе застане во Газа. Ако оваа неконтролирачка и терористичка држава не биде запрена, таа порано или подоцна ќе се сврти кон Анадолија со илузијата на ветената земја“.
Зборувајќи за активностите за усвојувањето на новиот Устав во земјата, Ердоган рече: „Сметаме дека е корисно да се прекинат консултативните контакти и да се преземат конкретни чекори, без брзање, но и без преголемо одлагање“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од 2022 година
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров планира да ја посети Малта во декември за да учествува на состанокот на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, објави во петокот „Ведомости“ цитирајќи ја портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Тоа ќе биде негова прва посета на која било земја од Европската Унија откога Русија испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година.
Амбасадата на Малта во Русија потврди за „Ведомости“ дека одлуката да се одржи состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ на островот на 5 и 6 декември „се однесува на сите членки, вклучително и на Руската Федерација“.
„Делегациите на ОБСЕ се редовно информирани за напредокот на подготовките. Дополнителни практични детали, вклучително и покани, ќе им бидат испратени до сите делегации на ОБСЕ во догледно време“, соопшти Амбасадата.
Европа
Шпанија се подготвува за нови дождови, најмалку 158 луѓе загинаа во катастрофата
Шпанската метеоролошка служба (АЕМЕТ) издаде жолти и портокалови предупредувања за тешко погодените Валенсија и Кастелон.
Дождот, иако не се очекува да биде толку силен како оној што наврна на почетокот на неделата, претставува нов проблем за жителите. Бидејќи земјата е веќе заситена, понатамошните врнежи може да доведат до дополнителни поплави.
Катастрофата е најлошата во Шпанија во последните децении, а властите ги предупредуваат жителите дека вонредната состојба е далеку од завршена. Најмалку 158 луѓе загинаа во невремето, а спасувачките тимови сè уште трагаат во урнатините по исчезнати луѓе.
Повеќе од 1.200 работници се распоредени во спасувачка мисија бидејќи предупредувањата за дожд остануваат во сила во делови од земјата. На работниците им помагаат дронови, кои бараат знаци за живот во калта и урнатините.
Не е јасно точно колку луѓе сè уште се водат за исчезнати, но премиерот Педро Санчез ја истакна целта да се спасат „што е можно повеќе животи“ додека ги посетува погодените заедници.
Европа
Во Германија воведен закон кој дозволува еднаш годишно луѓето да ги менуваат полот и името
Законот за самоопределување стапи во сила од вчера во Германија, а тој им овозможува на граѓаните да ги променат името и полот во женско, машко или различно, што е трета опција за пол, која веќе постои според германскиот закон, со давање изјава еднаш во годината.
Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и на небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар со многубројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.
На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години родителите треба да поднесат изјава до матичната канцеларија.
Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.
Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.